Епископ стобиски Давид: Министерство за некултура!

%d1%81%d0%bf-10-11-2016

Од 3 до 5 Ноември, оваа година, во Битола се одржа Четвртата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, на тема „Миграцијата и предизвикот на интеграциите низ дијалог помеѓу религиите и културите“. Звучно име за една, се разбира, не во географска смисла, туку во суштина провинциска манифестација. Одлика на оние, кои го пружаат чергичето повеќе отколку што им стигаат нозете. Особено ако се земе предвид дека било кој факултет или здружение на граѓани, организираат конференции на повисок ранг од горепредочената, без параноични претензии да бидат – „светски“!

Но, еве за што станува збор! Министерството за култура, кое е организатор на конференцијата, испрати покана за учество и до патријархот српски Иринеј. Патријархот, имајќи претходно закажани задолженија за предвидениот датум, љубезно се заблагодарил и официјално го известил Министерството дека, со одлука на Синодот, го замолува архиепископот охридски Јован, како претстојател на ПОА, во негово име да учествува на конференцијата. Тука започнува процесот на кој и Кафка би му позавидел!

На десетина дни пред почетокот на конференцијата, патријархот Иринеј сѐ уште немаше добиено одговор од Министерството, во однос на гореспомнатото известување! Се јавив во Министерството за да го чујам нивниот став, и, ми беше речено дека одговорот воопшто не зависи од Министерството за култура, туку од Координативното тело на верските заедници и од Комисијата за односи со нив, кои допрва требало да заседаваат. Иако веднаш уредно кажав кој се јавува, госпоѓата со која зборував на тел. број: 02/3240517, не сакаше да се претстави, а при секое следно јавување ја спушташе слушалката. После низата перипетии, архиепископот Јован успеа да добие информација од извесен г. Љупчо Смилев, дека преку нашата амбасада во Белград, ќе ѝ биде соопштено на патријаршијата дека учеството на архиепископот Јован на конференцијата е неприфатливо за Министерството за култура. Намерата на Министерството била да ја искомпромитира патријаршијата и на денот на започнувањето на конференцијата да соопшти дека не го прифаќа учеството на архиепископот Јован.

Очебијно, во Министерството за култура, кое е под обвинение за потонатост во расипаност и изопаченост, или според модерниот латински израз, во корупција, не се наоѓа сериозен човек, кој би знаел што значи да се организира конференција со големо име: светска! А, всушност, засега станува збор само за приватна прослава на провинцијализмот и површноста. И, згора на сѐ, кога од воведните зборови на конференцијата слушаме изрази против верскиот фундаментализам и верската нетрпеливост, а на дело е пројавена токму верска нетрпеливост од страна на државниот апарат со одлуката да му го забрани учеството во дијалогот на поканетиот, тогаш лесно е појмливо дека станува збор за дното на лицемерието и некадарноста.

Затоа, само уште неколку зборови за уметноста на дијалогот! Грчкиот збор дијалог (διάλογος), во буквален превод: разговор, неизбежно подразбира двајца или повеќе соговорници. Следствено, за човекот да биде уметник на дијалогот, треба да ја напушти закоравеноста во самодоволноста и зачмаеноста во патолошката потреба да се слуша само себе си, и оние, кои му го кажуваат само тоа што сака да го чуе! Треба да се отвори за внимателно и трпеливо да го сослуша инаквото мислење, кое ќе го збогати со искуство. Оттука, дијалогот подразбира средба и разменување на зборови за спротивставени, дури и спорни прашања, кои трезвеномислечките луѓе ги решаваат со говор, а не со негово избегнување.

Луѓето, кои напредуваат во уметноста на дијалогот, согледуваат дека отсуството на автентичен дијалог ја проблематизира човековата егзистенција, бидејќи човекот се остварува како личност во комуникација, а не во самоизолација. Постои ли човек (освен луѓето, кои ја организираа светската конференција), на кого не му е јасно дека дијалогот, дури и помеѓу најспротивставените страни, денес претставува секојдневна реалност! Затоа, Четвртата светска конференција ја пропушти можноста да биде промотор на дијалогот и ја промаши пенал шансата да го разбранува замирисаното мочуриште во кое пребива! Канонски православни епископи не учествуваа, ИВЗ повторно ги бојкотираше, токму заради суштинското отсуство на дијалог! Очигледно, Комисијата за односи со верските заедници е исцело неспособна дома да воспостави дијалог, а претендира собирот да го нарече „светски“! И, додека архиепископот Јован останува отворен за дијалог, тие си остануваат кабаетлии оти го кочат дијалогот, што бездруго значи и нивна паланечка затвореност за слободата и вистината.

Според философијата на дијалогот, пак, на мошне впечатливиот Мартин Бубер, една од сферите во кои се гради светот на односите е – животот со луѓето! „Односот е очигледен и изречлив. Мoжеме да кажеме Ти и да ни се каже Ти“ (Martin Buber, Ich und Du)! Ако „Јас“ не е отворено за „Ти“, тогаш „Јас“ останува затворена во себе си монада. Засега, организаторите на конференцијата продолжително се покажуваат олицетворение на постмодерниот проблем – оттуѓувањето на личноста! Кога ќе се отворат за другиот, тогаш ќе станат личности во полнота, тогаш ќе можат да организираат плодоносни конференции, само тогаш ќе можат да сфатат дека комуникацијата помеѓу луѓето е секогаш уникатна, а дијалогот поседува априорен карактер.

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2031/ministerstvo-za-nekultura