Свети Николај Охридски и Жички: За Оптимизмот

(извадоци од Беседата за оптимизмот на светиот Николај Охридски и Жички, посветена на оние, коишто гледаат во сонцето, а не можат да го видат)

hieromonk

Постои еден инвалид оптимист, когошто јас, со свои очи, го имам видено. Тој е еден војник од минатата војна. Непријателски куршум му поминал низ телото, покрај ‘рбетниот столб. Инвалидот повеќе не чувствува дека има нозе. Ставете му жар или мраз на нозете, сеедно, тој нема да почувствува ни врело, ни студено.

Ме беше повикал да го посетам. Почувствував тага помешана со страв, кога заѕвонив на неговата врата. Тој ми пишуваше за неговата неволја, и јас имав претстава за еден меланхоличен безволник. Ме пречека неговата мајка; на лицето насмев. Што ли ќе значи таа насмевка? Влеговме во полутемната соба. На еден голем стол, покрај прозорецот, седеше мојот познаник, засаден, навален. Свенатото жолто лице проблеснуваше со радост. Ми се чинеше дека гледам светол венец околу тоа килибарно лице.

– Јас седам тука од утро до мрак, почна инвалидот, и го набљудувам животот преку прозорецот. Од утро до мрак, а понекогаш од утро до утро. Мајка ми, ми ја намести оваа полутемна соба, бидејќи тогаш, животот што го набљудувам на улицата, ми се чини појасен и посветол. Вие знаете дека, кога човекот го набљудува небото од дното на длабокиот бунар, тогаш ги гледа ѕвездите; блескавите, сјајни ѕвезди, коишто горат и кружат, без престан пламтат и кружат, една со друга, една за друга, една околу другата. Додека и самиот учествував во вртлогот на животот, јас не знаев дека животот е толку убав и толку сладок. Откако ги изгубив нозете, добив очи. Да, јас го гледам овој живот од тогаш кога седнав на овој стол. Животот е толку убав, толку хармоничен!

– Болеста не е големо зло, а смртта не е ниту големо, ниту мало. Моите нозе висат на мене; не ме држат тие мене, туку јас нив. Но, има и нешто што ме држи мене, како што јас ги држам моите парализирани нозе, без што, јас, сиот би бил парализиран. Тоа е мојот внатрешен оптимизам. Мојата душа долго беше парализирана. Најмногу беше парализиран нејзиниот вид. Таа не можеше да има визија за севкупната убавина и за целисходноста на овој свет. Таа сама талкаше низ темнината и сиот свет ѝ се чинеше мрачен. Единствената нејзина ревносна дејност беше службата на телото, робувањето на телото. Моето тело ја влечеше душата моја по себе, како ловецот што го влече песот со јаже; таа потскокнуваше, се играше по прашината и по калта за телото, по желбата на телото, по мирисот на телото. Јас имав здравје, но не го чувствував. Имав очи, но не гледав. Сончевите зраци ми се смееа, а јас им се мрштев. Sвездите ме гледаа, а јас ги мразев и им се плашев. Бев како крт, што некој го исфрлил на светлина и воздух, и кој збунет талка ваму-таму, барајќи ровка земја за да побегне од сонцето и повторно да се вовлече во темнината подземна.

– Фала Богу што непријателот ме онеспособи вака. Тој непријател ми е најголемиот добротвор. Ги изгубив нозете, а ја добив душата. Колку е мудар Господ! Тој го употребува и најсуровото средство кон нас, заради нашето најголемо добро. Јас ги дадов нозете за душата. Да знаете само колку повеќе вреди душата од нозете!

– Откако седам на овој стол и го набљудувам светот низ прозорецот, јас ги средив своите мисли и своите чувства. Хаосот долго владееше во мојата глава и во моето срце. За човекот да може да го види редот во животот и светот, најпрвин мора да има ред во себе си. До тој ред во самиот себе, јас штотуку дојдов. Го растерав хаосот и го истерав стравот од себе. Некогаш ме фаќаше страв од кивање; денес стојат покрај мене, да, стојат покрај мене, две парализирани нозе, некогаш составен дел од мене, а јас немам никаков страв. Еден пресврт се има случено во мојата душа. Сега, кога постанав најгрд, светот ми се чини најубав; и, кога целиот свет ме сожалува, јас почнувам да го сожалувам сиот свет.

„Ако нешто е достојно за олимписките богови, достојно е мислењето“ – говореа старите Грци. Платон, Аристотел и стоиците ја сметаа мислата за доблест, и тоа за врховна доблест. Сократ сметаше дека неговата мисија е да ги научи луѓето да мислат и да расудуваат. Скептиците први ја порекнаа вредноста на мислата. Тие се првите песимисти во однос на мислата. Луѓето не можат да дојдат до вистината, тврдеа скептиците. Нашите мисли мамат и се неверни копии на тоа што постои. Така учеа Пирон, Монтењ и Јум. Но, дури и нивната скептичка мисла не е без вредност. Таму кадешто на водата ќе ѝ се направи брана, се создава длабок вир. Скепсата е брана, за забревтаните философи-систематичари да го успорат својот чекор и да ја задлабочат мислата.

Луѓето секогаш доаѓале до потребната вистина и живееле од вистината. Ниту едно време ја нема сета вистина, но ниту едно време не е без вистината. Хегел ја обори фаталната заблуда дека секое идно време во историјата на философијата значеше демант на минатото време, и дека секој иден философ е рушител на философијата на своите претходници. „Сите философски системи се вистинити во тоа што го тврдат и невистинити во тоа што го одрекуваат“, говореше Декарт. Човечката мисла не е толку моќна за да сфати и опфати сѐ, но сепак таа е толку моќна за на смртните да може да им осветли повеќе простор и повеќе време отколку што очите можат да догледаат. Мислите се вткајуваат една во друга и живеат како една жива ткаенина. Сите мисли, коишто било кога се зародиле во умот човечки и денес се сончаат на земјата.

Вреди да се мисли, бидејќи мислата е најголемата моќ, којашто човекот ја поседува. „Јас повеќе сакам да трагам по вистината, отколку целата да ја имам готова“, говореше Лесинг. Вреди да се мисли, бидејќи мислата е вистина, и патот кон вистината. Човекот не може да ја задоволи својата жед за знаење, бидејќи тоа е жед за сѐ-знаење. Човекот никогаш не може да знае сѐ, но во секое време човекот може да има толку знаење колку што му е потребно да го поддржи својот оптимизам, а тоа значи – својот живот во тоа време.

Како што нашите мисли имаат вредност, исто така вредност имаат и чувствата. На крајот од краиштата, човекот е повеќе чувствено битие, отколку мисловно. Човекот се владее повеќе според чувствата, отколку според разумот. Збирот на нашите чувства е многу поголем отколку збирот на нашите мисли. Ние ги цениме сите нешта повеќе според симпатијата и антипатијата (т.е. според збирот на нашите чувства во даден момент), отколку според разумот. Љубовта и пријателството спаѓаат во царството на чувствата. Исто така и омразата, и тагата, и стравот и радоста. Тоа што најмногу ги загорчува љубовта и пријателството е кобната мисла: и тоа ќе пројде, и тоа наскоро ќе има свој крај, свој брз крај! Созданието, коешто го љубам, ќе го покрие црната земја и од лицето, коешто сега ме грее потопло од сонцето, ќе изникне трева. Таквата мисла најмногу го труе секој миг на радост, којшто љубовта и пријателството ни го доделуваат. Луѓето никако не можат да се навикнат – сѐ да набљудуваат низ призмата на вечноста.

Оптимист беше Основачот на Христијанството, и тоа најголем од сите оптимисти на светот. Он не беше оптимист само во светлите мигови на неговиот живот, тогаш кога свадбуваше во Кана Галилејска, или кога беше покриен со цвеќе во Јерусалим, или кога во тивките часови ги набљудуваше полските кринови, или кога под ѕвездениот свод се возеше по генисаретското езеро, во круг на луѓе, коишто го обожуваа. Не само тогаш, туку Он остана оптимист и кога, напуштен од сите, сам се молеше Богу, во онаа кобна ноќ на почетокот од трагедијата; и тогаш, кога беше влечен од Ирода до Пилат, исвиркан и исмејан; и тогаш, кога трновиот венец ја раскрвари неговата божествена глава; и тогаш, кога под тешкиот крст, зад својот грб го оставаше Јерусалим, којшто го испраќаше со потсмев, проклетство и немоќните женски солзи; и тогаш, на крајот, кога чашата на горчината се прели и кога во историјата влезе зборот Голгота.

Оптимисти беа и христијанските маченици. Мачениците и великомачениците беа оптимисти, – па, како ние да бидеме песимисти? Оптимисти беа и оние, коишто во римските циркуси се бореа со дивите ѕверови, на веселба на императорот. Оптимисти беа и оние, коишто гореа во катран по парковите, на веселба на императорот и неговите жени. Оптимисти беа и оние, коишто на тркала беа измачувани и во земјата живи закопувани. Оптимисти беа и оние, кои не знаеја за рамноправност, за слобода на печатот, за хуманост, та дури и за друштва за заштита на животни. Како тогаш ние да бидеме песимисти? Зошто да бидеме песимисти?

Оптимисти, навистина, имаше и помеѓу старите, класични мислители и поети. Но, тоа е само метафизички и поединечен оптимизам. Христијанскиот, пак, оптимизам е испробан оптимизам и оптимизам на мнозина. Тоа, првото, е новоковано злато, грижливо чувано и полирано секој ден, за да сјае; а, ова второво е злато, коешто поминало низ кал и прашина, низ вода и оган, низ смола и крв, и повторно останало блескаво и чисто злато.

Јас не би се нарекувал Христијанин, кога не би бил оптимист. Или, доколку би се нарекувал, не би ја говорел вистината. И сите вие, залудно се нарекувате Христијани, доколку не сте оптимисти. Без оптимизам ние сме инвалиди. Поголем инвалид е човекот без оптимизам, отколку човекот без нозе. Да бидеме оптимисти и кога страдаме, бидејќи страдањето никогаш не е бесцелно и бесмислено. Да бидеме оптимисти кога губиме и кога добиваме, кога ќе остариме и кога сме млади. Секоја возраст има своја величина и особена убавина. Да бидеме оптимисти доколку не сакаме да бидеме инвалиди во душата, т.е. многу поголеми инвалиди од оној инвалид – оптимист, којшто седи, без нозе, на столот и низ прозорецот го набљудува животот. Да бидеме оптимисти во мислите, бидејќи само оптимистичките мисли достигнуваат до Бога. Да бидеме оптимисти во чувствата, бидејќи оптимизмот е лек за жалоста и извор на вистинска и вечна радост. Да бидеме оптимисти во нашите дела, бидејќи нашите дела се вткајуваат во делата Божји и остануваат вечни како Божјите дела. Да бидеме оптимисти, бидејќи животот е оптимизам, а ние луѓето сме најдобрите столбови и најубавиот израз на животот.

превод од српски јазик: ст. Д.

од: ВЛАДИКА НИКОЛАЈ
ИЗНАД ГРЕХА И СМРТИ