Велики Вторник: на Десетте Девојки.

Денес си спомнуваме за десетте девојки од познатата парабола Господова (Матеј. 25. 1, 13). Црквата нѐ повикува да бидеме подготвени да го пречекаме Небесниот Женик Христа, Којшто ќе дојде одненадеж; или, конкретно, во мигот на нашата смрт, или, општо, при Второто Пришествие; значи, да го пречекаме држејќи ги запалени свеќите на нашите доблести. Исто така, оприсутнувајќи ја параболата со талантите (Матеј. 25. 14, 30), нѐ повикува да ги негуваме и да ги умножуваме даровите, коишто ни ги дал Господ.

Нашиот Господ, Иисус Христос, кога се искачуваше во Иерусалим, приближувајќи се до волните страдања, на учениците им раскажуваше одредени параболи, за да ги подготви. Една од нив е и денешната за десетте девојки, која ја раскажа за сите да ги поттикне на милост, но и сите нас да нѐ поучи да бидеме подготвени за моментот на доаѓањето на смртта.

Славна е девственоста, но за да не се случи некој да го прави подвигот на тоа големо дело, а да ги запушти другите, особено милоста, затоа, денес ни се оприсутнува токму оваа парабола. Минува многу брзо ноќта на овој живот; така, девојките задремаа и заспаа, што значи умреа, бидејќи смртта се нарекува уште и сон. Во сонот, среде ноќта се слушна силен глас кој велеше: „Еве го Женикот, доаѓа! Излезете сите да го пресретнете!“ Тогаш, мудрите девојки, коишто се беа погрижиле да имаат обилно од скапоценото масло, го пресретнаа Женикот и кога се отворија вратите влегоа внатре со Него. Тие, значи, заедно со доблеста на девственоста, се погрижија да го имаат и скапоценото масло на милоста. Сосема спротивно, другите пет девојки, коишто немаа доволно масло, кога се разбудија, бараа од мудрите, но после смртта не е лесно да купиш масло од оние кои го продаваат, т.е. од сиромашните. Параболата, вториве девојки ги нарекува неразумни, бидејќи, постигнувајќи го потешкото, го запуштија полесното, оти имаа немилостиви срца.

Оној, значи, којшто постигнал една доблест, па нека е и голема, но не се грижи за останатите, особено за милоста, не може да влезе заедно со Христа во вечното успокојување, туку останува посрамен. Ете, колку е тажна и колку е срамна девственоста, којашто е победена од острастеноста кон богатството!

превод: ст. Д., од: Ορθόδοξος Συναξαριστής