Епископ стобиски Давид: Се противам на секое насилство, особено на заканите по живот, а вклучително и на шлаканиците

епдОд 2002 год., до денес, сведочам за непобитниот факт: државниот апарат само создава привид, но во нашава татковина дејствително не постои целосно почитување на слободата на вероисповед.

Од 2002 год., до денес, државниот апарат го приредува или охрабрува следново: Архиепископот охридски Јован беше во затвор 12 пати, осудени се Епископи, свештеници, монаштво и припадници на Православната Охридска Архиепископија, рушени се храмови, тепани се свештеници и монахињи, попречувани се погреби… конечно, судот сѐ уште одбива да ја регистрира нашата Архиепископија.

Ваквиот однос на државниот апарат го охрабрува и следново: денес, само заради јавно искажано мислење, како конструктивен придонес при решавањето на проблемот на непризнатата МПЦ, новинарот Зоран Бојаровски доби закани по неговиот живот, а закани беа упатени и кон неговото семејство!

Ја упатувам мојата сесрдна поддршка кон новинарот Зоран Бојаровски и неговото семејство, и, без исклучок, кон сите новинари (актуелени се заканите и кон Борјан Јовановски), коишто добиле било какви закани! Се застапувам за слободата на изразување и ќе го бранам правото на изразување дури и на оние новинари, коишто повеќе од една деценија, без да ја чујат и „другата страна“, упорствуваат во изрекувањето клевети и закани против мнозина припадници на Православната Охридска Архиепископија.

Сметам дека и за најлошото мислење е подобро да постои слобода да биде изразено, отколку да биде забрането.

Како човек Христијанин, се противам на насилството од било кој вид, особено на заканите по живот, а вклучително и на шлаканиците. Познато е дека христијанското предание, таквите закани ги има окарактеризирано како „одбрамбено оружје на оние што имаат комплекс на пониска вредност, бидејќи не можат да ја покријат сопствената голотија и сопствената ништожност, та се обидуваат да ги оцрнат оние, коишто се наоѓаат повисоко од нив.“

Без почитувањето на верските слободи невозможно е да постои функционална демократија. Демократијата во којашто нема да се почитуваат верските слободи на сите подеднакво, без разлика на националната припадност и без разлика на личниот избор, секогаш ќе биде карикатура од демократија.

Токму сега е мигот нашето општество да ги преобрази во автентична слобода досега непреобразените религиски претензии на транзиционата политика и политичката дресура на некои регистрирани верски заедници.

– – –

МПЦ меѓу аргументите на патриотите и заблудите на „патриотите“:  http://www.plusinfo.mk/mislenje/460/mpc-megju-argumentite-na-patriotite-i-zabludite-na-patriotite

Смртни закани за Зоран Бојаровски после колумната во „Слободен печат“ и „Плусинфо“: http://www.plusinfo.mk/vest/23128/galerija-smrtni-zakani-za-zoran-bojarovski-posle-kolumnata-vo-sloboden-pecat-i-plusinfo