Епископ стобиски Давид: Покажете ни го човекот!

%d0%bf%d0%bb%d1%83%d1%81%d0%b8%d0%bd%d1%84%d0%be-18-09-16

Во древната философија беше изговорена извесната максима: „човекот е мерка на сѐ“ (Протагора), согласно на која, токму човекот е критериумот според кој ќе биде вреднувано севкупното постоење. Денес, се чини, сосема e логично да се постави прашањето, и, проблематизирајќи ја посочената изрека, да се рече: во ред, но кој човек? Покажете ни го човекот!

Се добива впечаток дека, кај нас, хуманизмот е станат мода (најнов начин), или, снобизам (sine nobilitate)! Можна илустрација за реченово, бездруго е примитивниот пристап со којшто одредени јавни личности им помагаа на загрозените при непогодите во природата, со кои неодамна се соочивме. Потем, и од една, веќе пословична личност, доживеавме таква поплава од хуманизам, која, за среќа, не го потопи сознанието од „Животинска фарма“, дека сите се еднакви, но сепак, некои се поеднакви од другите!

Шегата на страна! Ние денес не можеме да се повикуваме на хуманизам, или, поточно речено, не можеме да зборуваме за човештина, додека не видиме каков човек треба да постанеме! Едноставно, никој нема, ниту, пак, било кога може да има монопол на темата човек! Следствено, несомнено постои еден наш, заеднички простор за дијалог, простор во којшто можеме да учествуваме сите, бидејќи сме луѓе. Веројатно не ќе сретнеме човек, кој не чувствува дека е повикан да го менува своето постоење на добро, кој не чувствува дека е динамично битие и може да се развива. Значи, човекот ја има можноста да биде автентично и остварено постоење, но согледува дека сѐ уште не станал тоа што може да биде, поаѓајќи од фактот дека секогаш може подобро. Оттука, единствената наша надеж, денес останува човекот со неговата човештина! Но, рековме, кој човек и која човештина?

Човекот како мерка на сѐ може да биде и Аристотеловиот, и Василиевиот човек – како општествено битие, како битие на заедницата. Надоврзувајќи се на овој став, умните и учените, пројавуваат интерес за човекот, не како изолирана личност, не како партиски пион, туку за човекот како заедница, во која тој не се претопува до губење на личноста, туку со своите квалитети и различност, станува суштинска одлика на заедницата. Затоа, ми се чини, претставува непобитен факт дека е беспредметно да се говори за менување само на еден, одвоен човек. Стигнувајќи, пак, до заедницата, неминовно пристигнуваме и до слободата! Невозможно е за човекот да живее во заедница, а вон слободата! Лав Шестов, анализирајќи го учењето на Достоевски, вели дека овој повикува, човекот да биде подготвен на спротивставување и на секаква жртва, против оној систем, што ќе се обиде да му ја загрози, загорчи и скрати слободата, во смисла – да му ја купи слободата и да ја потчини на своја цел!

Оттука, темата на слободата е клучна за објава на човекот кон кој е возможно да биде насочен нашиот стремеж. Се чини, неопходно е да се истакне, оти мнозина мислечки луѓе се согласуваат дека слободата истовремено подразбира одговорност и дека во моментот кога човекот сака да ја префрли сопствената одговорност на некој друг во заедницата, тогаш бива целосно уништен и обесмислен како личност.

Рековме, Аристотел го определи човекот како: ζώον πολιτικόν (зоон политикон), т.е. политичко битие. Овој израз е извлечен од грчката именка за град, т.е. полис, та во одредена смисла, да се биде политичко битие, бездруго значи и да се биде граѓанин, (πολίτης, политис), т.е., човек со слобода и одговорност за градот, за општеството, како заеднички начин на постоење. Политиката не е ексклузивно право на политичарите, туку е должност на секој граѓанин! Гледајте, наспроти именката граѓанин, политис, во богатиот и полнозначен елински јазик стои именката идиотис (ιδιώτης, идиот), т.е., човек којшто е неупатен во граѓанските работи, незнајко во она што ја засега целата заедница, а не само одредена група на луѓе од интерес. Оттаму, потоа, доаѓа сликовитото значење, коешто ни е познато на сите.

Во неговата „Политичка философија“, Адам Свифт зборува за ефективната и формалната слобода. Фактот дека ништо и од никого формално не ви е забрането, едноставно воопшто не значи дека вие можете ефективно тоа и да го правите! Во нашата татковина, во преносна смисла, секој човек може да отиде на одмор, на пр., во некој добар хотел во Калифорнија, бидејќи не постои закон, којшто тоа го забранува. Но, она што би требало да се подразбира, а тоа е заслужениот краток одмор за граѓанинот, си останува само формална слобода. Ефективната слобода, односно вистински да се летува во Калифорнија, е привилегија на луѓето, кои сметаат дека „се мерка за сѐ“.

Иднината е нова можност! Од секого поединечно зависи каков човек ќе постане! Дали ќе постане, или не, човек-политис со длабока свест за граѓанските работи, кои се однесуваат на доброто за сите луѓе подеднакво, човек со одговорност за целата заедница, а не за некое нејзино парче, човек со ефективна, а не со формална слобода!

– – –

Извор: http://www.plusinfo.mk/mislenje/1885/pokazete-ni-go-covekot