Старец Јосиф Исихаст: Кружната молитва, којашто се одвива во срцето никогаш не се плаши од прелест

Бог, Којшто пребива на небесата и Којшто е Господ на сè, Којшто нам ни дава здив и живот, и сè, и Којшто без престан се грижи за нашето спасение, Он во вашите свети души да го испрати Духот на утешението, да го просветли вашиот ум, како што се просветлија учениците на нашиот Спасител; светлината на неговиот божествен блесок да го озари целиот духовен, умносоздаден човек; да го разгори целото ваше срце со божествениот ерос како кај Клеопа, и, бивајќи известено, да затрепери, сфаќајќи го зачнувањето на новиот Адам; на крајот, да се распадне стариот човек со сите негови старсти; и, така во секој момент непрестано да течат солзи, како извор од којшто истекува блажина. Амин.

Денес, чедо мое, го примив твоето писмо. Ги видов таму напишаните работи, и ти давам одговор на она за што ми пишуваш.

Начинот на умносрдечната (νοερά) молитва  е таков, каков што ти кажува преподобната старица. Кружната молитва, којашто се одвива во срцето, никогаш не се плаши од прелест. Друг начин или начини, содржат бојазност затоа што лесно им се приближува фантазијата и прелеста навлегува во умот.

Колку е страшна прелеста на умот! И, тешко е воочлива!

Да ви напишам нешто малку за неа, да ја познавате, бидејќи бев многу смел во тие нешта и влегов во сите молитви. Пробав сè. Затоа што кога благодатта ќе му се приближи на човека, тогаш умот – таа безочна грабливка, како што го нарекува светиот авва Исак – бара да продре насекаде, да проба сè. Почнува од создавањето на Адам и стигнува во длабочини и височини, и ако Бог не му става пречки тој никогаш нема да се врати.

Значи, овој начин на умносрдечната молитва е начин на пракса, којшто го употребуваме за умот да го задржиме во срцето. И, кога благодатта ќе се умножи, таа го зграпчува умот во богосозерцание, срцето гори од божествен ерос и целиот човек пламти од љубов. Тогаш умот се наоѓа совршено соединет со Бога. Се пресуштествува и се топи како што восокот се топи кога ќе се приближи до оган, или, како што железото се обликува во огнот. И, не се променува природата на железото, но додека е во огнот, тоа е едно со него. Кога, пак, вжештувањето престанува, тоа повторно ја добива својата природна цврстина.

Тоа се нарекува богосозерцание (θεωρία). Во умот царува тишината, и целото тело се смирува. Тогаш, молештиот се моли со сопствени зборови и молитви, и се искачува во богосозерцание, без да се затвора умот во срцето.

Затоа што умносрдечната молитва и е – за благодатта да дојде!

Кога има благодат, умот не се расејува. А, кога умот стои, тогаш ги ползува сите видови на молитвата; пробува сè.

Следствено, и начинот што го користат оние за коишто ми кажа не е прелест, но лесно се врти во прелест; затоа што нивниот ум не е прост, се нема очистено и прима фантазии наместо богосозерцанија.

На пример: постои еден извор од којшто блика чиста вода, којашто се влева во морето. Наеднаш почнува бура, се излева морето и со морската вода се заматува нашиот мал извор. Ела сега ти, колку и да си умен, да ја исчистиш, да ја одделиш водата на изворот од морската вода. Истото се случува и со умот.

Внимавај на она што допрва ќе го кажам.

Демоните се духови. Следствено, сродни се и слични на нашиот дух, т. е. на умот. Умот, којшто е хранител на душата, го носи во срцето секој облик на умно движење и поимање; срцето, пак, тоа го прецедува и го предава на разумот. Умот, значи, се прелажува според примерот на изворот. Со други зборови, на крадечки начин нечистиот дух го заматува умот, и, вообичаено тој тоа го предава на срцето. Ако срцето не е чисто, помрачено го предава и на разумот, па се затемнува и зацрнува душата. Од тогаш, наместо богосозерцанија, постојано прима фантазии. На овој начин излегле сите прелести и биднале сите ереси.

Кога, пак, човекот ќе се засити од благодатта, секогаш е внимателен и никогаш не се преосмелува, нема доверба во себеси, но го има присутен и стравот до крајот на животот, та тогаш кога лукавиот ќе се приближи, гледа дека се случува нешто ненормално и не во ред. И тогаш, умот, срцето, разумот и сета сила на душата, Го бараат Оној, Којшто е моќен да спаси. Го бараат Оној Којшто сѐ од небитие приведе во битие, и Којшто сѐ испитува. Он може да раздели вода од вода. И, кога топло и со изобилие солзи Го призиваш, тогаш се покажува прелеста; и, го учиш начинот да бегаш од прелеста. Откако многупати ќе ги вкусиш овие работи, постануваш „опитен“ човек. Бескрајно Го славиш и Му благодариш на Бога, Којшто го отвора умот за да ги познаеме замките и техниките на лукавиот, и да бегаме од нив.

Вистина ви зборувам дека навлегував во сите прибежишта на непријателот и борејќи се тврдо, излегував со благодатта Божја. И сега, ако има некој болен, можам, со благодатта Божја, да го избавам од немоќта на помислите и од болеста на прелеста. Доволно е само да ме послуша. Оној којшто се заплеткал во прелест ако послуша друг, за лукавиот постои опасност да изгуби, а овој да се избави од прелеста; затоа тој (лукавиот) го советува, го убедува веќе да не верува на никого, никогаш да не е послушен на друг, но од сега натаму да ги прима само своите помисли, да верува само во своето расудување.

Во тој несмирен начин на мислење се гнезди оној голем егоизам, луциферската гордост на еретиците и на сите опрелестени, коишто не сакаат да се вратат.

Значи, нашиот Христос, Којшто Е вистинската Светлина, Он да ги просветли и да ги управува чекорите на секој што сака да пријде кон Него.

Вие, пак, ако ја љубите умносрдечната молитва, радосно тагувајте и плачете барајќи го Исуса. Он ќе се открие во огнената љубов, којашто ќе ги согори сите страсти. Ќе бидете како некој, којшто е многу вљубен и којшто само што ќе се сети на личноста што ја љуби веднаш му затреперува срцето и му течат солзи од очите. Таков божествен ерос и оган на љубовта треба да гори во срцето. Штом ќе слушне или каже – Господи Исусе Христе мој, слатка љубов!, или – Моја слатка Мајко, Пресвета Дево!, веднаш да течат солзи.

Сите светии сотворија многу пофални песни за нашата Пресвета. Јас, пак, бедниот, не најдов поубава и поблага пофалба, но да ја именувам и во секој момент да ѝ повикувам – Мајко моја! Слатка моја Мајчичке! Во твоите раце нека дојде мојата исходечка душа и од нив да Му биде предадена на нашиот Создател, Единородниот Твој Син. Ништо друго не посакуваме слатка наша Мајчичке – само во време на распламтување на божествениот ерос, во таа горешта љубов да ја предадеме душата; кога гори нашата душа и запира нашиот ум, кога во тивкото ветре дише благоухан здив и кога е покриена под облак; каде што чувствата престануваат да постојат и царува Воскопнеаниот, Еросот, Љубовта, Животот, секогаш благиот Исус!

Затоа, чеда на Небесниот Отец и наследници на Неговото Царство, итајте, брзајте, плачете, радувајте се и излевајте солзи на љубов. Нурнете го својот ум во Оној, Којшто Го потона Своето тело во земја, за нас да нè спаси. Благиот Исус слезе, за ние да се воздигнеме. Умре и воскресна, за нас да нè воскресне. Радувајте се и воскликнете затоа што се удостоивме да бидеме Негови чеда, да се насладуваме со Неговите вечни блага и уште од овде да се поздравуваме во Неговата бескрајна љубов.

Превод од грчки јазик: Игуманија Кирана
Од: Γέροντος Ιωσήφ
ΕΚΦΡΑΣΙΣ ΜΟΝΑΧΙΚΗΣ ΕΜΠΕΙΡΙΑΣ
Έκδοσις Ι. Μονής Φιλοθέου
Αγίον Όρος, 1992

текстот е објавен во периодиката „Успение“ бр. 6