Старогрчки анегдоти

ancient-greeks

– Некој човек се обидуваше да го натера Хипократ да оди во Персија за да го види Ксеркс, оти, како што му зборуваше, бил: „добар владетел“! Хипократ одби, велејќи: „Не ми е потребен добар човек, којшто ќе владее над мене“.

– Еден софист велеше: „Од сите нешта, најголема вредност има говорот“. Царот на Спарта му рече на софистот: „Сакаш да кажеш дека ти, кога не зборуваш, немаш никаква вредност“?

– Еднаш Диоген виде нечиста бања и ја постави неговата недоумица: „Оние, коишто тука се бањаат, каде ли одат потоа да се исчистат“!

– Демостен велеше оти многупати му доаѓало да се помоли да исчезнат лошите, но сепак се плашел дека можеби со неговата молитва целосно ќе се испустоши градот.

– Во едно друштво Талес велеше дека смртта во ништо не се разликува од животот. Тогаш некој го праша: „Штом е така, зошто тогаш не ја претпочиташ смртта“? Философот одговори: „Токму затоа што не се разликува од животот“.

– На некој, којшто зборуваше дека животот е грд, Диоген му рече: „Грд не е животот, грд е грдиот живот“.

– На една старица ѝ се судеше пред царот Филип. Гледајќи го дека е сонлив, го замоли, кревајќи го нејзинот глас, да ѝ даде право на жалба. Филип збунето ја праша: „И, кому ќе ја поднесеш жалбата“? Старицата одговори: „На Филип, кога ќе биде буден“.

– Му рече некој на Диоген: „Твоите сограѓани те осудија на прогон“. А, философот одговори: „И јас ги осудив да си останат на нивното место“.

– Диоген бараше милост од една скулптура. Кога го прашаа зошто го прави тоа, одговори: „Се вежбам за да не се разочарувам од бесчувствителноста на луѓето“.

– Го прашаа Аристотел: „Што ќаруваат оние коишто кажуваат лаги“? Философот одговори: „Да не им верува никој, дури и кога ја зборуваат вистината“!

– Аристип го молеше тиранот Дионисиј да му помогне на еден негов пријател. Дионисиј не му придаваше значење, та философот падна пред нозете на тиранот. Некој од опкружувањето му се потсмеа на Аристипа. Но, философот го оправдуваше своето дејствие: „Не сум виновен јас, туку Дионисиј, којшто си ги има ушите на неговите нозе“.

– Еднаш Врасид фати едно глувче. Но, тоа го гризна, та беше принуден да го пушти. Веднаш се сврте кон оние што беа со него и им рече: „Ништо не е толку мало за да не може да си го спаси својот живот со неговата смелост и храброст“.

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: ΑΡΧΑΙΑ ΕΛΛΗΝΙΚΑ ΑΝΕΚΔΟΤΑ