Епископ стобиски Давид: Носталгија за иднината!

%d1%81%d0%bf-24-11-2016

Времето на постоењето низ волшепството на детските мечти за мнозина денес провејува со молскавична брзина, и, еве, човекот се судира со суровоста на здодевниот живот според навиките. Човекот почнува да постои по навика, а не творечки! Но, не секој човек! Ми се мешаат времињата кога мислам на поетот Игор Исаковски (1970 – 2014; во пресрет на двегодишнината од неговото упокојување ги пишувам овие редови)! Тој човек имаше очи, во своето опкружување да ја согледа голотијата на секојдневието, та истовремено да се бунтува и да сведочи дека уметноста е неспоива со животинскиот нагон за преживување преку паразитската прикаченост за институцијата. Беше кадарен да го види другиот, потонат во несигурноста за иднината и во една нагласена изгубеност. Погледот му се вдлабочуваше до човештвото, кое заборава зошто живее! До сржта на човештвото соголено од вродениот поетски јазик, за кој не е свесно дека го носи во себе, за себе си да се изрази!

Вистина е, поезијата денес бива прогонета од животот! Херкуловски подвиг сега прави Игор Исаковски да го облече човекот во облеката на несекојдневното, да го врати отуѓениот кон творечкиот порив. Еве го, и сега сведочи дека сето движење во и околу него, природата и љубените од опкружувањето, кои продолжително се восхитуваат и борат, дека секоја вистинска икона на животот зборува со длабокиот јазик на поезијата. Оние кои ќе го чујат и разберат, ќаруваат стара и нова трогнатост. Еве си, Исаковски! Ти, всушност, го поедноставуваш комплицираното и даваш поетска основа на сѐ што со својата прозаичност не го задоволува изострениот критериум на мислечките битија.

Времето е создадена категорија, и во него врз нас се збива трулежноста! Но, ние не го живееме очајот на загубата на времето, туку грабиме низ времето како низ место за средба со безвременоста! Очигледно, минатото, за нас, е изгубено, а иднината е непредвидлива и не можеме со сигурност да речеме дека ни стои на располагање. Затоа, безвременоста се среќава во образот на другите, во односите со личностите, запечатени со стихот на восовршената човекова мисла, која во себе ги составува „пред“, „сега“ и „допрва“! Минатото, сегашноста и иднината, во едно ги спојува и ги запишува оној што мисли.

Можеби некој е запознат, иако не е битно да му е познато, но во младешкото доба, низ текот на годините, со Игор Исаковски се среќававме речиси секој ден. Немаме мобилни телефони, немаме интернет! Двајцата имаме само по една машина за чукање, хартија и индиго. Во безвременоста на нашите средби ние се расправаме како Маларме ја оправдува употребата на симболите во поезијата и спориме дали за симболистите нивниот идеален свет е повистинит од овој нашиов, што го живееме со полни гради! Се згрозуваме пред уметниците, кои се продаваат на политиканти, оти ја искривуваат сликата за уметноста! Им се восхитуваме на експресионистите кога велат: „за да видиме, треба да ги затвориме очите“, и уште пошироко ги отвораме очите! Го повишуваме тонот еден на друг, бидејќи тој претпочита еден, а јас друг стихотворец, и еве, одиме и во најмалите гратчиња (каде ли не сме биле), да читаме, занесувајќи се дека на оние кои сакаат да слушаат стихови, ќе им го оприсутниме ставот на критиката дека со Елиот, поетот престанува да биде „сладникав пејач“, туку станува истражувач на искуство. Некои си мислат дека стиховите се вистинити настани, а ние поаѓаме по нова систаса на прагми, по нов состав на собитија, според Аристотел!

Јас кинисувам да умрам, одам за монах, тоа ми е мојата живеечка поезија, а во своето срце те земам тебе и секого што ти го љубиш. Еднаш, ти доаѓаш во манастирот, носиш некои камери, ми велиш да зборувам, истражуваш. Вторпат, го оставаш велосипедот пред Мала станица, седнуваме и потонуваме во разговор. Третпат…

Ни беше многу жал за кич-поетите-бирократи-државни-уметници, кои им слугуваат на минливите партиски интереси, и сега ни е жал, уште повеќе. И гледам, на сѐ поголем број автентични личности им станува жал за измеќарите. Ни беа туѓи оние, кои прават карикатура од христијанството, како попот на закопот на татко ти, на кој ти му се закани, и сега ни се многу туѓи. Сепак, ти не беше тој што се тепаше, освен со зборови. Еве сме на некои струшки вечери на поезијата, сместени во различни соби. Како допрва да ќе се случи, одиме сега кон твојата соба, влегуваме внатре и гледаме на твојот кревет спие човек, покриен преку глава. Бре, си велиме, кој е овој! Ти го допираш за рамото, а тој скокнува од под покривката со исплашен викот! Изрипуваме наназад и ние, бидејќи ни никна човек со коса како грмушка! Пред нас го гледаме Канго, кој ни вели дека бил ненаспан, влегол во хотелот и барал отклучена соба. Му се погодило тоа да биде твојата. Не е лош, но легнал да спие како натрапник! За нас, песничките на Канго тогаш беа олицетворение на вулгарното, а и сега се, на квадрат. Сега се метафора за внатрешна состојба! Но, мене ми се допаѓа твојата непредвидливост! Спротивно на востановеното постапување во такви околности, ти му велиш: – ако, човеку, наспи се, ти треба одмор; а, мене: – ајде да излеземе од тука, нека си отпочине! Колку ли слични случувања ми извираат сега! Изнудуваат насмев и радост, бидејќи им се даваш на луѓето без престан да те запознаваат.

Мојов збор не е тажаленка за минатото, туку носталгија за иднината! Уметниците што работат по партиска нарачка биваат поразени уште додека се живи! Вистинскиот поет, пак, „поразот“ го претвора во победа, која ни доаѓа од иднината! Ти доаѓаш! Се приближуваш од иднината, по узор на Големиот Поет!

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2089/nostalgija-za-idninata