Епископ стобиски Давид: Владата да се оддели од државата!

%d1%81%d0%bf-05-10-16

Философот Антистен ги советуваше своите сограѓани да излезат и да гласаат. Истовремено, ги уверуваше дека конечниот исход од нивното гласање треба да биде победата, која ќе се состои во прогласување на магаренцата за коњи. Кога му рекоа дека тоа е вон секоја логика, философот забележа: па, зар и народен водач не се станува од потпросечен студент, единствено со вашиот глас!

Во 1991 год., излегов на историскиот референдум и учествував во создавањето на нашава современа држава. Следствено, бивајќи малку постар од неа, следам како расте и гледајќи, согласно на стиховите на Бјенковски, точката до којашто стигнав, стана гледна точка. Имено, очигледно е дека кога граѓаните на напредните демократии им пристапуваат на гласачките кутии, тоа го прават со цел да изберат умни луѓе, односно влада, која ќе го обезбеди функционирањето на државата, на професионалниот државен апарат, за период од конкретен број години. Значи, државата веќе постои, а владата, просто, само ја насочува кон целите, коишто граѓанинот ѝ ги определил, ѝ ги наредил, со својот глас. Во делумно слободните земји, т.е. кај нас, се добива впечаток, дека, од самиот почеток, не гласаме за влада, која ќе ја гарантира ефикасноста на државата, туку за водач-спасител, на кого му претстои допрва да воспостави држава и со кого ќе започне текот на историјата. Таквата појава се заканува да стане фабричка мана во совеста на нашата заедница!

Истражувајќи го процесот на социјализација, Чарлс Кули, познат по теоријата „гледајќи се себе во огледало“ (looking-glass self), покрај семејството, проучува и други групи во општеството, групите за игра, работа, пријателство. Сите, кои учествувале во овие групи, имале свест дека претставуваат една заедница. На тој начин овие различни групи, придонесуваат во развојот на „совеста за нас“. Обликувањето на човековата личност, согласно на теоријата на Кули, личи на една игра, која во основа ја има „иконата на егото“. Тоа значи дека човекот, при процесот на социјализација, се гледа себе си со очите на другите, на оние што го опкружуваат. Така, реакциите од другите на неговото однесување, ја одразуваат „иконата на (неговото) его“.

Овие ставови на Кули се исклучително битни! За да може да се разбере нивното значење, предвид треба да се има токму примерот од областа на политиката. Многу често, раководните личности од областа на политиката, народните водачи-спасители, си образуваат една погрешна слика за себе си, бидејќи оние кои ги опкружуваат им пренесуваат лажни информации во врска со претставата, којашто за нив се создава кај народот.

Познати ви се примерите од приказните на Истокот, според кои владетелите се маскираат и излегуваат по плоштадите да се измешаат помеѓу луѓето, та така да здобијат непосредно искуство во однос на претставите, коишто народот ги создава за нивните личности. Барем мене, од нашата современа историја, не ми е познато некоја раководна личност да се прошетала маскирана низ пазарот, та токму таму да ја чуе вистината за себе! Сепак, независно од тоа дали владетелите го сметаат вистинито или не, тоа што се зборува за нив по пазарите, за нас е битно дека предочените примери ги потврдуваат погледите на Кули за улогата на комуникацијата во обликувањето на „иконата на егото“. Како што забележува Кули, човечкото општество не е, или, не би требало да биде еден „двор со кокошки“, туку заедница на мислечки битија, кои имаат моќ да заедничарат, да комуницираат.

Сепак, тоа што гласниот и бестрашен начин на комуникација кај напредните општества, сам по себе се подразбира, за нас, како заедница, останува недостижна храброст и се претвора во шепот по ходниците. Останува недостижно функционирањето на државата да не зависи од владата, од подземјето на партијата. Потребни ни се, значи, автентични – комуникација и социјализирање! Неопходно ни е да се оддели владата од државата!

Демократијата, во нејзиното јадро, се однесува на сиот народ, кој поседува моќ да изгласа одлуки за правилата според кои ќе живее. Еве пример! Замислете си две општества! Во едното, демократијата одредува во што е дозволено да се верува. Во другото, секоја личност има слобода да си ја одбере верската припадност. Кое општество е подемократско? Се разбира, секој сам ќе си одговори на ова прашање, а притоа, нека го има во вид и фактот дека според судскиот регистар во Р. Македонија, во мигов има повеќе одбиени барања за регистрирање на верски заедници, отколку регистрирани! Оваа илустрација, во преносна смисла отсликува многу и различни слоеви од нашата заедница!

Да слушаме и гледаме насекаде! Да одлучуваме за себе си! Кон каде сме појдени? Постои нешто многу полошо од историското изумирање на еден народ. А, тоа е, народот да си мисли дека живее низ неколку десетлетија, гледајќи го, всушност, секојдневно, сопствениот погреб!

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/1931/vladata-da-se-oddeli-od-drzavata