Епископ стобиски Давид: Светиот Пророк Давид

свети пророк давидИзвесно е дека создаденото постои само преку учеството во Несоздадениот, во Нераспадливиот; та, еве нѐ, и денес заедничариме во несоздадената благодат, којашто во изобилие ни се пројавува низ, без престан, празнувањето на овоплотувањето на Логосот Божји. Посакувам денешново кусо слово да биде поттикнувачко токму во однос на празнувањето на животот, во однос на начинот на стекнувањето на несоздадената благодат и славењето на постоењето.

Во древните времиња живееше еден човек за когошто можат да се кажат многу и различни нешта; но, ајде, денес да се задржиме само на еден пример. Овој човек судеше како што сакаше и пресудуваше кому сакаше; секако, без право на жалба! Неговата положба беше цар, а името негово: Давид. Судеше секому, освен на еден човек. Тој еден човек беше Неговото Величество, значи – самиот тој, Давид! За неговите дела не важеше законот Мојсеев, иако, се разбира, тој закон имаше соодветни прописи и за делата Давидови; но, сепак, сите ние знаеме дека овој цар Давид, Господ, низ вековите го прославува помеѓу луѓето како: богоотец, светител, пророк, псалмопевец!

Следствено, едно е недвосмислено јасно: Царството Небесно е полно со луѓе, коишто промашувале, коишто грешеле во животот; но, несомнено, она што е најважно е токму непобитниот факт дека тие го живееле подвигот на преумувањето, дека го менувале на добро квалитетот и начинот на мислењето и, воопшто, на битисувањето! Помеѓу нив, ќе речат отците, прв и најпознат по неговите солзи е Давид.

После отрезнувачкиот, пословичен разговор со пророкот Натан, големиот цар и судија Давид, престана да ги суди другите, и почна да се суди, т.е. да се проценува, да се согледува себе си. Моќниот цар станува моќен и во преумувањето, т.е. во возвишената мудрост, којашто им недостасува на мнозина денешни, минливи владетели. Моќниот цар станува, од Духот Свети, вдахновен пророк и поет Божји, оној што го објавува словото Божјо, согласно на древниот пророчки исказ: Господ Бог зборува, кој е тој што нема да пророкува! Моќниот цар станува стихотворец на преумувањето, на покајанието. Тој е и богоотецот, од когошто, по плот, ќе произлезе Христос.

Но, за миг да го оставиме Давид и да се сетиме на зборовите на Великиот Антониј, кои, се чини, важат за секој човек на овој свет! Египетскиот подвижник се сеќава дека некогаш, после светата Литургија беше рекол: „јас бев Давид, а Евангелието што го чув беше Натан“, за потоа, веднаш заминувајќи во пустината, суштински да го преобрази, да го промени својот живот.

Тогаш, да го повикаме Бога да го разбуди и во нас, нашиот внатрешен човек, којшто ќе престане да им пресудува на другите, и ќе почне да поставува прашања, коишто ќе го одведат во пустината на преумувањето и расудувањето!

Смислата на празнувањето не е само стерилната изложба на светителот, како тој да е музејски експонат, и особено не е мафтање со експонатот; туку, празнувањето е повод за творечка споредба и вподобување на етосот на светителиве, коишто ги празнуваме во нашава особена историска околност, во која постојат световни, тоталитаристички тенденции на луѓето да им се сервира начин на постоење за кој се очекува да го голтнат без воопшто да го соџвакуваат!

Примерот на светиот пророк Давид и неговите вдахновени псалми нека ја раскрилат уште повеќе нашата надеж во Богочовекот Христос и Он сигурно целосно ќе ги преобрази и обнови нашите животи, та според речта на пророкот и псалмопевецот: ќе вложи во нашите усти песна нова, нов живот, нова химна на нашиот Бог, во Негова слава, во слава на Отецот и Синот и Духот Свети, уште сега, секогаш, и во вековите на вековите.