Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид: Обраќање на 17-годишнината од хиротонијата во Архиерејски чин на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован

нп

Ваше Блаженство, Архиепископе на најсветата Охридска Архиепископија и Митрополите Скопски г.г. Јован, неизглаголива радост ни происходи од денешнава прослава и учество во евхаристисково собрание на кое Вие претстоите, а коешто, бездруго, претставува средиште, срж, епицентар на животот на нашата помесна Црква. Воопшто речено, нашите евхаристиски собранија, кои се објава на црковното Единство на нашиве простори, од Охрид до Скупи, преку Баргала, и од Хераклеа, преку повардарието, до Тивериопол, сведочат дека луѓето во Соборноста на Црквата не се случајно натрупана толпа, не се хаотична маса потхранета од земната политика, поттикната од трулежните пориви. Суштината на православната еклисиологија е недвосмислено јасна – Црквата е таму, кадешто верниот народ е во Единство со својот Епископ во светата Литургија! Се подразбира, пак, дека тој Епископ е во литургиско Единство со сите канонски Епископи! Затоа некои теолози православната еклисиологија ја именуваат уште и како евхаристиска еклисиологија. Следствено, јасно е дека Црквата е Телото Христово, Црквата се верните луѓе причестени на Евхаристијата, која ја принесува нивниот Претстоител, којшто не е „функционер“, туку a priori харизматична личност, која го негува поредокот на Црквата и ја исполнува волјата Божја. Во што се состои поредокот и која е волјата Божја? Одговорот ни го дава самиот Христос во Неговата Првосвештеничка молитва, кога обраќајќи му се на Отецот, вели: оние кои си ми ги дал, сите едно да бидат, како што сме ние (Јован 17. 11).

Рековме, Отците на Црквата нагласуваат дека Епископот не е само управител и некој кој ја разубавува Литургијата, туку е единствен Претстоител на Литургијата. Не е возможно да се замисли Литургијата, доколку не се совршува во негово име! Не е возможно свештеникот да служи некаква негова „презвитеријанска“ Литургија, која не би се служела во име на неговиот канонски Епископ! И бидејќи од Евхаристијата извира животот на Црквата, тогаш и духовното очинство, и исповедта, и севкупниот светотаински живот на Црквата не е независен од харизматичната дејност на Претстоителот на помесната Црква! Логично е, тој што слуша, да праша зошто на почетокот на денешново обраќање го предочуваме сето ова? Затоа што од претходнореченото поимаме дека главната, првичната, суштинска дејност и посветеност на Епископот е – како зеница во окото и по секоја цена да ги чува Единството на Црквата, преку заедничкото служење Литургија со претстоителите на сите помесни евхаристиски собранија. Тоа е суштински битно, особено затоа што не смее да се заборави дека споменатото Единство на Црквата е стекнато со пролевање на самата крв Христова, како што и Црквата не се гради само со поставување крстови, полиелеји или шандани, ниту само со ѕидање параклиси и конаци, туку првенствено со творечко подражавање на саможртвената љубов Христова и со дејствително чување на црковното литургиско Единство.

Ваше Блаженство, имајќи го во вид претходнореченото, секогаш во живо сеќавање ни останува дека на денешен ден, на 19 Јули 1998 г., на денот на Вашата хиротонија во Епископски чин, со сопствениве уши Ве чувме како ги изговоривте следниве полнозначни зборови, велејќи: Господ нека ми даде благодат и енергии, онака како што само Тој знае, та свештенослужејќи го Словото и принесувајќи му благодарност од сиот народ, да допринесам за единството на Црквата, толку неопходно во ова време на изопачени вредности; до последен здив да работам на единството како на помесната, така и на Црквата во целата вселена.

И, откако ги изрековте тие слова, што се збидна?!

Во Вашата скромност, Вие не се фалите со крвта што ја пролевате за Единството на Црквата, не се фалите со сето тоа што се случи и што сѐ уште се збива. Но, Соборната Црква се фали со таков Претстоител каков што сте Вие и пофалбата нејзина се пренесува по целата земја, нејзините зборови се слушаат до краиштата на вселената. Откако, значи, ги изглаголивте тие заветни глаголи во Вашата пристапна Епископска омилија, многупати се најдовте во опасност од разбојници, во опасност од својот род, во опасност по градови, во опасност меѓу лажни браќа. Моќниците од овој свет и век Ве гонеа и Ве затвораа! Sвечкаа со оружје, фрлаа оган, го уриваа тоа што беше издигнато со последната лепта. Не еднаш, не двапати, не трипати, туку многупати бевте затворан во темница. Сведочиме дека ниту еднаш од Вашата уста не излезе грд збор за оние кои Ве гонеа и продолжуваат да Ве гонат Вас и Црквата на која ѝ претстоите. Напротив, Ваши се зборовите дека: портите од нашите срца треба секогаш да бидат отворени за нив, ако сакаме да бидеме Христови, какви што и сме!

Поминавте 220 денови и ноќи во студот на затворот, под лажното обвинение дека сте распалувале национална омраза. Но, така, исцело му се вподобивте на Христа, којшто и самиот беше лажно обвинет и затворен, кога првосвештениците и римската власт се здружија против Него. Само за такви клевети беа кадарни непријателите на Соборноста, за јасно да се види дека нивните сетила не се извежбани да созерцуваат дека Вие со целосна предаденост му служите на Христовото Евангелие, кое не го ограничува, ниту го заробува човека во распадливоста на неговата биолошка даденост.

Во често неспиење, глад, труд и маки, повторно поминавте 256 денови и ноќи во Идризово, и на тој затвор ликуваа сите на кои им се непознати зборовите Христови: одете од мене… оти во затвор бев и не ме посетивте (Матеј 25. 41-43). А, Ве фрлаа и во самица, само за на Богојавление да не им го фрлите крстот на затворениците, кога тие со метафизички копнеж ја молеа неумоливата затворска управа, Архиепископот Јован да им го фрли крстот за да им се ублажат страдањата. Истата управа и нам ни забрануваше да Ве посетиме и да Ви донесеме света Причест во Идризово, но и покрај сѐ Вие ја испишувавте Вашата слобода во затворот, усрдно вежбајќи се во подвигот да се откажете од гномичката волја и Вашата волја да ја поистоветите со волјата Божја. Ете, оттука е јасно дека затоа, и го постигнавте, и го негувате Единството! Заради таа јакововска борба, кога, сепак, еднаш Ве посетивме во Идризово, не можевме да Ве познаеме, колку бевте ослабен!

И повторно, ползувајќи лажни сведоци, Ве фрлија 1147 денови и ноќи во темница, како 1147 пати да бевте удиран со стапови, каменуван, напаѓан! Кој се соблазни, а Вие да не горите? И уште многу други зла Ви беа приредени, но како што велат светогорските старци, Вашиот ум постојано беше фабрика за производство на добри, убави мисли, Вие постојано бевте со добра волја во немоќта, во потсмевите, во тешкотиите за Христа, држејќи се до исконското, до апостолското, дека кога сте слаб, тогаш сте силен (види: 2Кор. глави 11 и 12).

Возљубени, затоа, парафразирајќи го светиот Григориј Богослов ќе кажеме дека Јован Архиепископот Охридски фалејќи го, ние добродетелта ја фалиме, бидејќи исто е него и доблеста да ги пофалиме!

Блаженејши, како новопројавен теолог на Единството ја опфативте во себе доблеста за која зборуваме. А, фалејќи ја доблеста, Бога го фалиме кој, според Вашите зборови, Ви дава благодат и енергии и на Вас ја исполнува православната перспектива и блаженство: блажени сте вие кога ќе ве срамат и прогонуваат, и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови, лажно, заради Мене! Радувајте се и веселете се, зашто голема е наградата ваша на небесата! Така ги гонеа и пророците, коишто беа пред вас (Матеј 5. 11, 12). Затоа, и тука, и сега, нагласено ќе го повториме тоа што насекаде и секогаш го објавуваме. Бог го создаде светот не од неговата суштина, туку преку неговите несоздадени енергии. Следствено, согласно на светоотечката теологија, помеѓу битијата и создавачката волја Божја постои целосна и органска поврзаност. Човекот е повикан да ја воочи таа нераскинлива поврзаност на неговиот логос, или како што светиот Дионисиј Ареопагит овој логос го именува со изразот парадигма, повикан е да ја поими причината заради која постои, призван е, значи, секој човек да ја согледа и познае поврзаноста на парадигмата на неговото битие со создавачката волја на Троичниот Бог. Ваше Блаженство, на Црквата ѝ е кристално јасно дека причината за Вашето постоење, логосот и парадигмата на Вашето битие е сѐ да приведувате во Единство со Бога, не жалејќи го Вашето веќе нарушено телесно здравје и не прашувајќи притоа која е цената за Единството, бидејќи Вие најдобро знаете дека црковното Единство нема цена!

Затоа, се сеќаваме дека на прославата на 10-годишнината од Вашата хиротонија, во Јули 2008 г., рековте дека воспоставувањето на Единството на Црквата во Р. Македонија, како највисока цел на програмата на Вашето Архиерејско делување, е постигнато, е остварено. Тогаш поставивте нова цел – присоединување кон нашата канонска Охридска Архиепископија и на оној верен народ во Р. Македонија, кој, за жал, сѐ уште е надвор од Соборноста на Црквата.

Еве, на општа радост, таа нова цел почнува да се остварува! Но, и таа нова цел моравте да ја одстрадате, инаку којзнае дали ќе беше возможно нејзиното остварување!

Претстојат, значи, разговори за присоединување во нашата Соборност на оние, кои за жал, сѐ уште се надвор од Соборноста, а копнееме да бидат во неа! Затоа, денес, и не само денес, најпрвин Вие, а потоа и целата Црква заедно со Вас се моли за постигнување на многупосакуваното Единство. Оттука, ова денешно торжество, не е само празнување на минатото, туку уште повеќе претставува празнување на иднината. Денешново црковно благолепие претставува поттик, кој доаѓа од иднината кон сите оние што, за жал, се наоѓаат во раскол, за да се замислат и да си одговорат на прашањето: кој е логосот на нивното битие, која е причината на нивното постоење? Бездруго, тоа не е расколот! Следствено, денешново празнување е Ваша првосвештеничка и соборна молитва за: сите едно да бидеме! Ние, истовремено, сведочиме дека Вашето најголемо страдање е страдањето кое го чувствувате заради тоа што во Црквата не учествуваат нејзините отпаднати делови. Затоа, иако постоеше можност претстојниот разговор за нивното присоединување да не започне, додека конечно не заврши новиот судски прогон најавен за Септември, оваа година, значи и покрај сѐ што Ви направија, а гледаме дека и сѐ уште Ви прават, Вие бевте првиот, кој целосно се заложи разговорот веднаш да почне. Светиот Архиерејски Собор одлучи тој разговор да не заврши пред да бидат донесени ослободителни пресуди! Следствено, сведочиме дека Вашата рака е секогаш подадена, само заради длабоката свест дека во Црквата не е возможно да се биде до крај среќен, сѐ додека сите не ги видиме во најскапоцената Соборност и спасителното Единство.

Затоа, Отците на Црквата учат дека за да се оствари вистинско постоење потребно е да се движиме напред, а не назад во минатото. Само futur-от, односно само Христос Кој ни доаѓа од иднината, може да му даде вистинитост на минатото, а не обратно. Ќе си дозволиме да се послужиме со една впечатлива метафора за тоа дека човекот во Црквата не е замрзнато, намрштено, вкочането постоење, туку дека е homo ludensчовек играч, битие кое се игра и низ играта учи. Извесниот елински поет и морепловец Никос Кавадиас, во еден негов моќен стих, ќе испее: χόρεψε πάνω στο φτερό του καρχαρία… односно: играј на крилото од ајкулата…! Овој стих во една метафорична, преносна смисла претставува порака до секој човек; и како да му вели: дојден си на овој свет заради една причина, инаку безвредно ќе ти е тоа што си дојден, дојден си да ги надминеш своите граници, биолошки, политички и сите други, дојден си да го освоиш невозможното! Дојден си да го живееш допирот на создаденото со несоздаденото, на трулежното со нетрулежното во Соборноста на Црквата.

Ваше Блаженство, вечноста веќе запиша дека делото на Вашиот живот е остварувањето на Соборноста. Некој друг, некогаш, без да ги праша, ги исфрли луѓето од плодната паша! Вие како вистински Архипастир ги вративте. И не само што ги вративте, туку, по углед на великите Отци на Црквата, се жртвувате за тие да пребиваат во Соборноста, за на тој начин да биде обезбедено обожението на човекот, кое е возможно единствено во, а никако вон Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Ваше Блаженство, ќе ги сопреме на кратко овие зборови за Вашите секојдневни распетија и воскресенија, кои се многу послаби од самата вистина за распнувањата и востановувањата кои секојдневно ги живеете, за, поучени од светоотечките слова, да Ви посакаме, крепко здравје и уште многу години да ги водите кон обожение оние кои по слободен избор сакаат да бидат православни Христијани, да ги водите како совршени поклоници на Совршената Троица. Тогаш кога ќе го живеат мирот и тишината, уште многу и многу години да ги одржувате и архипастирствувате, тогаш кога ќе се наоѓаат во внатрешна борба, уште многу и многу години да ги подигнувате и примате, како што тоа, не жалејќи се себе си, не само со збор, туку и на дело без престан го правите во Самиот Христос, нашиот Господ, Кому му припаѓа славата, честа и моќта, сега и секогаш и во вековите на вековите.

19 Јули 2015 г.

Ставропогијален манастир „Свети Јован Златоуст“

Нежеполе, Битола