Манолис Анагностакис: Сега е обичен набљудувач

време

Сега е обичен набљудувач

Безначајно човече во толпата

Сега ниту ракоплеска, ниту му ракоплескаат,

Ко странец скита на повикот на улиците.

 

Доаѓаат од далеку нови трубачи

Од избраните класи на иднината

Криците нивни ги рушат гнилите ѕидови

Ја претвораат калта во светли поточиња

Доаѓаат чистите, нелицемерните.

Насилниците, невмешаните, девствените.

Лукавите другари на гозбите, невините,

Записничарите на деновите наши,

Доаѓа големиот пожар

Помеѓу млазевите на радосните води.

Стигнуваат последните прописи.

 

Ма, сега тој е обичен набљудувач

Анонимно човече во толпата

Со рацете на градите ко спремен мртовец

Сега повеќе ниту ракоплеска, ниту му ракоплескаат.

(Секогаш да знаеш кога и како).

–  –  –

анагностакиМанолис Анагностакис е роден во Солун, во 1925 година. Еден е од првите грчки поети на повоената генерација.

Студирал медицина, по професија бил ренгенолог.

Имал нагласено политичко дејствување во студентското движење, поради што бил затворен во 1948 год., а во 1949 год., бил осуден на смрт од вонреден воен суд. Излегол од затвор со општата амнестија во 1951 година.

Во 1986 год., и во 2002 год., ги добива највисоките државни одликувања за книжевност, а во 1997 год., бил прогласен за почесен доктор на Солунскиот универзитет.

Композитори какви што се на пр: Микис Теодоракис и Димитрис Пападимитриу, имаат компонирано музика за неговите песни. Неговите стихови се преведени на повеќе јазици.

Се упокоил во Атина во 2005 година.

–  –  –

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од:

Μανόλης Ἀναγνωστάκης – Τώρα εἶναι ἁπλὸς θεατὴς