Епископ стобиски Давид: Пукнатина во браната!

%d0%bf%d0%bb%d1%83%d1%81%d0%b8%d0%bd%d1%84%d0%be-26-09-16

Парафразирајќи ги полнозначните стихови на Јан Кертис, легендарниот фронтмен на „Џој Дивижн“, согласно на кои, кога рутината гризнува силно, тогаш и амбициите стануваат ниски (Substance, 1988), се чини, би можело да се констатира дека антрополошкото сидро на нашето општество, засега е фрлено во плитките води на човековата егзистенција. Но, бездруго не би можело да констатираме дека процесот на инфантилизација на јавната свест претставува актуелен процес! А, не претставува актуелен процес, токму затоа што инфантилизацијата на јавната свест се збива веќе години наназад!

Како плод на долгото отсуство на самобитно помнење, како плод на рутинското фалсификување на науката, на оспорувањето на иднината и од тоа произлегувачкиот начин на мислење, формирани се јавни претстави, чиишто содржини го доведуваат нашето меѓусебно разбирање до парадокс. За да го осветлиме парадоксот, прво треба да појмиме дека постојат луѓе, коишто го негираат погоререченото. А, тоа негирање, во суштина ја претставува ниската амбиција да се одобрува сето она за што се знае дека е лага! Оттаму, и политичката борба се одвива на начин, кој не го подразбира разумното и аргументирано несложување.

За да го илустрирам досега предоченото, неопходно е да се послужам со извесниот поим: „секуларно свештенство“! Како што ви е познато, овој поим во модерната историја на политичките идеи го воведува Исаиј Берлин, философот бранител на либерализмот од канџите на тоталитаризмот. Со посочениот поим, Исаиј Берлин ги има означено тоталитаристичките интелектуалци, оние кои ја бранат владината идеологија и злосторствата на власта. Уште ги нарекува и комесари, спротивставувајќи им ги на дејствително мислечките интелектуалци, кои ги оспоруваат и осудуваат истите работи.

Но, се разбира, тој поим може да има и општо значење. Комесарите прават сѐ, за луѓето молчешкум да си прифатат дека нивните животи се безначајни, подјармени, дека ништо не може да се промени, та конечно и да се помират дека токму мочуриштето е најдоброто опкружување за нив. Следствено, наместо секој човек да креира автентичен и квалитетен граѓански соживот, тој треба да ја предаде својата судбина во рацете на „секуларното свештенство“! „Секуларното свештенство“ е во крстоносен поход истовремено да ја опслужува и распределува моќта.

Во животов имам едно скромно богатство, кое се состои од средби со луѓе од мојот човечки род, со коишто можам да глаголам дури и кога завземаме целосно спротивставени бусии. Но, богат сум и со искуство, подарено од не мал број „секуларни свештеници“, кои наместо аргументирано да полемизираат, настојуваат другиот да биде сотрен, толку немилосрдно, колку што е потребно. Доколку ја земам четкичката за сликање в рака, би можел како Ел Греко, да го насликам на пр., „секуларниот свештеник“ Бранко Ѓорѓевски, како десет години ме развлекува по насловни страници на партиски гласила и по неговите монотони, удбашки памфлети. Би можел да насликам, како во изминатава деценија, иако ме третирал во неговите комесарски извештаи, сепак, ниту еден, единствен пат не ми се јавил да размениме збор, за како што налага професионалната новинарска етика, да ѝ даде простор и на другата страна. Од него не се разликуваат ни разноразните скороевци, гласноговорници/чки од власта, сега оваа, но доколку не се еманципира културната сцена, тогаш и од било која друга власт, кои ја изневеруваат демократската содржина, постапувајќи некреативно со неистомислениците, и сето тоа во име на слободата. „Секуларното свештенство“ е пукнатина во браната на државата!

Но, еве, засега нема да ја земам четкичката, бидејќи, во тој случај и самиот Меланхтон би се вџашил пред „теолошкото беснило“ на „секуларните свештеници“, коешто владее кај нас!

Некаде прочитав дека, дури и Мартин Хајдегер, кој ги прикриваше фактите од својата нацистичка, ректорска кариера, која истовремено, неуверливо и недоследно ја правдаше, во писмо од 7 Март 1950 год., му соопштува на Јасперс дека долго не му се јавувал бидејќи му било „срам“! Без доверба кон јавната совест, која одекнува во оној дел од неинфантилизираното јавно мнение, сепак, дури и таквиот Хајдегер, пред крајот на својот живот, кога веќе немал од што да се плаши и кога не морал никому да се додворува и да сведува сметки, во познатото интервју за „Шпигел“ (го има на интернет: Martin Heidegger, “Only a God Can Save Us”: The Spiegel Interview, 1966), вели дека тоа што не отишол на закопот на својот учител Хусерл (нели, патем речено, Евреин), во 1938 год, само покажува дека – потфрлил како човек! Големите луѓе така го изразуваат поривот кон љубомудрие.

Ако пред крајот на животот човекот се ослободува и не мора никому да се додворува, зошто таа моќ да не ја зграпчи и да не ја култивира уште сега! Да не потфрли како човек!

– – –

Извор: http://plusinfo.mk/mislenje/1911/puknatina-vo-branata