Епископ стобиски Давид (Нинов): Отворено писмо до директорката на Комисијата за односи со верските заедници, Валентина Божиновска

Валентина, чув што кажа за вестите на ТВ Канал 5 (29.08.2014 год.), и бидејќи станува збор за јавно искажано мислење, сосема природно е да ти одговорам. Време наназад се покажуваш исцело неграмотна во однос на црковните прашања, но овој пат со твојот настап сериозно го спушташ ионака паднатиот углед на мојата татковина, кога станува збор за дејствителното почитување на некои делови од правниот поредок.

На одлуката на САСинодот на СПЦ да покрене црковно-судска постапка против г. Стефан, ти велиш: „Република Македонија не разговара на база на ултиматум“! Со ваквите непромислени испади ти го поистоветуваш г. Стефан со Р. Македонија, а тоа изгледа не е далеку од вистината, затоа што во продолжение, изразувајќи се во множина, откриваш по чија директива г. Стефан испраќал писмо до Црквите што не го признаваат, па велиш: „и наместо чекор напред, кога упативме писмо и добра волја од страна на МПЦ, и кога имаше вистинска „маса“ за разговор, они донесоа ваква одлука“.

Свесна ли си ти, воопшто, дека со ваквите твои неартикулирани изјави го подриваш уставниот поредок на Р. Македонија и го укинуваш нејзиниот секуларен карактер, според кој верските заедници, па и МПЦ, се одвоени од државата и се еднакви пред законот (Член 19, Устав на Р. Македонија)! На местото на коешто те поставиле, ти, едноставно, не смееш да поистоветуваш ниту една верска заедница со државата, туку треба да ги спроведуваш напредните цивилизациски придобивки за почитување на неприкосновената човекова слобода и, согласно на Уставот, да ја гарантираш слободата на вероисповеста на сите граѓани на оваа држава, а не да изигруваш недоветна.

Твојата неписменост, пак, кога станува збор за Црквата, е пословична. Неуспешно се обидуваш да ја покриеш со евтина импровизација и тоа навистина изгледа смешно. Ти тврдам дека секоја бабичка од МПЦ е црковно пописмена од тебе. Згора на сѐ, си земаш за слобода Црквата Христова, т.е. Православната Охридска Архиепископија, да ја нарекуваш „расколничка“! Од такви персони каква што си ти, дури ми годи! Но, ова ти го пишувам за да те заштитам од тебе самата, бидејќи очигледно на човека никој не може да му нанесе толкаво зло, колку што тој може да си нанесе самиот на себе си! Затоа, сепак, биди внимателна, бидејќи следниот пат кога јавно ќе го повториш тој израз, ќе ти напишам ново отворено писмо во кое ќе ти поставам некои прашања од областа на еклисиологијата и духовните закони, кои доколку не ги одговориш, ќе значи оти си сфатила дека чекориш по многу тенок мраз!

Да имаше елементарна култура, каква што немаш, ќе знаеше дека во правниот сообраќај на Р. Македонија името на Претстоителот на Православната Охридска Архиепископија е Јован. Можеш да провериш во неговиот пасош. Ти си државна службеничка, сигурно ти е достапен! Вака и почитувањето на домашниот правен сообраќај за тебе е виша математика.

И, за крај, уште нешто! После ова писмо до тебе, ќе дојдеш ти да ми ставиш лисици или сам да си купам!