Велики Понеделник: на Прекрасниот Јосиф.

крајно смирение

Од денес почнува неделата на страдањата Христови.

Праобраз Господов, на когошто денес се сеќаваме е Прекрасниот Јосиф (Битие. 37 – 50).

Прекрасниот Јосиф беше најмалиот и највозљубен син на Патријархот Јаков. Неговите браќа го замразија и најпрвин го фрлија во длабока јама, та користејќи една крвава облека го измамија нивниот татко, велејќи му дека Јосиф бил растргнат од некој ѕвер. Во продолжение го продадоа за триесет сребреници на трговци, коишто, пак, го препродаваат на Петефриј, управник при египетскиот цар.

Јосиф беше прекрасен и во него се вљуби жената на Петефриј, којашто насилно сакаше да го вовлече во беззаконие. Штом таа го зграпчи целомудрениот Јосиф, тој ја остави во нејзините раце неговата наметка и побегна. Таа, пак, од гнев, го наклевети кај нејзиниот сопруг, лажејќи го дека Јосиф бил тој што имал нечесни намери. Петефриј ѝ поверува и го затвори Јосифа.

Потоа, се случи царот египетски да види чуден сон и да побара толкувач. Бивајќи просветлен од Бога, само Јосиф можеше да го протолкува значењето на сонот: ќе следуваат седум години плодност и седум години бесплодие и глад. Се восхити фараонот од мудроста Јосифова и го постави за господар во Египет. Јосиф раководеше беспрекорно и во тешките времиња се грижеше народот да не остане гладен. Се случи, после многу години, по повод продажбата на пченицата, во Египет да се појават неговите браќа, кои му беа завиделе и кои го продадоа. Прекрасниот Јосиф не се постави кон нив со омраза и одмаздољубивост, но напротив со братска љубов ги повика да дојдат во Египет.
Тој е, значи, праобразот Христов, бидејќи и Он, возљубен од Отецот, пострада од единородните Јудејци, беше продаден од Неговиот ученик за триесет сребреници и беше затворен во длабока јама, во гробот.

Исто така, денес си спомнуваме за неплодната смоква, којашто ја проколна Господ (Матеј. 21. 19, и, Марко. 11. 13), и таа веднаш се исуши. Смоквата ја симболизира, колку синагогата на Евреите, којашто немаше духовни плодови, толку и човекот кој нема доблести.

Христос, земајќи ја како повод недоумицата на учениците, ги поучуваше на големата моќ на верата, која, кога е придружувана од внатрешниот жар и отсуството на двоумење, може да постигне незамисливи нешта. Им рече: „Вистина ви велам: ако имате вера и не се посомневате, ќе го направите не само тоа што се случи со смоквата, туку, ако и на оваа планина ѝ речете да се подигне и да се фрли во морето, тоа ќе се збидне“ (Матеј. 21. 21). Оваа вера Црквата сака да ни ја пренесе нам.
Може да се сретне уште и толкувањето дека неплодна смоква е онаа душа на којашто ѝ е туѓ секој духовен плод; којашто Господ наутро, т.е. после овој живот, не наоѓајќи се Себе во неа, ја исушува со клетва и ја фрла во оган вечен – и таа постанува како некаков исушен столб, којшто ги застрашува оние, коишто не донесуваат плодови достојни на доблести.

Химнографијата, денес, се однесува на овие две гореспомнати теми, но и на темата на двигот Господов кон страдањата. Од тропарот: „Се Жених грядет в полунощи…“, богослужбите од Великиов Понеделник до Великата Среда се нарекуваат: „Богослужби на Женикот“.

превод: ст. Д., од: Ορθόδοξος Συναξαριστής