Одисеј Елитис: Една е ластовичката

pantocrator

На 18-ти Октомври 1979 год., Нобеловата награда за литература ја доби поетот Одисеј Елитис.

Тогаш мнозина рекоа дека наградата не е чест само за Елитис, туку уште повеќе е чест за Нобел.

Го читав говорот на Елитис при приемот на Нобеловата награда. Овој голем поет, помеѓу останатото, ќе изрече зборови, коишто и денес се актуелни: „Мојот живот го поминав во 50 квадратни метри борејќи се со јазикот. Тоа е длабочината на поезијата: една продолжителна борба со јазикот… А, Поезијата? Што претставува таа во едно општество? Одговарам: единствениот простор кадешто моќта на бројката нема поминато“.

– – –

Одисеј Елитис: Една  Е  Ластовичката

 

Една е ластовичката и пролетта е скапа

За да се врати сонцето изискува работа многу

Си бара илјадници мртви да се на тркалата

Си бара и живите да ја даваат нивната крв.

 

Боже мој, Протомајсторе, ме вгради во планините

Боже мој, Протомајсторе, ме затвори во морето!

 

Беше земено од маговите телото на Мај

Го имаат закопано во една гробница на морето

Во еден длабок извор го имаат затворено,

Мирисаше мракот и сета бездна.

 

Боже мој, Протомајсторе, помеѓу јоргованите си и Ти,

Боже мој, Протомајсторе, замириса на Воскресение.

– – –

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

Οδυσσέας Ελύτης – Ενα το χελιδονι

Наидов и на една анализа на овие стихови, која произлегува од разговор со самиот Елитис; од обемниот текст на анализата, сосема кратко издвојувам само неколку преносни значења:

Ластовичката: надеж

Сонцето: слобода, духовно возрождение

Да се врати сонцето: да се врати слободата и да го преобрази животот

Тркалата: тркалото на судбината

Телото на Мај: закопаниот Христос, надоаѓачката Пролет

Мирисаше мракот: пророкува за Воскресението и за спасението на луѓето.

– – –

Еве го и убавиот обичај да се пее поезијата; во случајов на композиција на Микис Теодоракис, да се пеат овие стихови на Одисеј Елитис: