Несебична Љубов (катихизис 1)

Света Троица

Катихизис за млади.

Кој е Бог? Што е тоа вистинска вера? Каков е Бог?

Бог е Создател на сѐ видливо и невидливо, секаде присутен е, и, полн е со љубов за сите луѓе и сите созданија. Вистинската, Православна вера, ни ја открива големата тајна дека Бог е Троичен, дека е Пресвета Троица, Отец и Син и Дух Свети. Бездруго, тоа не се три Бога, туку само еден Бог, бидејќи трите божествени личности имаат една суштина. Само како приближна илустрација, можеме да го наведеме следниов пример и – вжештената топка на сонцето да ја претставиме како Отецот, зракот којшто излегува од неа како Синот, а светлината којашто се простира насекаде како Светиот Дух; значи, сосема е јасно дека суштината е една, а личностите се три. Преку зракот и светлината се премостува онтолошката провалија, којашто постоеше помеѓу Бога и човекот. Помеѓу Бога и човекот повеќе не постои бездна.

Бог е Љубов. Несебична Љубов. И пред создавањето на светот, Бог Отец не беше сам (како што учат некои религии), туку ги љубеше Сина и Светиот Дух. А, Синот ги љубеше Отца и Светиот Дух. Светиот Дух ги љубеше Отца и Синот. Тоа значи дека Бог е Љубов од вечноста, не само во времето. Пресвета Троица ни служи за пример, како – и ние луѓето, коишто сме создадени личности и различни по народност и образование – можеме со помош на Божјата Љубов да станеме едно богочовечко Тело т.е. Црква, а при тоа соединување да не ги загубиме посебните одлики на секоја личност.

Љубов.

Мајката на малечкиот Теофил за Велигден му подари птица. Теофил многу се израдува на подарокот. Тој имаше голем број играчки, но оваа птица посебно ја засака. Сигурно, затоа што беше жива. На крајот разбра: птицата му беше особено возљубена, бидејќи му ја подари мајка му. А, тој, мајка си премногу ја љуби!

Теофил, со птицата, на која ѝ даде име Рио, оствари вистинска заедница. Ја хранеше и се грижеше за неа да биде чиста, да не биде зграпчена од мачката… и, птицата особено го сакаше малиот Теофил. Кога тој ќе се вратеше од училиште, таа весело потпевнуваше. Ќе му слеташе на рамото, ќе го ставеше клунот во неговото уво како нешто мило да му шепоти, што не сака да го чујат другите.

Еден ден Теофил се врати од училиште. Влезе дома, но не го слушна својот пријател Рио. Влезе во собата, но Рио не беше таму. Виде дека кафезот е отворен, прозорецот отворен, а птицата ја немаше во собата. Долго ја бараше и бидејќи не ја најде заплака.

Кога неговите родители се вратија дома, го затекнаа Теофил како плаче за исчезнатиот Рио. Го утешуваа и му ветуваа дека уште утре ќе му купат друга птица, поубава од Рио. Но, Теофил не сакаше друга. Тагуваше за Рио. Родителите му велеа дека и на Рио му е тешко без Теофил, но дека тој сега е со другарите и дека никогаш нема да го заборави.

Кога ќе ја засакаш другата птица, таа ќе ти биде како Рио. Љубовта ни носи радост. Таа прави луѓето и природата околу нас да бидат единствени и неповторливи.

Овие последни зборови Теофил донекаде ги разбра, но не можеше да разбере зашто Рио не може да биде заменет со ниту една друга птица. Сигурно затоа што Теофил многу го имаше возљубено Рио. А, и Рио Теофила.

Малиот Теофил на крајот, сепак, малку се утеши, кога родителите му кажаа дека Рио е секако жив и дека сигурно е среќен со своите другари. Затоа, Теофил, кога во нивниот двор доаѓаа други птици, меѓу нив го гледаше и својот Рио. Или барем така му се чинеше? Не знае! Но, оттогаш, Теофил ги сакаше и внимаваше на сите птици, бидејќи сите тие постанаа негови.

Поука за верата.

Со љубовта можеме да го спознаеме тоа што не можеме да го спознаеме со разумот и другите сетила. Природата што нѐ опкружува, и, особено, луѓето најдобро ги спознаваме тогаш кога ќе ги засакаме, односно кога со нив ќе стапиме во заедницата на љубовта. Бога, пак, не можеме да го откриеме никако, ниту со разумот, ниту со гледање, туку единствено со љубовта. Бидејќи, Бога ниту еден човек никогаш не го видел. Синот Божји, Којшто постана човек, Исус Христос, Он им го откри на луѓето. Кога ќе го возљубиме другиот човек, тогаш го откриваме и Бога во него.

– – –

(содржината е дополнета и прилагодена, имајќи ги за основа катихетските текстови на Митрополитот црногорско-приморски Амфилохиј и Епископот браничевски Игнатиј)