Велики Четврток: Тајната Вечера.

Денес си спомнуваме на: миењето на нозете на Апостолите, коешто го изврши Господ; на Тајната Вечера, т.е. како Господ нам ни ја пренесе Тајната на светата Евхаристија; на молитвата Господова кон Отецот; и, на предавството Јудино.

Таа вечер, пред да започне вечерата, Христос стави вода во мијалникот, Самиот направи сѐ и им ги изми нозете на учениците. Негови се зборовите: „кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга“ (Матеј. 20. 27). Неговите поуки се однесуваа: – на неопходноста од меѓусебна саможртвена љубов, и – на небарањето првенство.

Потоа, востановувајќи ја Литургијата и Светата Причест, го зеде лебот во Неговите раце и рече: „Земете, јадете, ова е Моето Тело“, ја зеде и чашата со вино, и рече: „Пијте од неа сите, ова е Крвта Моја на Новиот Завет, која за вас и за мнозина се излева, за отпуштање на гревовите“ (Матеј. 26. 26, 28). Овие зборови можат да се слушнат на секоја Света Литургија, чијшто централен дел е Светата Причест.

Јуда, пак, веднаш потоа си замина и се договори со првосвештениците да го предаде.
После Тајната Вечера, Христос отиде со учениците на Елеонската гора, кадешто се молеше, а потта негова како капки крв паѓаше на земјата. Само што ја заврши молитвата, дојде Јуда со вооружени војници, и откако го поздрави и лукаво го целива Неговиот учител, Го предаде.

Го заробуваат Христа и со врзани раце го носат врзан пред првосвештениците Анна и Кајафа. Петар го следи, но и тој трипати одрекува дека е Негов ученик.

Божествениот Учител се наоѓа пред беззакониот синедрион, бива испитуван за Неговото учење, бива заколнат да каже дали е Он навистина Христос и откако ја кажува вистината, бива осуден на смрт заради богохулство.

Потоа го плукаат и го удираат до утрото.

превод: ст. Д., од: Ορθόδοξος Συναξαριστής