Епископ стобиски Давид: Обраќање на Молебниот канон на Пресвета Богородица

канон

(од денешната служба на Молебниот канон на Пресвета Богородица)

Верувам, ќе се согласиме дека не е мал бројот на луѓето, коишто го поседуваат површното сфаќање за православието, како само за една од многуте религии, кои имаат единствена цел, а таа е да ги подготват луѓето за живот после смртта.

Оние, коишто така веруваат, го сфаќаат православието исклучиво како живеење, кое не се однесува толку на сегашноста, колку само на некаков си futur. Таквиот пристап прави од луѓето пасивни личности, коишто престануваат да бидат творци на различни убави нешта, та само си чекаат да умрат за да отидат во Рајот, единствено заради тоа што за време на животот биле православни.

Други, пак, заинтересирани се православието да им помогне да заживеат подобро во овој живот. Превземаат дејствија со кои ги задолжуваат свештенослужителите низ разни храмови да се молат за нив со молитви кои ќе им помогнат добро да им напредува работата, да имаат мир во бракот и слично.

Но, не е добро кога некој сака едно камче да го претстави како цел мозаик!

Конечно и недвосмислено, православието не е религија, не е заглавено во калапи, и секој што тоа не го сфаќа, не го ни разбира православното Христијанство!

Во автентичното православие се случува едно секојдневно, динамично исцеление на умот, едно секојдневно, активно и длабоко менување на начинот на мислење и постоење со подобар и подобар квалитет, сега и овде, бидејќи „во Адот нема преумување!“

Затоа, прикладно е, тука да се потсетиме на зборовите на светиот старец Порфириј Кавсокаливит, кој вели: „оној што сака да биде Христијанин, треба прво да стане поет. Тоа е тоа! Треба, да страдаш и да љубиш!“ И потоа, да го парафразираме, додава, велејќи: кога нешто ве восхитува, не застанувајте на тоа, туку продолжете над восхитот, зад него, та ќе го откриете и живеете единствениот Убавец.

Нема да се впуштам сега во тоа, но во тишината на срцето секој од вас нека ги спореди овие зборови на светителот со оние самодоволни христијани, коишто на своето карикатурално христијанство, секојдневно му служат опело, токму со своето јавно публикувано мртво слово!

А, дозволете ми да ви ја искажам и мојата восхит, моето изненадување, кога тоа што го зборува светиот Порфириј Кавсокаливит, неодамна го открив и кај старецот Софрониј (Сахаров). Се гледа дека истиот Дух Свети зборува низ двајцата! Старецот Софрониј, вели: „о, колку би сакал сите вие да бидете поети. Без творечкото вдахновение тешко е да се проживее еден единствен ден, како што му приличи на оној што е Христијанин.“

Вечерва сме собрани на Молебниот канон на Пресвета Богородица. Како и во секој миг од животот, но особено нагласено – вечерва го славиме, не системот, не калапот, не религијата, не политичкото православие, туку денес го славиме творечкото вдахновение на Пресвета Богородица, којашто е вдахновение без престан, според стиховите на тропарот: „во успении мира не оставила еси.“

Пред отприлика две илјади години, Богородица ги изговори пророчките стихови, кои одново и денес ги чувме од Евангелието: „се бо, отныне ублажат мя вси роди“ (Лука 1. 48). И ова пророштво се исполнува од ден на ден! Ниту за миг не прекинува творечкото подражавање на твојата поезија Пресвета Богородице, ниту за миг не престануваме да ги пееме стиховите на твоето величие, стиховите на внатрешната философија, кои се тешко поимливи за онаа надворешната, овие стихови со кои секогаш го завршуваме твојот канон:

Апостолите од краиштата се збраа тука,

во Гетсиманското село закопајте го мојто тело,

и Ти, Сине и мој Боже, прими го духот мој.

 

Сладост на ангелите, на оние што скрбат радост,

на Христијаните си заштитничка, Дево Мајко Божја,

застапи се за нас и од вечните избави нѐ измачувања.

 

Тебе за посредничка те имаме при човекољубивиот Бог,

та да не ги разобличи мојте дејанија пред ангелите,

те молам тебе Дево, помогни ми брзо.

 

Златопроткаена куло и дванаесетѕиден граду,

сонцеискапен престолу, седалиште царево,

недомислимо чудо, како го доиш Владиката.

(превод од грчки: ст. Д.)

Следствено, да се биде православен Христијанин значи да се биде призван и да се заедничари во Соборноста на Црквата, во остварување на себе си како личност во литургиско единство со другите, та оттука и да се одговори на тој призив со творечки, поетски занес; значи да се биде златопроткаена кула, сонцеискапен престол, недомислимо чудо; конечно, угледувајќи се на Неа, на Пресвета Богородица, во една поетска смисла, значи да се прима Соборниот Христос во себе, да се носи во себе и да им се предава на другите, за така да ја исполнуваме смислата на животот, односно да го проникнуваме трулежното со нетрулежното, да го остваруваме обожението на нашето севкупно постоење, сега во мигов, и секогаш, и во вековите на вековите.