Епископ стобиски Давид: Аријадна!

%d0%b0%d1%80%d0%b8%d1%98%d0%b0%d0%b4%d0%bd%d0%b0

Без сомнеж, доаѓа време на преобразба за нашето општество! Но, преобразбата нема да биде целосна, доколку општеството не се ослободи и од оковите на тоталитаристичката идеолошка матрица, кои притискаат врз сржта дури и на партиите, кои го сочинуваат демократскиот амбиент, што претставува своевиден парадокс. Тоа значи дека новото општество, помеѓу останатото, конечно ќе треба да се ослободи и од бесмислениот товар да го штити монополот на тромавите научни, религиозни и сл., институции, кои ексклузивно се самопромовираат во уставни категории и столбови на нашата државност! Во продолжение, накусо ќе го образложам реченово.

На сите ви е познато дека мнозина што влегоа во лавиринтот за да го совладаат Минотаурот, умираа во него, неможејќи да го најдат патот назад, до излезот. Митот вели дека, кога дојде јунакот Тесеј, во него се вљуби Аријадна и таа му даде клопче со конец, та тој го врза на влезот, го совлада Минотаурот и благодарение на клопчето на Аријадна, лесно го најде излезот од лавиринтот.

Се најдовме изгубени во лавиринтот на животот. Живееме измачувачка криза, ни пресудуваат настаните, кои ни се случуваат. Сега ни суди сѐ што сме правеле со години! Ни пресудува сето тоа што сме го направиле од државата, од образованието, и, воопшто, од тоа какви цели сме си поставиле во личниот и заедничкиот живот. Подолг период наназад, како првенствена цел и содржина на животот, се чини, го имаме поставено потрошувачкиот менталитет. Радоста на творештвото, на студирањето, на знаењето, на читањето книги, вреднувањето на квалитетите, правата и слободите на човекот, сѐ се потчини на единствената цел на животот – владеење само на оскудниот брокерски менталитет! Купи олку, продај толку, ова е скапо, она е евтино, колку чини автокефалија, колку е бадијала судството… едноставно, сѐ се потчини на обоготворување на тргувањето. Денес мнозина веќе не студираат за знаење, туку за титула! Се фалиме, не со пријателства, туку со „врски“! Се гласа за ситен ќар, и така стигнуваме до една држава, непочитувана, озлогласена, вандализирана. И, сето ова, бидејќи на мнозина, заради официјалната владина идеологија, им недостасуваше смисла за постоење и сопостоење.

Отиде премногу време за да го сфатиме реченото. Но, веројатно, веќе постојат, не мал број луѓе, кои ја научија големата лекција. Да се биде граѓанин на оваа земја не треба да претставува зла коб, туку избор со смисла!

Затоа, за безмилосното и сурово владеење, треба да ѝ се заблагодариме на демократијата! Бидејќи демократијата претставува беспрекорен поредок, во смисла на укинување на правната нееднаквост, веднаш се поправам во исказот и велам дека треба да ѝ се заблагодариме на збеснетата, поулавена демократија, и, да ја испратиме на буништето од историјата. Таквата демократија, која излегува од своите рамки и пробива дури во религијата и уметноста, во мислите и гестикулациите, во срцето и обичаите, според Ортега и Гасет е најопаката болест што може да го снајде едно општество. Овој впечатлив философ нѐ повикува да си замислиме како животот ни го уредува некое диктаторче, кое на пр., е острастен вегетеријанец, кој го набљудува светот низ призмата на своето вегетеријанство. Во уметноста би забранил сѐ, освен пејзажи од бавчи, во сферата на стопанството превасходно би го поддржувал земјоделието, од религијата единствено би ги поддржувал древните божества на житото, за облека единствено би дозволувал ткаенини од лен и памук, а како философ би се застапувал за транседентална ботаника.

Ништо помалку бесмислено не изгледа и диктаторчето, кое стои пред нас, интелектуалниот плебеец, кој ни вели: и јас сум демократ, а на пр., ги принудува нашите амбасадори во странство да се бламираат и високата државна служба да ја сведат на просење од тамошните државници да го признаат домашниот непризнат „религиозен столб на државноста“! Во меѓувреме, интелектуалниот плебеец по дома ги гони инакумислечките!

Конечно, време е за сигурност! Сигурност која ќе нѐ извади од ноќната мора на партиските, религиозните, научните психологизирања. Столб на државноста во новото, преобразено општество, единствено треба да биде правната сигурност на секој граѓанин, владеењето на правото. Правната сигурност треба да биде нашата Аријадна, која ќе нѐ извлекува од безизлезите на лавиринтот на животот. Не може повеќе некои, само затоа што се врхушка на пр., во „религиозниот столб на државноста“, да бидат заштитени, а неистомислениците, на правдина, да бидат осудувани и затворани.

Грчката именка „криза“ (κρίση), во превод: „проценка“, „суд“, првенствено има длабоко позитивно значење. Прецизно би ја илустрирале на следниов начин: личноста или заедницата, кои се нашле во одредени специфични околности, низ проценка и расудувачка енергија, прават преобразба на подобро. Значи, не затворање и пребивање во грешките на минатото, туку, со стекнатото искуство, нов двиг за напредување во иднината! Умниот се учи од грешките на забеганата демократија, неразумниот ги повторува!

Завршувам со еден графит: го чекам воскресението на живите!

– – –

Извор: http://plusinfo.mk/mislenje/2055/arijadna