Мудрецот „којшто не знаеше ништо“!

sokratЈас, Атињани, ве почитувам и ве љубам, но ќе му бидам послушен на Бога, а не вам, та додека дишам и имам сила, нема да престанам да философирам[1], нема да престанам да ве поттикнувам и да му правам забелешки на секого од вас, когошто ќе се случи да го сретнам, велејќи го тоа што имам обичај: „Човеку битен, иако си Атињанин, граѓанин на најголемиот и најпознатиот град по мудроста и по влијанието, зар не се срамиш што од една страна ринташ за да се стекнеш со колку што може повеќе пари, глас и чест; а, од друга страна за разумноста и за вистината, и за тоа како душата твоја ќе стане колку што е возможно подобра, ниту ти е гајле, ниту се грижиш“!

Оти, добро нека ви е познато, Бог тоа го заповеда! И, мислам дека никогаш не постоеше поголемо добро за градот од моето дејствување во служењето на Бога!

Бидејќи јас не правам ништо друго, освен што талкам наоколу и се обидувам да ве убедам сите, млади и стари, да не се грижите над сѐ и со толкава ревност за вашето тело и за парите, туку за тоа како ќе ја направите вашата душа колку што е возможно подобра!

Ви велам дека: „не се создава од парите – доблест; туку од доблеста – пари, и сите други добра на луѓето, и во личниот и во јавниот живот“.

– – –

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Ανθολόγιο Φιλοσοφικών Κειμένων, Πλάτων, Απολογία Σωκράτους 29d – 30a-b, Αθήνα

[1] За Сократ, философијата е истражување во барањето на знаењето. Тука ги предизвикува неговите судии, изјавувајќи дека нема да се потчини на една одлука на демократското мнозинство, којашто ќе му ја забрани философската дејност.