Епископ стобиски Давид: The Doors!

%d1%81%d0%bf-20-10-2016

Нешто повеќе од четврт век, како Сизифи се бориме да го извишиме нашето познание, да го издигнеме нашето заедничко бивствување до врвот на самовластноста, т.е. до артикулирање и целосна слобода на човековата волја, значи до точката без враќање назад. Но, овој подвиг, досега се покажува претежок товар, кој в миг ни се лизга низ раце, и, еве нѐ повторно на почетната сцена од историјата, живуркаме во длабоката сенка на лажната сигурност. Четврт век самодоволна егзалтација дека сме колевка на цивилизацијата, а тимот што упорно губи, ја заглавува вратата, и не се менува! Рекламата за стиропорот ја заменува метафизиката на Курбиново, кое пропаѓа! И, никому ништо!

Имајќи го предвид реченово, без сомнеж се покажува дека, не економскиот, не еколошкиот, не некој друг, туку токму гносеолошкиот проблем, проблемот на одзатнување на затнатите органи за познание, претставува првичен, централен проблем на нашето општество. Не оти другите, гореспомнати проблеми се небитни, но се чини, нивното решение ќе биде последица на познанието, како што е природно во домот да се влезе низ вратата, а не низ ѕидот. Мнозина мислечки луѓе констатираат дека критичката гносеологија е најпрефинетиот плод на културата на едно зрело општество. Врз основа на овој став, не мал број личности од моето опкружување, недвосмислено јасно ја предочуваат нивната убеденост дека главна одлика на големото мноштво од нашето граѓанство претставува – нагонската неодлучност да дејствуваат во областа на познанието! Не се фаќаат за рачката за да ја отворат вратата! Чекаат, за нив, тоа да го направи водач со месијански амбиции. Некаде прочитав дека во Јапонија е отворена првата институција за третирање на зависност од интернет, додека, пак, во Израел, првата институција за третирање на зависност од месијански амбиции.

Но, зошто се збива реченото? Едноставен е, барем еден од можните одговори! Значи, воопшто не е мал бројот на оние луѓе, на кои потполно им е изопачена целовитоста на животот!

Еве пример! Пословичниот философ Диоген бараше милостина од една скулптура. Кога го прашаа зошто се однесува невообичаено и спротивно на очекувањата на опкружувањето, тој смирено одговори: „Се вежбам, за да не се разочарувам од бесчувствителноста на луѓето“. Си помислив, кога би бил уметник, кој работи перформанси, би се поставил себе си, со сите оние, кои можеби слободно би посакале да соучествуваат, пред скулптурите во центарот на градот, на пр., на еден од новите мостови. Од скулптурите ќе бараме милостина. Претставете си ја фотографијата од тој чин, која ќе ја обиколи јавноста. Тој светлопис ќе биде нашето денешно, творечко подражавање на древната Диогенова философија. Сликата, од градот на просењето, ќе сведочи за бесчувствителноста на мајсторите на кичот, но ќе сведочи и за едно ново познание, за едно ново дејствие.

За кое познание ќе сведочи? Впечаток е дека, од почетокот, управувањето на државата, кај нас, како да се поистовети со желбата за моќ и склучување сојузи на професионалците на моќта, а не со свеста за заедницата. Тоа значи дека граѓаните го губат своето автентично „јас“, за потоа да го сретнат целосно обезличено во наодите на нарачаните анкети. Граѓаните биваат угнетени, од оние кои за угнетувањето примаат плата, доживотно. Ова познание треба да им овозможи на оние личности, кои ќе се охрабрат да дејствуваат, наместо да ги сметаат своите соништа за реалност, да ја создадат својата нова стварност, да почнат со славјето на различноста и со новото метаетничко општество! Тоа ќе им даде и нов политички идентитет, согласно на кој, нема да бидат пасивни амали на постоењето, туку творечки обликувачи на иднината.

Затскривањето зад вкочанетото постоење на скулптурата, зад затворената и извалкана врата, ја жртвува реалноста за лажни претстави. За такво нешто да профункционира, владеачката гарнитура, барем досега, имаше изразена потребна од своевидна политичка теологија. Политичката теологија ги расцепува автентичните пориви на луѓето, значи, ги разделува од вистината, и има за цел да ја уништи човековата самопочит и храброст. Има за цел, влевајќи му страв, да го направи, човекот, малолетен. Затоа, политичката теологија е нема како скулптурите, таа е икона на затворениот и гетоизиран систем на партиската религија.

Затворената и извалкана врата, нели, претставува метафора за рестрикцијата на созерцанието, на познанието. Претстои сосредоточување на централниот проблем, гносеолошкиот. Претстои акција во областа на познанието. Наскоро ни претстои да ја одглавиме вратата и ширум да ја отвориме, за согласно на извесните стихови на Вилијам Блејк, да се отстранат сите препреки, та пред нас да се рашират портите на перцепцијата, пред новиот човек да се распостели новата димензија на неговото самовластно постоење.

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/1984/the-doors