Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид: Обраќање на 17-годишнината од хиротонијата во Архиерејски чин на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован

нп

Ваше Блаженство, Архиепископе на најсветата Охридска Архиепископија и Митрополите Скопски г.г. Јован, неизглаголива радост ни происходи од денешнава прослава и учество во евхаристисково собрание на кое Вие претстоите, а коешто, бездруго, претставува средиште, срж, епицентар на животот на нашата помесна Црква. Воопшто речено, нашите евхаристиски собранија, кои се објава на црковното Единство на нашиве простори, од Охрид до Скупи, преку Баргала, и од Хераклеа, преку повардарието, до Тивериопол, сведочат дека луѓето во Соборноста на Црквата не се случајно натрупана толпа, не се хаотична маса потхранета од земната политика, поттикната од трулежните пориви. Суштината на православната еклисиологија е недвосмислено јасна – Црквата е таму, кадешто верниот народ е во Единство со својот Епископ во светата Литургија! Се подразбира, пак, дека тој Епископ е во литургиско Единство со сите канонски Епископи! Затоа некои теолози православната еклисиологија ја именуваат уште и како евхаристиска еклисиологија. Следствено, јасно е дека Црквата е Телото Христово, Црквата се верните луѓе причестени на Евхаристијата, која ја принесува нивниот Претстоител, којшто не е „функционер“, туку a priori харизматична личност, која го негува поредокот на Црквата и ја исполнува волјата Божја. Во што се состои поредокот и која е волјата Божја? Одговорот ни го дава самиот Христос во Неговата Првосвештеничка молитва, кога обраќајќи му се на Отецот, вели: оние кои си ми ги дал, сите едно да бидат, како што сме ние (Јован 17. 11).

Continue reading “Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид: Обраќање на 17-годишнината од хиротонијата во Архиерејски чин на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован”