Псалм 145

преп. Сисој

Прекрасните стихови од, како што го нарекуваат: „Псалтир“-от на светиот Пророк и Цар Давид, денес, како и во многу други епохи од постоењето на човекот, биваат читани повеќе од било кои други стихови на Стариот Завет. Сведочам дека постојат места, кадешто поезијата на Псалмите се пее без престан.

Следува Псалмот 145, и претходно, краткото толкувањето на стиховите 3 и 4, од споменатиот Псалм, којшто, познато ви е, го слушаме секоја недела: „Не ја потпирајте вашата надеж и вашите убедувања во водачите од овој свет, во синовите на трулежните луѓе, коишто немаат моќ да ве спасат. Духот на секого од нив ќе излезе од неговото тело и телото ќе се врати во земјата негова. Во тој ден на смртта, ќе се изгубат сите мисли и планови нивни.“

Псалм 145

1. Прославувај Го, душо моја, Господа.

2. Ќе Го прославувам Господа во животот мој,

ќе Му псалмопеам на Бога мој додека постојам.

3. Не се надевајте на кнезовите,

на синовите човечки, во нив нема спасение.

4. Излегува духот негов и телото ќе се врати во земјата своја,

во тој ден се губат сите помисли негови.

5. Блажен е оној, на кого Бог Јаковов му е помошник негов,

и надежта негова е во Господа, неговиот Бог,

6. Кој ги создаде небото и земјата,

морето и сè што е во нив,

Кој ја чува вистината во вековите.

7. Кој врши суд за онеправданите,

Кој им дава храна на гладните.

Господ ги ослободува окованите

8. Господ ги умудрува слепите,

Господ ги подигнува паднатите,

Господ ги љуби праведните.

9. Господ ги чува дојденците,

сиротата и вдовицата ги прима,

а патот на грешниците го погубува.

10. Ќе се зацари Господ во веки,

Богот твој, Сионе, од род во род.

– – –

Превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

Од: Το Ψαλτήριον του Προφήτου και Βασιλέως Δαβίδ, Αθήνα, 2007