Велика Среда: помазувањето на Христа со скапоцено миро.

Денес си спомнуваме на помазувањето со скапоценото миро, коешто врз главата Христова го излеа една жена блудница (Марко. 14. 3, 9). Исто така, ни се оприсутнува и свикувањето на синедрионот јудејски, т.е. нивниот висок суд, кој одлучи Христос да биде осуден, како и плановите на Јуда да го предаде Учителот.

Кога Христос се наоѓаше во куќата на Симон лепрозниот, му се доближи една жена блудница и на главата Негова излеа скапоцено миро. Цената на мирото беше околу триста динарии, значи многу скапо ароматично миро, та затоа учениците и негодуваа, а особено Јуда.

Но, Христос ја заштити жената, за учениците да не ја спречат во нејзината добра намера. Во продолжение, Христос се осврна на Неговиот погреб, велејќи дека токму со излевањето на мирото жената го помазала Неговото тело за погреб и ѝ оддаде голема чест, посочувајќи дека нејзиното доблесно дело ќе се проповеда низ сета вселена.

превод: ст. Д., од: Ορθόδοξος Συναξαριστής