Хосе Ортега и Гасет: Одново да се потврдиме со обврската кон вистината

ortega-y-gassetСпоред моето уверување, политиката е: размислување за корисното.

Но, кога политиката ќе зацари со свеста и ќе почне да управува со севкупниот наш духовен живот, тогаш преминува во мошне сериозна болест. Причината е јасна. Додека корисното го прифаќаме како корисно, ништо не може да ни се префрла. Но, доколку таа опседнатост со корисното постане основна одлика на нашата личност, тогаш кога и да ја бараме вистината, ќе тежнееме да ја помешаме со користа. А, од корисното да се прави вистина, е тоа е дефиниција за лагата. Царството на политиката, значи, е царството на лагите.

Од сѐ што животот ме има научено, мојата најгорчлива наука, онаа којашто најмногу ме обеспокојува и вознемирува, е уверувањето дека токму вистинољубивите луѓе се најреткиот вид на земјата. Со плачлив поглед на бродоломник, барав околу себе луѓе на коишто би им била важна вистината, чистата вистина, она што нештата сами по себе сѐ, и едвај да имав најдено неколкумина. Ги барав во опкружувањето и надалеку, помеѓу уметниците и земјоделците, помеѓу неуките и помеѓу учените. Подобно на Ибн Батута, и јас го земав стапот за аџилак, та исто како него, крстарев низ светот во потрага по овоземни светители, по луѓе со сериозна и мислечка душа низ која се прекршува кристалниот одраз на самото битие на нештата. И најдов само неколкумина, само неколкумина, поради што сум очаен!

Да, чувствувам очајна потиштеност, бидејќи на душата ѝ е неопходно да се вдахновува со сродни души, а оној којшто над сѐ ја љуби вистината, сака да се  проникнува со духот на вистинољубивите души. Ништо друго не најдов наоколу освен политичарите – луѓе незаинтересирани да го согледуваат светот онаков каков што е, луѓе кои единствено се подготвени да ги употребат нештата само по сопствена проценка. Политиката е присутна на академијата и во школите, во поетските и историските книги, во строгото држење на моралниот човек и во блудното однесување на развратникот, во фризерскиот салон и во монашката келија. Политиката е присутна дури и во лабораториите: хемичарот и хистологот во своите експерименти ја внесуваат грижливо прикриената избирачка наклонетост.

Потребно е, значи, одново да се потврдиме со обврската кон вистината, кон правото на вистината.

превод: ст. Д.

од: Posmatrač, 1998