Предговор

ЛогиумВо своите раце, читателот ги држи кратките обраќања на Епископот стобиски и Местобљустител струмички Давид (Нинов), изговорени на неделните, или, пак, на некои други, празнични евангелски теми. Со мали исклучоци, речиси сите предочени обраќања се изговорени во нашиот манастир „Успение Богородично“. Вообичаено, обраќањата биваа снимани за време на богослужбата, веднаш после прочитаниот евангелски текст, а потоа, низ текот на времето, беа пренесувани и на хартија. Најголемиот дел од нив потекнуваат од првите неколку години, после ракополагањето на Епископот стобиски Давид во архиерејски чин, а ретки се оние обраќања, што имаат понов датум.

Редовите, беседите, коишто следуваат, не претставуваат схоластичко теоретизирање за човекот и светот во којшто тој живее, туку попрво се сведоштво за реалноста на животот во Христа, во нашето совремие, такво какво што е! Изговореното слово извира и се основа на Евангелието и секогаш за центар го има Христа, којшто е предвечното Слово и Премудроста Божја, којашто дејствува во светот и станува: „причина за вечно спасение“ (Евр. 5. 9). Освен повремени означувања на цитати од Светото Писмо, општо земено, овие обраќања немаат референци, бидејќи не се однапред подготвувани предавања на зададена тема, коишто би изискувале и научен пристап. Предочените обраќања се живо изговорена народна реч, која се однесува на Евангелието и неговата примена и поврзаност со секојдневните човекови дилеми, размислувања, проблематизирања. Токму затоа, обраќањата се изговорени на некомплициран јазик, јазик близок и разбирлив за човекот на нашето време. Би можеле да речеме дека овие кратки беседи, првенствено се наменети за оние луѓе, коишто дејствително учествуваат во литургискиот живот на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, но, воопшто не ја исклучуваме можноста дека нивната содржина може да биде информативна и за останатите, потенцијални читатели.

Во редовите што следуваат, значи, читателот ќе ги прочита ставовите, коишто Епископот стобиски Давид ги среќавал кај мнозина Свети Отци на Црквата, ги примил при личните средби и разговори со современи собраќа Епископи, теолози, старци, монаси, ширум канонското Православие, ги прочитал на интернет и му оставиле впечаток, ги чул и им се восхитувал на некоја од православните радио станици, и, се разбира, сето тоа го изговорил, поминувајќи го низ призмата на неговиот, повеќе од дведецениски живот, облечен во, за него, најскапоценото расо.

Следствено, согласно на зборовите на светиот Јован Дамаскин, кој вели: „јас нема ништо свое да говорам, само накратко ќе го изложам она што го рекле Божјите и мудри луѓе“, содржината на оваа книга, којашто потекнува од сите горепосочени, различни извори, Епископот стобиски Давид ја изложил, давајќи ѝ една своја боја, обележувајќи ја и со живото искуство на конкретните време и простор од неговиот живот; со што ја избегнал замката на оние обраќања, кои се обезбоени, бидејќи го немаат печатот на личната вера и опит на говорникот. Заради историското помнење, особено треба да се има предвид дека овие обраќања се изговорени во време на прогон на канонската Црква во нашата татковина, значи во време кога и во нашиот манастир, со партиска директива влегуваше полицијата, при што, покрај сите малтретирања и одземени предмети, беше одземен, а долго потоа и вратен, дури и диктафонот со кои ги снимавме овие кратки обраќања; значи, време кога верниот народ беше изложен на презир и кога на сите нам во манастирот, како и на луѓето, коишто доаѓаа на Литургија во манастирот, ни требаше слово на поттик, поткрепа и утеха.

Бездруго, од вид не треба да се испушти и следниов миг: обраќањата се упатени на конкретни луѓе при траењето на божествената Литургија, момент којшто дополнително предизвикал особено да се внимава тие да не траат долго, а изразот да биде едноставен, за слушателот без оптовареност да ја прими упатената порака, за, на тој начин, и самиот да учествува во „духот и вистината“ (Јован 4. 23, 24). Конечно, луѓето во храмот доаѓаат за, и покрај сите проблеми со кои се соочуваат, да ги заживеат истовремено мирот и радоста во Духот Свети, а проповедта треба да им помогне во тоа.

Привршувајќи го овој краток вовед, истакнуваме дека станува збор за практична проповед, согласно на ставот дека созерцанието и делата во православното Христијанство се неразделно поврзани, т.е. догматското учење е невозможно без праксата и обратно.

Следствено, проповедта е една духовна трпеза, со храна, подготвена да биде соодветен оброк за човекот со духовен апетит. Ова го предочуваме имајќи предвид дека амвонот, местото од кадешто се произнесува проповедта во храмот, не е световна говорница, и тој што проповеда не е световен оратор или актер, туку свештенослужител на тајната на словото на благодатта.

Игуманија Кирана со моите, во Христа, сестри