Епископ стобиски Давид: Христос се роди!

Божик

Отрок ни се роди, Син ни се даде, и власта ќе биде на рамењата Негови, а името Му е: Чудесен Советник, Крепок Бог, Отец на идниот век, Господар на мирот (Исаиј 9. 6). Вака пророкуваше пророкот Исаиј, седум векови пред Рождеството Христово, навестувајќи го настанов, којшто ние, денес, го празнуваме. Истиот пророк ќе изглаголи: Самиот Господ ќе ви даде еден знак: глејте, Дева ќе зачне и ќе роди Син и ќе биде наречен Емануил – со нас е Бог (Исаиј 7. 14).

За Рождеството Христово се пророкуваше векови пред да се пројави Тајната на Божествениот Домострој. Еве, слушнете ги и пророчките стихови на пророкот Михеј, кој вели: и ти, мал Витлееме Ефратов, иако си од најмалите градови на Јуда, јас ќе направам од тебе да произлезе Оној што ќе стане Господар на Израилот. Потеклото Негово е од дамнина, го надминува почетокот на деновите на создавањето (Михеј 5. 2). Во ова пророчко слово слушаме и за местото на раѓањето Христово, значи Михеј ни говори дека Детето што ќе се роди е предвечниот Бог и истовремено ни предочува дека токму Витлеем е местото на раѓање на Богоотрокот.

Неочекувани се начините на коишто дејствува Господ. Непоимливи за ограничената логика човекова. Човекот сака сѐ да смести во неговиот рационалистички калап, притоа често исклучувајќи ја целосно онаа димензија на неговото постоење, која ја подразбира ирационалноста и екстатичноста на Љубовта. Рождественскиве настани ја потврдуваат таа вистина. Христос, Спасителот на светот, не доаѓа во историјата на човештвото, како што мнозина би очекувале, значи, како војсководец или моќен владетел. Очигледно е дека Вочовечувањето на Логосот Божји е поврзано со многу неповолни услови, со различни безизлези. Текстот на Евангелието за Рождеството ни открива дека промислата Божја покажува првопројавени патишта.

Но, тоа важи и за човечката историја! И за нашата лична! Зар не се наоѓаме денес и ние како Црква во историски околности слични на оние што се опишуваат со евангелската реченица, која се однесува на раѓањето Христово и гласи: за нив немаше место во гостилницата (Лука 2. 7)? Но, затоа, сето тоа што тогаш се збидна, денес претставува прототип за начинот на живот, барем за оние луѓе што дејствително веруваат во Христа. Творечки подражавајќи го Христа, во метафорична смисла на изразот, ќе поминеме и ние низ сите неповолности со кои Он се соочуваше уште од Неговото раѓање, за да дојдеме до Воскресението! Многупати сме рекле и сега ќе повториме: подобро е да сме во кожата на оние што трпат неправди и страдања, отколку во кожата на оние кои ги нанесуваат неправдите и страдањата!

Каде се наоѓа Христос?, ги праша Ирод мудреците од Исток, на кои им порача убаво да истражат, да Го најдат и во продолжение да му дадат известување за и тој да отиде и да Му се поклони.

Каде се наоѓа Христос? Зар ова исто прашање не бива поставувано и денес!? Луѓето бараат да Го најдат Христа, да проникнат во сржта на животот, во смислата, надежта, мирот, вистината, да продрат во патот на Воскресението.

Го бараат Богоотрокот Христа во објектите, кадешто трговците од овој свет и век ги имаат распослано сите примамливи амбалажи на земјата. Но, Христос не се наоѓа во секојдневното слугување на потрошувачкиот менталитет.

Го бараат Богомладенецот Христа во задоволувањето на трулежното и суетното, но егзистенцијалната жед не бива задоволена, бидејќи суетното и распадливото не можат да претставуваат основа и смисла на човековото битисување; згора на сѐ – тие се измама!

Го бараат Богочовекот Христа во стихиите на овој свет, коишто продаваат надеж со рекламното мото: еве, надежта е наша сопственост, вие треба само да ја платите. Луѓето ја плаќаат таквата надеж, често и со сопствениот живот! А, ја продаваат оние, кои сѐ имаат запечатено со суровост, со омраза, со презир и фанатизам.

Сепак, надежта не е на продажба. Нова надеж нам ни се раѓа денес! Богоотрокот Христос е нашата Надеж!

Рождеството Христово ни открива нова димензија на нашето постоење. Светиот Јован Богослов пишува: Во почетокот беше Логосот, и Логосот беше во Бога, и Логосот беше Бог… и Логосот постана тело и се насели помеѓу нас (Јован 1. 1,14). Евангелистот фрла светлина на Тајната на Воплотувањето и го предочува премостувањето на онтолошката провалија, која претходно постоеше помеѓу човекот и Причината за неговото постоење т.е. Бога, та стануваме учесници во надминувањето на невозможното. Некој од отците велат: кадешто сака Господ, се надминува поредокот на природата, повикувајќи нѐ, значи, да ја созерцуваме подлабоката смисла и да согледуваме низ нејзината перспектива.

Спротивно на афинитетите на разните философски системи од древноста, Логосот кај светиот Јован Богослов прима едно теолошко значење. Логосот е Христос, Создателот на сѐ, Светлината и Животот на човештвото, Којшто стана човек за спасението на човештвото. Но, што претставува спасението и зошто му е потребно на човекот? Човекот е создаден εκ του μη όντος, ни од што, та затоа може да заврши во небитие, или, пак, во постојано восовршување, односно во спасение како непрекинливо учество во божествените енергии на жизнедателот Бог, којшто е единствен бесмртен.

Бесконечниот и недостижен Бог, еве, ја прими човечката природа, со што без престан го нагласува неизмерното достоинство на човекот! Конечно, каде, значи, е возможно за луѓето да Го најдат Христа?

На Рождество Христово ако сакаме да Го сретнеме Христа, ајде да влеземе во пештерата на срцето, и не само денес! Христос се наоѓа во срцата на верните, согласно на зборовите: Царството Божјо е внатре во вас (Лука 17. 21).

Христа Го наоѓаме во евхаристиските собранија на Соборната Црква. Во оваа наша Соборност на Црквата го среќаваме пророкуваниот, вотеловениот, распнатиот, прославениот, живиот Христос, Којшто е различен од оној со којшто се користат надвор од Единството и надвор од Соборноста на Црквата.

Светиот Апостол Петар го нарекува срцето – скриен човек, служејќи се во неговите посланици со изразот: скриениот човек на срцето (1Петар 3. 4). Во Преданието на Црквата, покрај телесен орган, под срцето се подразбира и метафизичкото средиште на нашето битие, коешто е кадарно да се соедини со Бога, Изворот на секое битие.

Да го примаме Богоотрокот Христос во нашите срца и да бидеме неговите радосни деца, во Отца, преку благодатта на Духот Свети, сега и секогаш и во вековите на вековите. Христос се роди!

во Манастирот Успение Богородично, Скопје, 07. 01. 2015 г.