Никос А. Мацукас: Култура

Ретко се грижиме да ја расчистиме смислата со една описна терминологија пред да ги развиеме нашите ставови во однос на одредена тема. Оттука и многупати несовладливите потешкотии, кога велиме дека учествуваме во дијалог.

Во советот на Аристотеловиот Универзитет, кога се водеше разговор за Културната престолнина на Европа – Солун 1997 год., еден колега, претпоставувам од Техничкиот факултет, доволно разгневен, извика: не знам што подразбирате вие под култура, но за мене култура е технологијата.

Го разбирам жалењето и наивната дрскост на некои технократи, но нештата со едно расчистување, можат да бидат чудесно осветлени.

Начелно, да кажеме дека културата е сето тоа што во животот го произведува на пр. една заедница или еден град, независно од глобализацијата и промените. И во дадениов случај најважното не е ништо друго, туку однесувањето: пријателството, љубовта, човештината, мирот, почитувањето, жртвата, саможртвата, еросот и т.н. И сето ова претставува сечовечка вредност, и секогаш се остварува во породилните болки и скрбта (ωδίνων και οδυνών)! Во овој амбиент на креативно однесување се појавуваат научни творештва: игра, музика, песна, празници – празник е и секоја религија, зданија, украси, слово, јазик и т.н., и т.н.

Овој начин на живот целосно или речиси целосно е ослободен од секој облик на насилство, злоупотреби и власт; и, секогаш ги обединува народите. Тоа е темелната одлика на културата, со други зборови на творештвото. Дури и во збрката на катастрофата, културата е двигател за креативни дела. Следствено, колку повеќе слободно време на луѓето им овозможува организираноста на општеството, толку поповолни стануваат условите за издигнување на културата.

Ќе речам, значи, дека технологијата, и тоа високата, каква што ни е добро позната денес, самата по себе и, згора на сѐ здивена, не е култура бидејќи природно е оптоварена со моќна злоупотреба на власт, со крајна напнатост и експлозивност. Не знам ни колку нѐ ослободува од династијата на времето, барем во одредени критични случаи. Сигурно, искористувачката технологија во културните настани, со други зборови облагородувачки, станува благословена култура, меѓутоа и измачувачка, тешка камата. Тоа возбудливо ни го кажува Аристотел во неговата Политика (Πολιτικά Δ΄ 1295b). Еден град на робови и владетели, на завидливци и потценувачи (φθονούντων και καταφρονούντων), во целост е збир на неслободни луѓе, без пријателство и граѓанска заедница.

Со ова во себе, бев близу да страдам додека читав, а бев упорен да завршам, една дебела книга на еден западен истражувач, којшто ја осудуваше Православната Црква и нејзиното монаштво во однос на културата. Ни вели, значи, овој писател, како откритие Архимедово или Галилеово, дека оваа Црква и главно монаштвото непријателски се отсекоа од културата! И, откако излеа мастило и пот, конечно не ни кажува конкретно што подразбира под култура! Најпрво, несреќникот не сака да знае дека во нејзиниот историски пат Црквата Христова, за да е исправна Црква, не стануваше толку лесно компатибилна со културата и воглавно со нејзините видови на власт од кои е прогонувана. Што прави, значи, на зборови мудриот истражувач? Зелник без зелка. Оттука, наместо да пишува дебели книги, нека ги отвори своите очи во еден манастир, на пр. на Света Гора, за да види зданија со восхитувачка убавина, живописна архитектура, елегантност, прозрачност, целото Свето Писмо изобразено со мајсторски живопис, мир, човечка мерка, подвиг, начин на живот.

Со други зборови, сето ова и останатото, може да го споредува со провокативниот разбојнички отпад, со огромните, во градовите промашени згради на западната култура, кадешто недостасува движење, удобност на просторот и радост (η κίνηση, η άνεση του χώρου και η χαρά), според Никос Кавадиас. Ова, значи, не е култура, и дејствително не е лекување на културата на целото човештво? Си помислив дека тој човек треба да биде казнет, но бидејќи во голема мера се уморил за да спои толку историски карикатури, си реков на крајот дека не е потребно да му се обрнува внимание.

превод од грчки јазик: Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид

Од: Νίκου Αθ. Ματσούκα

Ο Θαμπός Καθρέφτης, πεζά-ποιήματα

Εκδόσεις Π. Πουρναρά, Θεσσαλονίκη 2000

текстот е објавен во периодиката „Соборност”, бр. 40 – 42, 2014