Хорхе Букај: Претпочитам да се борам за мојата слобода

Мојата посета на Елада ме поврзува со нештата што сум ги учел. Философијата на елинските философи ми сопатуваше низ сиот мој живот. Особено кога почнав да се интересирам за психологијата.

Едно од првите нешта на кои ме научија беше една парабола на Сократ. Кажуваше Сократ: „Се движам по патот и среќавам еден роб, испружен е, и спие. Од изразите и од тоа што го зборува во сонот, поимам оти робот сонува дека е слободен“.

Та, Сократ прашува: „Што требаше да направам? Требаше да го разбудам за да си освести дека во реалноста е роб и дека сонот за слободата не е вистинит, или, требаше да го оставам да спие и во неговите соништа да ја живее слободата, којашто ја нема“?!

Сократ одговори: „Не знам“.

Секогаш ме интересираше оваа историја, особено бидејќи јас „напредувам“ во светот „будејќи“ ги луѓето што „спијат“, а сонуваат дека се слободни.

И, зошто го правам тоа? Мислам дека така постапувам, бидејќи знам дека ќе постои еден ден кога ти, што стоиш таму, ќе ме сретнеш како спијам блиску покрај реката и сонувам дека сум слободен. Ти барам како дар, барем за мене, да немаш двоумења!

Разбуди ме!

Бидејќи сум сигурен дека претпочитам да се борам за мојата слобода или да се откажам од неа, отколку да живеам во еден свет на фантазијата, којшто мислам дека го имам, но никогаш сум го немал!

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид