Епископ стобиски Давид: За каков соживот зборувате?! (обраќање кон г. Ѓ. Иванов)

%d0%b1%d1%80%d0%b8%d1%81%d0%b5%d0%bb

Почитуван г-дин Ѓ. Иванов,

денес, во некои од средствата за информирање, со вчерашен датум (11. 09. 2016 год., на пр.: Иванов за моделот на соживот), прочитав оти сте изјавиле дека: „Мајка Тереза ја врати свеста за неотуѓивото човечко достоинство“, како и дека: „единствениот вистински начин да ја покажеме нашата почит кон неа е да живееме заедно со сите наши најдлабоки верски (и други), разлики.“  Воедно, сте повикале на нејзиниот аманет да го чуваме нашиот модел на соживот и т.н., и т.н.

За жал, Вашите зборови не соодветствуваат со нашиот дејствителен живот! Сакам да верувам дека тоа Ви е добро познато, но заради историското помнење, ќе Ве потсетам на следново: помеѓу Црквата на која јас ѝ припаѓам и Црквата на која Вие ѝ припаѓате, постојат суштински, но не и непремостливи разлики, па сепак, Вие, не само што не ги почитувате тие разлики, туку правите сѐ за да нѐ сотрете од лицето на оваа земја, која, патем, колку што е Ваша, подеднакво е и наша!

За каков соживот, тогаш, и за какво почитување на верските разлики зборувате?!

Државниот апарат, осумпати го стави во затвор Архиепископот охридски Јован, тепаше свештеници и монахињи, рушеше наши храмови… и, нема повеќе да набројувам со какви сѐ бесчестија се соочуваме од страна на Вашите „милост и љубов“! Ќе предочам само дека и во мигов кога Ви пишувам, тортурата што ја спроведувате трае, преку непрегледно долгиот, политички монтиран судски процес против нас, и тоа, замислете, токму од страна на истиот суд, којшто грубо прекршувајќи го Законот, одбива да ја регистрира нашата Црква во судскиот регистар на верските заедници!

Следствено, меѓународната јавност, којашто будно го набљудува почитувањето на човековите права и верските слободи, како услов за придвижување на нашата земја кон напредните демократии, посочува дека законот за регистрација на верските заедници веќе е размачкана и грда шминка, т.е. сте го донеле – за да не го спроведувате, и, притоа, да го штитите монополот на Вашата Црква, нешто непоимливо дури и само за декларативно секуларните општествени уредувања! Оттука, според судскиот регистар, денес имаме повеќе одбиени, отколку регистрирани верски заедници! Јас, во Брисел, лично ги имам чуено; но, сте ѝ ги објасниле ли Вие на домашната јавност последиците, коишто ги трпи нашата земја заради неприменувањето на гореспоменатиот закон?! Сте ѝ откриле ли Вие на јавноста дека почитувањето на верските слободи, и тоа за сите граѓани подеднакво, е conditio sine qua non, за едно општество да се нарече човечко?!

Каков ли Ви е тој модел на соживот, какво ли Ви е тоа почитување на верските разлики?!

Од накратко горепредочениот однос, на секој вистинољубив граѓанин совршено му е јасно, дека државниот апарат кој го возглавувате, го гази нашето неотуѓиво човечко достоинство, покажувајќи дека не ни ја простува среќата што ја живееме, а која происходи од нашето заедничарење во Соборноста на Црквата! Сепак, иако е парадокс, претпоставувам јасно Ви е, дека тоа за нас претставува исклучително погодна состојба, согласно на која сме подготвени попрво ние да поднесуваме, отколку некому да нанесуваме неправда! Вашето, пак, нанесување неправда, кое не Ви кореспондира со розовите очила, ќе оставиме да сведочи за Вашата малодушност!

Почитуван г-дин Ѓ. Иванов,

свесни сте дека времето минува! И, нема ништо лошо во тоа што времето минува, но не е добро човекот, низ времетечението, да не се стекнува со мудрост и моќ!

Искрено се надевам и се молам разликите во меѓусебните верски уверувања да се надминат за време на нашиот живот. Не толку заради Вас и мене, колку заради новите луѓе, коишто допрва и неминовно доаѓаат. Доколку, пак, за жал, тоа не се случи, запомнете дека некакви политичари секогаш повремено ќе ја имаат власта, но апсолутно никогаш нема да можат да управуваат со Соборната Црква, бидејќи Соборната Црква, како и денес, така и секогаш, ќе ја има мудроста и моќта.

Бездруго, не Ве потценувам, за да мислам дека сега треба и да Ви објаснувам за каква мудрост и моќ станува збор!

Речиси сум сигурен дека Ви е целосно јасно сѐ што погоре е напишано, а бидете без сомнеж, напишано е најдобронамерно!

– – –

Извор: http://plusinfo.mk/vest/85655/episkop-stobiski-david-do-gjorgje-ivanov-za-kakov-sozivot-zboruvate