Рождество на Пресвета Богородица

пресвета богородицаДенешниов ден е причина за духовна радост. Денес го празнуваме рождеството на Богородица и Приснодева Марија, рождеството на тој прекрасен и благоухан цвет, којшто изникна од „коренот Јесеев“. Го празнуваме рождеството на радоста за сета вселена (παγκοσμίου ευφροσύνης γενέθλιον), во коешто е почетокот на сите празници и почетокот на тајната Христова, како што велат некои од Отците. Ова рождество стана почеток и на воздвижението, на пресоздавањето, на разубавувањето и обновувањето на сė што постои.

Денес се раѓа Таа, којашто во времето, на неискажлив и парадоксален начин го роди безвремениот и предвечниот Бог Логос, Создателот и Спасителот на светот. Сета твар го очекуваше Нејзиното рождество. Ова најново создание не беше само најдобрата девојка на земјата, ниту само најдобрата девојка на сите епохи, туку беше Таа, Единствената, којашто можеше да го симне небото на земјата, да го направи Бога човек.

Нејзиниот живот беше полн со измачувања, но Таа со радост во очите и ненаметливо поднесуваше сė, дури и без очај ридаше над телото Христово под крстот. Секој човек, низ животот се соочува со свои лични распетија. Запишани се зборовите на Богородица во Евангелието, на свадбата во Кана Галилејска: „што ќе ви каже (Христос), направете“. Тие зборови се утехата за секој човек и сила за надминување на искушенијата.

Пресвета Богородица нека ги благословува сите луѓе и нека дава сила во сите денови од животот. Нека дарува преумување и вистинска љубов и нека ги удостои децата нејзини со Небесното Царство, кадешто му соцарува на нејзиниот Син, сега и секогаш и во вековите на вековите.