Од насмевка до премудрост!

насмевка

Во рацеве држам книга со следниов наслов: „Од насмевка до премудрост, Антологија на православниот хумор“.

Во краткиот предговор се зборува за различните видови хумор, којшто е илустриран со измислени шеги и вистинити, анегдотни случки. Притоа се истакнуваат и познати светители за кои е извесно дека имале смисла за здрав хумор; на пр., посочено е дека светиот Василиј Велики се ползувал со шегите како со средство за духовно надѕидување и поука, додека светиот Серафим Саровски говорел дека едноставната шега му е потребна на оној кој запаѓа во бездејствие, како едно од најтешките искушенија.

Составувачите на предговорот впечатливо велат: ако не се смееме и на сопствена сметка, и ако не допуштаме другите да ни се смеат и да се смеат со нас, ние почнуваме да се обоготворуваме себе си. Да се збива шега на сопствена сметка, понекогаш е слично на искрена исповед. Да допуштиме другите да се шегуваат на наша сметка е како прифаќање на пророштво. Забраната да се смеат на нивна сметка е одлика само на диктаторите и религиските авторитарци.

Шегата, во ист миг, е и поука – доколку човекот сака да се поучи!

Во продолжение следуваат само малку од многуте шеги и анегдоти, коишто се запишани во споменатата книга.

  1. Еден човек поаѓа кон дома од далеку и ѝ се јавува на сопругата:

– Жено, за кратко време ќе појдам и стигнувам утре. Подготви ми нешто за јадење и нека ме чека топла вода за да се искапам.

– Значи, стигнуваш утре, ако даде Господ.

– Стигнувам сигурно, нема тука никакво: „ако даде Господ“.

Меѓутоа, самоуверениот возач доживеал сообраќајна несреќа и останал три месеци во болница. Кога оздравел, стигнува дома и ѕвони на вратата од сопствениот дом. Жената од внатре прашува:

– Кој е?

– Јас сум, твојот сопруг, ако даде Господ.

  1. Свештеникот прашува едно дете на исповед:

– Дали ти се молиш пред да ручаш?

– Не, мојата мајка добро готви.

3. Еден старец рече: – Адам е првиот во долгата низа мажи, коишто се жалеле на храната што им била дадена од жена.

  1. На исповед:

– Дали си крадел?

– Да.

– А, на соседите си им пакостел?

– Па, бивало и тоа.

– Ја тепаш ли жената?

– Па, се случува.

– Се опиваш ли?

– Ете, во друштво.

– А постиш ли?

– Нормално дека постам. Јас сум Православен.

  1. Доаѓа пијан човек на исповед кај свештеникот. Здивот му мириса и едвај говори.

– Со виното, чедо мое, да прекинеш, повеќе да не го ни доближуваш до устата! Виното е наш непријател, му вели духовникот.

– Но Евангелието… таму пишува да… зар не пишува таму дека треба да ги љубиме своите непријатели?, се противи непоправливиот винопиец.

– Се разбира, му одговара духовникот. – Непријателите треба да ги љубиме, но не да ги голтаме.

6. Еден старец рече: – Ако Црквата нема доволно храброст да ги брани своите ставови, тоа не е поради недостаток на храброст, туку поради недостаток на ставови.

7. Еден монах, го нашол во една пештера, на папирус испишан дневникот на својот претходник: „понеделник – да си ги средам мислите; вторник – да го посетам Епископот; среда – повторно да си ги средам мислите!

  1. – Зошто бракот се нарекува свет?

– Затоа што во него има многу маченици!

  1. Старци пустиножители живееле опкружени со номадски племиња. Еден од водачите на тие племиња, дошол кај старецот и му рекол:

– Оче, сакам да постанам Христијанин.

– Се радувам поради тебе, сине. Но, ти имаш две жени. Ќе треба да се откажеш од едната.

– Ќе го направам тоа веднаш, оче, ако ми посочиш барем едно место во Светото Писмо, кадешто се осудува двоженството.

– „Никој не може да им служи на двајца господари“, одговори старецот.

10. Постар јеромонах го советува новоракоположениот, којшто се подготвува да беседи за првпат:

– Брате, народот ја смета за добра секоја проповед, којашто трае пократко отколку што самиот народ очекува.

  1. Млад монах го прашува старецот:

– Дали сега треба целосно да се одречам од овој свет?

– Не се плаши, ако живееш навистина христијански, светот ќе се одрече од тебе.

  1. Зборуваат двајца монаси за некој трет монах. Едниот го фали:

– Никогаш не сум го чул да зборува лошо за било кого.

– Ни јас. Но тоа е така, затоа што постојано зборува само за себе, одговори вториот.

  1. Монах го прашува старецот:

– Отците говорат дека може да се греши со сите сетила. Јас разбирам дека може да се греши со очите, устата, јазикот и рацете. Но, како се греши со носот?

– Ако го ставаш во туѓи работи, му одговори старецот.

  1. Еден Епископ од Александрија, кој бил навикнат на удобен живот, требало да преноќи во сиромашен пустински манастир. Пред да легне на постелата, видел три болви на подот. Монахот му рекол:

– Не се грижете, Преосвештен, болвите се мртви.

Утрото, Владиката, целиот испокасан, вели:

– Навистина, браќа, трите болви беа мртви, но ноќва еден куп болви се собраа за нивниот погреб.

  1. Собрале селаните прилог за Евангелието во олтарот да се опкова со сребро. Свештеникот првпат служи Литургија со Евангелието во прекрасен опков:

– Од Лука светото Евангелие ќе се чита!

Во храмот настанал бунт:

– Како од Лука?! И ние дадовме прилог за опковот, а не само Лука!

  1. Еднаш, после Велигден, извесни дами дојдоа во посета кај Митрополитот Филарет, па едната од нив го праша:

– Високопреосвештен, зошто после Воскресението, Господ им се јави прво на жените мироносици?

– Затоа што женскиот род е говорлив, а требаше веста за чудото да се рашири што побрзо, на шега одговори Митрополитот.

  1. Кога набрзина го изградија Лениновиот мавзолеј, се случи да се излие канализацијата и да го поплави. Светиот Тихон Исповедник, Патријархот московски, слушајќи за тоа рече:

– Какви мошти, такво и миро!

18. Умрел некој архимандрит, и под креветот му нашле ковчег со комплетни архиерејски одежди и со краснопис испишана беседа во случај на хиротонија. Беседата почнувала вака: „Ни во сон не се надевав дека еден ден ќе постанам Архиереј“.

19. Темата на проповед на денешната вечерна служба ќе биде: пеколот. Дојдете пред тоа и слушнете ја пробата на нашиот хор!

  1. Си беше некој човек, којшто во пустината ловеше диви ѕверови, па го виде авва Антониј како се шегува со монасите, и се соблазни. Сакајќи да му покаже дека треба да се процени кога е потребно да се биде снисходлив кон браќата, старецот му рече:

– Стави стрела на својот лак и затегни го.

Овој направи така. Потоа му рече:

– Затегни го повеќе.

Овој го затегна. А старецот повторно му рече:

– Затегни го уште повеќе.

Ловецот му одговори:

– Ако го затегнам повеќе од мерката, лакот ќе се скрши.

Старецот, пак, му вели:

– Така е и со делата Божји; ако во побарувањата ги затегнеме прекумерно своите браќа, тие брзо ќе се скршат. Значи, потребно е да се согледува кога е неопходно да се биде снисходлив кон браќата.

Слушајќи го тоа, ловџијата се восхити од изречените зборови. А браќата, бидејќи се закрепнаа, заминаа кон своите пребивалишта.

 

превод: ст. Д.