Кавафис: Термопилите

Чест на оние кои со животот

им омиле да ги чуваат Термопилите.

Никогаш од таа должност не одделувајќи се,

праведни и еднакви во сите дела нивни,

но, дури со тага и благоутробие;

храбри кога се богати; и кога

се сиромашни, пак не помалку храбри,

повторно крепејќи се колку што можат;

секогаш вистината говорејќи ја,

згора, и без омраза за лажливците.

И повеќе чест им приличи

кога предвидуваат (а, мнозина предвидуваат)

како Ефијалтис ќе се покаже на крајот,

и Мидијците конечно ќе минат.

– – –

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Κ. Π. Καβάφης, Τα Ποιήματα (1897-1933), Θεσσαλονίκη, 2008.

http://www.kavafis.gr/poems/content.asp?id=150&cat=1

Кавафис ползува битен историски настан, како симбол преку кој го покажува возвишениот етички кодекс. Во преносна смисла, слично како Диоген, секој човек ја има доблеста – да ја бара слободата и да се бори за да не му биде одземена слободата. Затоа, сиот товар на песната се наоѓа во последните стихови: дури и да видиш дека ќе бидеш „поразен“, да се бориш до крај.