Епископ стобиски Давид: Сплеткарењата на новинарот Бранко Ѓорѓевски!

%d0%b4%d0%bd%d0%b5%d0%b2%d0%bd%d0%b8%d0%ba

Во весникот „Дневник“ (02. 11. 2016 год., бр. 6204), новинарот Бранко Ѓорѓевски го има потпишано текстот „Невистините на епископот Давид“! Намерата му е преку сплеткарења и исцело отсуство на вистината, да претстави дека го спречувам доаѓањето на черепот на св. Климент, кај нас! Отсуството на вистината, во продолжение, ѝ го откривам на јавноста.

Почнувам по ред да се осврнувам на неговите сплеткарења! Прво, што би си одговорил секој читател, доколку сега напишам: чувствувам нешто чудно и опасно се случува поврзано за иднината на Бранко Ѓорѓевски? Притоа, ниту го познавам, ниту сум го прашал за неговата иднина! Јас, се разбира, никогаш не би напишал такво нешто, но токму така постапил новинарот Бранко Ѓорѓевски, кога, во неговиот текст, напишал: „Чувствувам нешто чудно и опасно се случувало поврзано за иднината на игуменот Порфириј“! Реков и не порекнувам, не пишувам против личноста, туку против содржината на горепосочениот текст, со кој Бранко Ѓорѓевски, еве, воведува еден нов жанр, кој би можеле да го именуваме: екстра-сенс новинарство! Замислете си го тој правец во новинарството, во кој ќе читаме: чувствувам дека ѝ се лоши на владата, чувствувам дека нешто опасно се случувало со Лионел Меси, чувствувам дека судството ич не е подложно на политички влијанија, чувствувам… Просто, незамисливо!

Сепак, продолжувам кон поважното! Бранко Ѓорѓевски одлучно тврди како „не се сомнева дека сум имал зачестена комуникација со претпоставениот Митрополит на Порфириј“, после која, наводно, главата на св. Климент нема да стигне до некој од манастирите на МПЦ-ОА. Дали Бранко Ѓорѓевски ја следи мојата комуникација, не знам, но тој „не се сомнева во неа“! Од каде му е поривот, да ме претстави погрешно, небаре како некој Зевс, кој од Олимп може да се расфрла со наредби, исто така, не знам! Но, знам дека рамништето на кое инсистира Бранко Ѓорѓевски не кореспондира со рамништето на односите во канонската Црква! Згора на тоа, ја уверувам јавноста дека Архиепископот охридски Јован, секој епископ на ПОА, и, воопшто, секој православен архиереј, прави и ќе направи сѐ за да ѝ помогне на МПЦ-ОА во решавањето на проблемот! Засега, тоа „сѐ“, Ѓорѓевски не може да го претпостави! Ние, пак, ќе сториме сѐ, за св. Климент да дојде за сите нас, вклучително и за Ѓорѓевски! Тој грубо погреши тогаш кога тенденциозно го премолчи делот од реченото на Порфириј, кога вели дека ќе го донесе черепот, но само кога МПЦ-ОА ќе биде дел од едната, православна црква.

Јавно изјавувам, не сум му непријател на Бранко Ѓорѓевски. Жалам, што со неговите изречени ставови, тој самиот прави да си биде непријател на себе си! Оттука, Бранко Ѓорѓевски, или треба да си ги преиспита изворите, за да не го бламираат, или треба да се јави и да земе изјави од личностите, кои со прст ги посочува, па јавноста сама нека цени! Во неговиот текст, тој додава дека јас добро сум знаел оти „новинарите воопшто немаат професионална обврска да ги проверуваат или потврдуваат јавно изречените изјави“! Искрено, тоа не го знам! И, ми звучи непрофесионално! Поточно, првпат слушам такво нешто, па го упатувам Ѓорѓевски да се поучи од Бранко Героски, кој пред извесно време демонстрираше професионализам, со тоа што лично се јавил да провери изјава на некој министер, пред да ја објави.

Во однос на напишаното од Ѓорѓевски дека „не треба да се плашиме дека ќе ги загубиме грчко-српските финансиери“, би рекол дека е премногу лесно, дури и пред нашето пословично судство, да се покрене судска постапка, во која тој ќе треба да ги докаже предочените „стрина-Перса“ муабети! Но, навикнат сум на такви клеветења низ годиниве, и во име на безрезервното почитување на новинарската слобода на израз, па дури и кога се изнесуваат клевети, ќе ги претрпам. Сепак, неговите клевети зборуваат за него самиот!

Инаку, добро е што Бранко Ѓорѓевски донекаде ретерираше, па од основоположник на МПЦ-ОА, овојпат го претстави св. Климент како оној „кој ја почнал евангелизацијата на македонскиот народ и го посеал христијанството“! Сега само ќе треба да се усогласи со парадоксалните ставови на МПЦ-ОА, според кои евангелизатор им е Апостол Павле, а св. Климент реевангелизатор! Единствено, останува да се утврди кој, во меѓувреме, ги деевангелизирал!

Пред да завршам, засега, уште едно прашање: дали Бранко Ѓорѓевски знае колку луѓе се имаат откажано од МПЦ-ОА во последниве 15 години и може ли јавно да одговори дали е тоа спротивно на законот?

Конечно, се произнесувам и во однос на тоа дали треба со мене да ги проверува моите цврсти ставови дека самопрогласувањето на автокефалијата на МПЦ во 1967 год., е дело на Комунистичката партија на Југославија! Се разбира, не треба да ги проверува со мене! Јас ги основам моите ставови врз релевантни референци и тие се адресата со која Бранко Ѓорѓевски треба да спори. Еве, на пр., на будните читатели не им се измолкна цврстиот став на Емилија Црвенковска, ќерка на комунистичкиот лидер Крсте Црвенковски, која вели: „најголема заслуга меѓу македонските комунисти за враќањето на автокефалноста на црквата во Македонија има мојот покоен татко Крсте Црвенковски“ (Фокус, 18. 05. 2012 год., бр. 881). Овој нејзин став таа го заснова на самите зборови на Крсте Црвенковски, напишани во книгата „Заробена вистина“ (Култура, Скопје 2003, стр. 343). Значи, Бранко Ѓорѓевски ќе треба првин да го убеди целиот православен свет дека овие мемоари на Крсте Црвенковски не се точни, бидејќи токму тие мемоари им се познати на сите православни цркви. Инаку, како би очекувал црквата да признае и да се раководи според одлука на КПЈ! А, постојат и други издржани документи дека КПЈ стои зад 1967 год., па, еден по еден, во иднина можеме да ги анализираме!

Напишаните ставови во текстот на Бранко Ѓорѓевски сведочат за негова западнатост во разни егзистенцијални перипетии. Има ли исход? Се разбира дека има! Тој се наоѓа во излегувањето од зачауреноста на изместениот внатрешен дијалог, и отворање за еден комплетно нов по квалитет начин на комуникација.

– – –

Извор: http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=07EF28A34D0EAF44B2833C79C00C07A6