Епископ стобиски Давид: Страв од субверзијата на инаквиот!

%d1%81%d0%bf-13-10-2016

Доколку ги согледува, од објективен аспект, околностите во кои е западнато нашето општество, трезвеномислечкиот човек со леснотија може да констатира дека станува збор за еден особен вид на негова сталинизација! Неопходно е да определиме, што точно, во случајов, подразбира поимот сталинизација. Имено, во времето на другарот Џугашвили, стрелани се, или, лишени од слобода, околу шестотини илјади луѓе од партијата, поради обвинение дека се шпиони, провокатори, предавници. Тоа што важело за тогашната партија, се добива впечаток како денес, во преносна смисла, да важи за нашиот народ. Зар ќе одрече некој дека живееме во поделено општество! Речиси половина од жителите, денес произволно биваат прогласувани за државни непријатели, предавници, провокатори, и доколку таа теза се земе како точна, тогаш доаѓаме до непобитниот факт дека републикава воопшто не е стабилна, како што сакаат да ја претстават владините средства за информирање. Замислете, за каква стабилност и сигурност би можело да стане збор, доколку секој втор човек, т.е. оној што е до вас, веќе е станат ваш и непријател на републиката!

Ако нештата продолжат со оваа прогресија, тогаш за очекување е и нам да ни се случи онаа впечатлива повест од епохата на Сталин, со еден припадник на неговата партија, кој бил дел од келија што броела 20 членови. Тој сталиновец ги поткажал како „шпиони“ сите свои 19 другари. Некои биле исклучени од партијата, а некои стрелани! Но, тоа не било сѐ! Еден ден, овој совесен сталиновец се поткажал и себе си, и барал да биде уапсен, само зашто познавал непријатели на партијата! Воопшто не сме далеку од оваа сцена. Еве илустрација! Ако бегло фрлам поглед на политичката позадина на претставничката на политбирото за религија во татковинава, и на нејзините, во сталинистички манир, карикатурални настапи, кога говори на религиски теми, за кои, од Марс се гледа, како да не е кадарна да зборува, тогаш на пр., ми се чини, без тешкотија би можел да појмам дека е сосема возможно и Валентина Божиновска да се поткаже себе си, да побара исклучување. Е, со тој чин, дејствително би придонела за стабилноста на земјава!

Формирањето на нашата држава во 1945 год., е поврзано со еднопартиски систем. Се чини, тешко се ослободуваме од еднопартиската идеолошка матрица и бавно се навикнуваме на плурализам во мислењето. Само за почеток, бидејќи има уште малку време, ако посакуваме полнота на слободата и градење на стабилно општество, потребни се две нешта.

Прво! Кој станува цел на обвинението? Очигледно, денес, цел на обвинението станува човекот на инаквоста, човекот кој соопштува мислење што не се совпаѓа со мислењето на партијата на власт. Кога поинаквиот човек постои во јавниот простор, за партијата на власт тој сѐ уште носи дух на субверзија. Во напредните демократии, пак, делото, дури и на еден пратеник од власта, е контролирање не само на опозицијата, но и на неговата партија, на неговиот водач, со цел да се избори за предлозите на граѓаните, кои го гласале. Денес, не сите, но најголемиот дел од пратениците се безлични единки и неодговорни пиони, исцело согласно на моделот на сталинизмот. Но, тоа воопшто не значи, дека е невозможно веќе утре, токму тие да бидат луѓето на инаквоста, според зборовите на Алиса од Земјата на чудата, која вели дека единствениот начин да се постигне невозможното е да веруваш дека е возможно. И јас верувам, та затоа повикувам: да не се откажуваме од невозможното!

Второ! Реформа на денешното пословично судство! Во 1937 год., сталиновиот советски суд ја осуди Евгенија Соломонова Гинзбург. Веројатно не постои граѓанин, кој ја пропуштил оваа лекција во својот образовен или самообразовен процес. Евгенија беше осудена за убиство извршено во Ленинград, иако е докажано дека таа никогаш во нејзиниот живот не била во Ленинград! На Евгенија и бил конфискуван имотот, за после нејзината голгота, во својата автобиографија таа да запише дека конфискацијата е главниот бизнис на советската политичко-судска идеолошка матрица. Не е тајна дека во Р. Македонија денес постојат многу Евгении! Нашите пословични судови не треба да си дозволат, идните генерации низ светот, да изучуваат примери, како тие осудувале црковни, политички, бизнис и др., неистомисленици, само за да им биде конфискуван нивниот имот, бидејќи конфискацијата била главната работа на денешната македонска политичко-судска, цезаро-папистичка идеолошка матрица!

Следствено, секоја индивидуа од власта, од првата, па до онаа во политбирото за религија, и секој судија, треба да сфатат дека е варварски без основа да ги осудуваат инаквите луѓе како носители на непожелни, субверзивни мисли, и да очекуваат дека тие нема да учествуваат во јавната акција. За секоја власт и за секој суд, ќе треба да биде совршено јасно дека на демократскиот хоризонт, сите прашања: историски, научни, религиски, идентитетски, архитектонски, прашањата за човековите права и слободи… остануваат на видикот! Конечно, сум рекол и ќе повторам, власта и судот ќе треба да престанат слободата да ја подразбираат единствено како ослободување од другиот, оти ако не го сторат тоа, ќе покажат дека немаат капацитет да сфатат дека тоа претставува најсуров вид на егоизам!