Митрополит Навпактски Иеротеј (Влахос): Надминување на национализмот

Православната Црква е наднационална и следствено – укинување е на национализмот и расизмот. Таа може да живее на сите должини и широчини на земјата, по целата икумена, може да ја прифати човекот на секоја земја и на секое време и да го упатува кон обожение.

Етнофилетизмот, било тој да е грчки, бугарски или арапски…, според Православната Црква е ерес. Не е можно расата, родот да се стават над единството, коешто се постигнува со дејството на Светиот Дух во Црквата. Национализмот не само што ѝ е туѓ на Црквата, но е и нејзин противник. Значи, етнофилетизмот не може да се сообрази со Православната Црква. Не е можно да се заштитува посебнa раса или посебен народ на штета на Соборната Вера, зашто ова го разградува единството на Црквата, коешто го утврдува благодатта Божја и борбите на Светите Отци. Осудата и одлачувањето на национализмот се однесуваат и на оние, коишто прифаќаат и создаваат националистички парасинагоги, како и на сите оние, кои се сложуваат со неканонските дејства на етнофилетизмот. Сите овие се сметаат за туѓи на Црквата и Христа, та следствено, се схизматици!

Етнофилетизмот е една еклисиолошка ерес, бидејќи го раскинува единството на Црквата, коешто е Телото Христово. Многу добро знаеме дека секоја христолошка ерес истовремено е и еклисиолошка, како што и секоја еклисиолошка ерес е и христолошка. Национализмот претставува „некоја нова мисла“; станува збор за „распространување на злото“, за невидена „племенска парасинагога“, којашто настанала со нарушување на светите канони на Црквата и нормално, оние, коишто се обиделе да ја создадат таа парасинагога се натрапници и туѓи на Едната Света Соборна и Апостолска Црква. Тоа значи дека во ваквите парасинагоги благодатта Божја не дејствува. Затоа и нивните молитви и благослови се непријатни и тегобни.

Национализмот – односно, да се затвора човекот во просторот и времето, да се ограничува во границите на родот, всушност е природна состојба во неприродниот живот после падот. Бог не ги создаде луѓето за да бидат властелини и подвластени, господари и робови. Во почетокот на создавањето човекот не беше разделен на племиња и нации, ниту постоеше соперништво. Сето ова е плод и резултат на падот на човекот, на излегувањето од рајот, на загубата на богозаедничарењето. Во Книгата на Битието, после Ноевиот потоп, се наведува дека луѓето зборувале еден заеднички јазик: „По целата земја имаше еден јазик и еден говор“ (Исход 11. 1). Но, кога ја изградија вавилонската кула, којашто беше пример за арогантност, тогаш Бог направи смут меѓу јазиците и ги распрсна по лицето на целата земја. Во Светото Писмо пишува: „И рече Господ: „Ете, еден народ се и сите имаат еден јазик, но еве што почнале да прават; и нема да се откажат да го направат тоа што го наумиле. Ајде да слеземе и да им го збркаме јазикот нивни за да не се разбираат еден со друг што зборуваат! И така, Господ ги растури оттаму по целата земја…“ (Исход 11. 6, 8). Од овој извадок се гледа дека разделувањето на јазиците, смутот помеѓу луѓето, нивната поделба беше резултат на гревот на човекот. Бог, конечно го прости и го благослови ова оддалечување, целејќи кон општата полза, откако претходеше катастрофата на потопот.

Новото единство помеѓу луѓето се постигна со вочовечувањето Христово, со крстот, со смртта, Неговото Воскресение и доаѓањето на Утешителот. Црквата е новиот Рај, во којашто човекот стекнува вистинска заедница со Бога и со луѓето. Макар што останува посебноста на јазикот и на татковината, коишто не се уништуваат, тие се надминуваат со стекнување на еден друг јазик, со умносрдечната молитва, којашто е резултат на придобивање на Светиот Дух. Не е неповрзана случката дека во црковните богослуженија се случува една корелација помеѓу Вавилон и Педесетница. Карактеристичен е Кондакот на празникот: „Кога се симна, јазиците ги помеша, ги раздели народите, Вишниот, кога, пак, огнените јазици ги раздаваше, во единство сите ги повика, та согласно Го славиме Сесветиот Дух“. Во овој кондак се гледа дека Бог ги раздели народите и јазиците, но конечно преку Светиот Дх и преку раздавањето на заедничкиот огнен јазик стекнаа единство меѓу себе. Така, и покрај разделувањето и различноста на јазиците, сепак постои еден заеднички јазик. Ако ја протолкуваме Педесетницата преку отечкото учење, можеме да се увериме оти тоа значи дека оние, коишто стасале во живеење на Педесетницата, во богосозерцание, стекнуваат и единство помеѓу себе.

Ова покажува дека расизмот, затворањето во тесните граници на национализмот, коешто секако се случува на товар на единството на човечкиот род, е природен живот во неприродната состојба на човекот. Надминувањето на национализмот, се случува само со учество на обединувачката сила на Пресветиот Дух. Ова аналитички можеме да го видиме низ три белези, коишто се проширување на она што претходно го кажавме.

Првиот белег е дека човекот после падот, како што кажува Светото Писмо, облече кожени ризи (хитони). Светите Отци толкуваат што претставуваат овие кожени ризи, давајќи алегориско значење дека се: пропадливоста и смртноста. Поради пропадливоста и смртноста во човекот се развиваат различни страсти, од коишто основна е самољубието. Човекот во животот после падот чувствува несигурност, страв, агонија, заради смртта. Ползата, сопственоста, стекнување и умножување на многу материјални богатства, властољубието поврзани се со оваа состојба. Човекот херметички се затвора во создадени ограничувачки рамки, внатре во затворот на умот. Природно е во неприродниот живот човекот да се чувствува сигурен во јазикот и во својот народ, коишто ги гледа како продолжеток на своето јас и на своето семејство. Не може да ги возљуби другите повеќе од себе си, не може да се принесе на општеството, жртвувајќи го семејството, не може да го надмине национализмот.

Вториот белег е дека ова надминување на национализмот се постигнува преку Светиот Дух, Којшто делува во просторот на Црквата. Бог ги повикува сите народи да го примат Откровението, коешто преку Христа им е дадено на луѓето. Со тајните на Црквата човекот се воведува и живее во едно семејство, коешто е над неговото индивидуално семејство и над самата негова татковина. Без да се укинуваат семејните и етничките врски, стекнува едно пошироко семејство. Со крштението човекот го надминува својот индивидуализам и индивидуалистичките избори.

Еден современ монах од Света Гора вели дека човекот, влегувајќи во Црквата, дури и монахот, којшто се одрекува да направи свое семејство, влегува во едно големо семејство на Адам, значи, целиот свет го прави свое семејство и татковина. Затоа и светото крштение се нарекува обнова (возрождеиие), бидејќи крстилницата е духовната утроба на Црквата. Со причестувањето со Телото и Крвта Христови човекот се соединува со Христа и подобно на Него го љуби целиот свет. Светата Евхаристија, којашто се совршува од сите и за сè, ги соединува сите Христијани, макар и да припаѓаат на различни раси и народи. Многу е трогателно да гледаш православни Христијани, од различни раси и бои, како учествуваат во истиот Путир и како заедно се молат за времетраење на Божествената служба, особено за време на божествената Литургија. Аскетскиот живот, којшто најтесно се поврзува со светотаинскиот живот, на човекот му помага да го отфрли самољубието и да стекне љубов, којашто „не го бара своето“. Природно, аскезата не е со човечки произход, но е дејство на Божјата благодат и содејството на човекот. Кога некој ќе ја стекне оваа љубов, тој ги надминува јазиците на ангелите и на луѓето (1Кор. 13. 1). Обожените, бидејќи целосно се преобразуваат, го отфрлаат самољубието, та затоа и природно се однесуваат, имаат голема широчина на срцето и се сесветски луѓе. Го љубат целиот свет и се молат за него. Характеристичен пример на таков икуменизам (вселенскост), којшто е плод на живеење на животот како пред падот, е современиот светител Силуан Атонски. Оној, којшто ги чита неговите записи, ќе се увери дека бил Русин, живеел на Света Гора, но се молел за целиот свет. Иако имал руски произход, еклисиолошки не бил ниту Русин, ниту Елин, но светител, којшто од љубов и со љубов го прегрнал целиот свет. Без да патува во различни земји ја познавал трагедијата и драмата на луѓето и се молел за нив. Затоа еден светител не може да биде шпион, расист и националист, затоа што сите овие ограничени љубови се имаат потопено во големата љубов Христова.

Еден пример на икуменизам е Света Гора. Монасите придоаѓаат од многу татковини, но сите Света Гора ја чувствуваат како единствена своја татковина. Светоименитата Гора е единственото место на земјата каде што не се раѓаат луѓе, но само живеат и умираат. Но, сите ја чувствуваат како вистинска своја татковина, затоа што таму се препородуваат духовно. Тоа е една заедничка држава на љубов и мир. Иако во минатото е забележана една национална егзалтација од определена страна, тоа се сметало за ерес и брзо била смирена од постоењето на обожени мажи, коишто го живееле и го живеат вистинскиот икуменизам. Така, Света Гора приближно ни покажува како може да делува една православна држава. Изучувањето на начинот на управување и живот треба да стане предмет на сериозно научно проучување, зашто ќе покаже како може да се надминуваат сите родови и племенски дискриминации.

Третиот белег е дека Христијаните не се ограничени од просторот и времето, но ги преобразуваат и осветуваат со благодатта Божја. Забележано е дека не се подразбира време без простор, ниту простор без време. Но, многупати се чини дека постои една спротивставеност помеѓу просторот и времето. Древниот предхристијански и елинскиот свет се карактеризираат со владеење на просторот. Тоа значи дека се наоѓаат во владението на смртта. Од друга страна, пак, делото на Божјиот домострој создава една нова перспектива која го става на страна владението на просторот и го возвишува времето. Бог го кани Авраама да излезе од неговата земја и од неговите сродници и целосно да му се предаде Нему сè додека не му открие каде треба да биде. Така Авраам го напушта местото и се препушта на Промислата Божја, т.е. се предава на Бога за, со тек на времето, да му ја покаже новата земја. Во Црквата, колку времето, толку и просторот, имаат поинаков карактер, се осветуваат од благодатта Божја. Во конкретниот простор и време можеме да го живееме вечното Царство Божјо. За да го разбереме ова различно делување на просторот и времето, треба да кажеме дека просторот ги разделува луѓето, а времето ги спојува. Значи, двајца, коишто се љубат, можат да живеат во различни простори, различни места на земјата, во различни татковини, но да живеат соединети во истото време, значи, во истиот временски момент се поврзани со сеќавање и носталгија, та дури и да ги разделува времето, можно е да чувствуваат, макар да е и ограничено – причастие со минатото, сегашноста и иднината. Се разбира и ова единство е ограничувачко, зашто сè уште смртта има власт. Соединувачката особина на времето може да добие достоинство само ако се соедини со победата против смртта. Само во Црквата се победува смртта, бидејќи Црквата е заедница на живи и мртви, ангели и луѓе, небесни и земни.

Кога човекот се ограничува во задушливите окови на просторот и не врви напред во времето, и, пред сè, кога со благодатта Божја не ги победува просторот и времето, тогаш е националист и природно идолопоклоник. Во врска со тоа, професорот Георгиос Манзаридис: „Просторот ги дели луѓето. И одделните белези, со коишто се поврзуваат луѓето на конкретна област, ги делат од луѓето на други области. Националните белези кога се апсолутизираат се преобразуваат во идоли. Така националноста (како национализам), се совпаѓа со идолопоклонство. И, бидејќи национализмот секогаш се ограничува во просторот, претставува многубожтво“. Ова значи дека просторот ги дели луѓето, а времето ги соединува. Но бидејќи и понатаму постои смртта, затоа само со победа против смртта постои вистинска заедница и соединување, надминување на просторот и времето.

Ова е една црковна пракса: Во посланието кон Диогнет, тоа е еден текст од вториот век, многу изразително се прикажува во Христа животот, којшто е надминување на секој национализам и на секоја посебност. Се вели дека Христијаните „иако имаат своја татковина, како дојденци се, учествувајќи во сè како граѓани, и сè трпејќи како странци, секоја туѓа татковина е нивна и секоја татковина – туѓа… Во тело се, но не по плотта живеат. На земјата пребиваат, но на небото битисуваат“. Без да се укинува татковината, таа се надминува со туѓинувањето според Христа. Живеењето на есхатолошките нешта надминува секакво ограничување. Христијаните имаат една конкретна татковина, но не се прилепени за неа, зашто се чувствуваат како странци. Истовремено ја живеат целата икумена како татковина. Целата земја е нивна.

Следствено, само Црквата го враќа човекот во животот пред падот и во состојбата пред Вавилон, бидејќи се создава еден нов народ, во смисла, како што рековме претходно. Само во Црквата, во којашто се ползуваме со очистителната, просветлувачка и обожувачка енергија Божја, е возможно човекот да се оддалечи од национализмот. Мислам дека претставува вистинска утопија некој да зборува против национализмот, бивајќи заробен во просторот и времето. Како што е утопија некој да зборува за општествена грижа и нестекнување без Светиот Дух, исто така утопија е некој да зборува за ослободување од национализмот надвор од црковниот живот.

Национализмот е ерес во однос на православниот црковен живот, што значи дека секој национализам е отцепувачки, зашто ја живее посебноста за штета на соборноста. Православието по својата природа е наднационално, нормално без да ги укинува посебните татковини на секој човек. Како што за астронаутот којшто излегува од земјината тежа важат други услови и закони, така, истото се случува и со човекот којшто ја живее благодатта Божја. Тој има еден живот којшто е надминување на биолошкиот живот. Таквиот човек стекнува една ипостас, којашто е одрекување на секоја природна нужност, секоја нужност на природата.

Завршувајќи, треба да се навратам и на нешто за што денес многу се зборува, дека наводно треба да го спротивставиме православниот лак на исламскиот лак. Се разбира, потребно е да се нагласи дека треба да ги љубиме и да се интересираме за истоверните народи, со коишто имаме иста вера и богослужение, со коишто нè соединува црковниот живот и коишто се исправени пред омразата на други, туѓи вери. Но, не можеме да зборуваме за православен лак, којшто треба да се спротивстави на исламскиот лак. И, ова поради три основни причини:

Првата, затоа што не постои обединет исламски лак. Постојат големи провалии во односите помеѓу муслиманите, бидејќи многу муслимани не ги симпатизираат Турците. И на Балканот постојат муслимани, коишто не се Турци, но едни се исламизирани Словени, други, пак, исламизирани Грци. Исто како што и во Турција постојат Алавити, за коишто многу се зборува во последно време. Не можеме да сметаме дека сите тие имаат единство помеѓу себе.

Втора причина е тоа што и помеѓу некои православни не постои единство и љубов, токму поради тоа што се вовлекуваат национализмите. Ние Елините обично ја сметаме татковината како поим понизок од верата, но не мислам дека истото го прават и другите. Возможно е Црквата да се злоупотребува за владеење на специфичен вид на национализам.

Трета и најважна причина е што Православието не може да биде идеологија, којашто ќе се изедначува со други идеологии, и да ги користи сите методи на идеологија. Православниот лак го претпочита Православието како идеологија. Така, од ова гледиште демнат сериозни опасности и големи тешкотии, бидејќи Православието како идеологија се поврзува со животот на паднатиот човек, животот без Духот Свети.

Државата може да практикува политика каква што сака, каква што мисли дека е од полза за нејзините граѓани. Но, Православието има еден друг живот којшто е поврзан со благодатта Божја и му помага на човекот да ја надмине секоја минливост, делумност и расколничење. Православието треба да стреми кон животот на Ромејството, коешто навистина е надминување на национализмот.

Ова значи дека Православната Црква никогаш не може да се ограничи во националистички облици, но имајќи го откровението Божјо, го запазува неповредено, макар и да употребува посебни форми, традиции и јазици на секои од народите. Во оваа смисла, секој човек и народ можат да се напојуваат од животот на ромејството, дури и да се наоѓаат во Америка, Азија, Африка и т.н. Ромејството, коешто е израз на духот на Православната Црква, се карактеризира како автентично икуменство, коешто е надминување на националзмот.

 

Превод од грчки јазик: Игуманија Кирана

Од: Μητροπολίτου Ναυπάκτου καί αγ. Βλασίου

Ίεροθέου

ΓΕΝΝΗΜΑ ΚΑΙ ΘΡΕΜΜΑ ΡΩΜΗΟΙ

Ίερά Μονή

Γενεθλίου της Θεοτόκου

(Πελαγίας)

http://www.pelagia.org

текстот е објавен во периодиката „Успение“ бр. 8