Епископ стобиски Давид: Демитологизација сега!

%d0%bf%d0%bb%d1%83%d1%81%d0%b8%d0%bd%d1%84%d0%be-26-10-2016

Никогаш нема да си дозволам да го квалификувам приватниот живот на било кој човек. По ниту една цена, нема да удрам по личност, доколку не можам по аргументите! Сметам дека со клевети се служат инфериорните луѓе, оние што се обидуваат сопствената оскудност да ја покријат со оцрнување на другите, кои се наоѓаат на повозвишено рамниште од нив! Затоа, попрвин прифаќам да ми биде нанесена неправда, отколку јас да онеправдам некого! Земајќи го реченово во вид, никогаш нема да пишувам против личноста на новинарот Бранко Ѓорѓевски, а, колку и да не се сложувам со неговите написи, секогаш и без остаток, ќе ја бранам неговата слобода на израз.

Сепак, токму горепосочениот став, ме ослободува да оспорам конкретни чкртаници, кои Бранко Ѓорѓевски ѝ ги сервирал на јавноста, за таа, безмалку, само да ги голтне. Имено, добив примерок на „Дневник“ (6. 10. 2016 год., бр. 6183), кадешто Бранко Ѓорѓевски потпишал текст, испишан со невистини! Оттука, конструктивно е, на истата јавност да ѝ бидат испроблематизирани невистините, притоа без да сервирам заклучоци, туку да ги поттикнам читателите, самите да дојдат до нив.

Овојпат ќе се осврнам на две невистини! Прво, Бранко Ѓорѓевски, со бомбастичен наслов најавува дека „Черепот на св. Климент по 700 години ќе дојде во Македонија“, и тоа „во 2020 год.“, како „резултат на подготвеноста на грчкиот архимандрит Порфириј“, од манастирот во Р. Грција, кадешто се наоѓа главата на св. Климент Охридски. Изворот, кој му ја пласирал оваа информација, ја жртвувал посетата на архимандритот Порфириј за еднократно себерекламирање, а новинарот наседнал. Се поставува логичното прашање: зошто Бранко Ѓорѓевски не му се јавил на архимандритот Порфириј? Зар не ќе беше веродостојно, доколку ни имаше напишано дека лично се чул или видел со архимандритот Порфириј, и од него добил потврда на информацијата? Но, не постапил така! Тоа, пак, сведочи за неговиот непрофесионален пристап кон темата! Ако не може да го добие отецот Порфириј, му стојам на располагање да му овозможам контакт. Но, едно е сигурно, доколку после четири години, МПЦ-ОА е сѐ уште непризната, тогаш ќе ги потсетам читателите на обидите за нивно замајување со изнесените невистини во однос на доаѓањето на св. Климент! Бидејќи, дури и да е повод „манастирски јубилеј“, за жал, черепот, бездруго нема да биде донесен во непризната црква! Инаку, ќе им беше донесен и досега!

Второ, и побитно! Во истиот текст, Бранко Ѓорѓевски пишува дека „св. Климент Охридски е основоположник на МПЦ-ОА“! Неодамна бев поканет да одржам предавање за св. Климент во Верија, па ја истражував темата. Веројатно, за да го напише горепосоченото, новинарот ги консултирал митолошки обоените историчари Славко Димевски („Историја на МПЦ“, стр. 5, Македонска книга, Скопје, 1989), и Јован Белчовски („Историските основи за автокефалноста на МПЦ“, стр. 12, Скопје, 1990), кои го пишуваат истото.

Ја предизвикувам здравата логика на читателот со следниве непобитни историски факти: св. Климент се упокоил 916 год., а Охридската архиепископија е основана 1018 год., од византискиот император Василиј II, со три златни, сочувани хрисовули (Иван Снегаров, „История на Охридската Архиепископия“, Том 1, стр. 52 – 63, Академично издателство, София, 1995)! Ако св. Климент се упокоил еден век и две години пред основањето на Охридската архиепископија, како е возможно да ја основал истата?! Како и кога го направил чинот на основање?!

Оттука, пак, во текот на животот, св. Климент никогаш и ја немал титулата Охридски, туку бил епископ Велички. Охридски станува почесно, после смртта! Тогаш, логично е и прашањето: на која црковна јурисдикција бил епископ? Бугарската црква станува патријаршија во 927 год., единаесет години после смртта на св. Климент, од што кристално јасно се гледа дека св. Климент бил епископ на Цариградската патријаршија. Затоа и извесниот научник Димитри Оболенски ќе напише дека „св. Климент, покрај своите учители Кирил и Методиј, претставува еден од главните архитекти на византиската културна заедница “ („Шест византиски портрети“, стр. 52, Макавеј, Скопје, 2011). Тој бил првиот епископ од словенско потекло и затоа неговото дело не може да се спакува во кутичето на само еден словенски народ, поради што е наречен: сесловенски учител и рамноапостол.

Ако, според Бранко Ѓорѓевски, св. Климент е основоположник на МПЦ-ОА, како тогаш, тој го толкува историскиот факт дека Теофилакт, Јован IV Комнин, Димитар Хоматијан, Константин II Кавасила и мнозина други охридски архиепископи имале елинско потекло, иако, се разбира, и мнозина од нив имале словенско? Јасно е дека станува збор за византиска архиепископија, која не се состоела од еднонационални припадници, што претставува суштинска одлика на христијанството, а според ценетата студија на Ангелики Деликари, архиепископијата била и основна алка, која го спојувала црковниот живот на сите православни балкански држави, поврзани во неа („Η Αρχιεπισκοπή Αχριδών κατά τον Μεσαίωνα“, University Studio Press, Θασσαλονίκη, 2014).

Немам причини да се сомневам дека Бранко Ѓорѓевски е добар човек, но се покажува неграмотен, кога пишува за теми, кои не ги познава. Затоа, ја повикувам јавноста со огромна резерва да ги прима неговите ставови за црквата, и секогаш да ги става под лупата на неопходното преиспитување. Ако некој посака да спори, слободно нека повели да спори со релевантните референци на светски признатите научници, а не произволно!

Демитологизирањето, пак, на историјата, ќе ја реставрира блескавата икона на нашиот народ, оштетена од оние, кои ја помрачуваат со митовите на анахроните идеологии.

– – –

Извор: http://plusinfo.mk/mislenje/1994/demitologizacija-sega