Епископ стобиски Давид: Реално, секогаш победува животот!

Layout 1

Постои една впечатлива самурајска изрека: вистинскиот борец, прво победува, па дури потоа влегува во битката! Со исцрпеност од издолжената борба, граѓаните се приближуваат кон гласачките кутии. Во една таква состојба, кога откажуваат последните сили, надежта дека ќе се достигне посакуваното, за луѓето претставува еден вид аналгетик, поточно противотров за угризот од безизлезот. Колективната меморија памети дека овој народ живееше во една држава со Хрватска, а ѝ се потсмеваше на Бугарија, продавајќи ѝ фармерки и „Стела“ мастики за џвакање. Сега народот е издресиран да се радува, кога на ударните вести ќе најават дека од анонимни извори се дознава како утре некоја африканска земја ќе ја признае нашата држава. Се разбира, следниот ден ништо од најавата. Сепак, тетеравејќи се, борецот, речиси во бесвест, се приближува кон кутиите!

Следствено, логични се прашањата: ако, некогаш, се појават новите знаци во нашето општество, коренито различно од ова денес, кои ќе бидат нивните основни одлики? По што ќе го познаеме новото општество, без притоа да станува збор само за шминкање на мртовецот? По што ќе познаеме дека не станува збор само за ремонт на дотраеното, со ограничен рок на траење, туку за ново вино во нови мешини?

Новото, за да може дејствително да биде ново, не може да биде персона. Не може да биде воплотено во една индивидуа, па макар таа индивидуа да биде и некој харизматичен владетел. Ќе ве потсетам на онаа позната анегдота, кога некој човек се обидуваше да го натера Хипократ да оди во Персија за да го види Ксеркс, оти, како што му зборуваше, бил: „добар владетел“! Хипократ одби, велејќи: „Не ми е потребен добар човек, којшто ќе владее со мене“. Времето на „добри“ владетели е поминато! Новото може да биде само јака екипа (како на пр., најдобриот фудбалски тим), заедница со извршен капацитет, која ќе предводи во обликување на нов функционален систем и за најзафрленото село, според принципот – прво дело, потоа фалба, прво скокни, потоа речи: „оп“!

Логично, следно нешто е расчистувањето со авторитарноста. Навистина е чудно кога некои, од една страна пројавуваат изразита нетрпеливост кон еднопартиските, авторитарни системи, каков што беше и оној во кој живеевме до 1990 год., а од друга страна покажуваат длабоко разбирање и оправдување, ем за вирусот на таквата авторитарна матрица во сегашните партии, ем, за, до недоглед развлечената негативна слика за нашата земја! Оттука произлегува фасадата зад која се крие тајна свирепост. Навидум се создава цивилизација, а истовремено заради авторитарноста, заради отсуството на извршниот капацитет, постоењето на заедницата станува вкочането. Станавме народ остарен, здрвен, жигосан и бојкотиран. Новото ќе значи свест да се понесе одговорност и бојкотот да биде преобразен во интеграција. Затоа, секоја врска која постои со авторитарното наследство, претставува дамка на современиот демократски амбиент, која мора да се исчисти, оти во спротивно, ќе го засени новото, односно гласно ќе го постави прашањето: дали е ново?

Одлика на новото треба да биде и барем еден чекор понапред од обичната толеранција. Овој збор, толеранција, денес е мошне популарен и се користи како карамела, што се топи во устата на секој човек, кога треба да ги истакне сопствените цивилизациски дострели. Но, толеранција (латински: tolerantia), во превод значи: трпење, та оттука, да толерираш некого, значи: да трпиш некого. Новото ќе треба да направи еден возвишен исчекор од обичното трпење на другиот, исчекор кон радоста и слободата да се сопостои со различниот, да се љуби другиот. Не да се толерираат оние што се малцинство во однос на мнозинството, туку сите да бидат еднакви луѓе, заради подеднаквото збогатување од плурализмот во мислењето, заради мирот и напредокот на сите во новото граѓанско општество. Значи, не само да живееме еден покрај друг, туку и еден со друг. Оттука натаму, секој нека размислува и верува така како што сака.

И, се разбира, новото ќе биде ново доколку го подразбира автентичното поимање на слободата. Значи, слободата, без исклучок, подразбира одговорност, и, без одговорност таа прераснува во тиранија врз другиот. Следствено, слободата не се ограничува само на право и можност на избор, туку уште повеќе – да се биде слободен од промашувањата!

Во „Kill Bill“, Тарантино ја пушти Беатрис „Црна Мамба“ Кидо во борба против О-Рен Иши, со мечот за „големи стаорци“ направен од Хатори Ханзо, откако О-Рен со Бил и дружината речиси смртоносно ја ранија. Ние сите знаевме дека Беатрис Кидо ја имаше понесено самурајската победа во епската борба против дружината, веднаш штом ги отвори очите, будејќи се од повеќегодишната кома. После многуте поднесени рани и долга кома, граѓаните на оваа земја влегуваат во борба, бидејќи извесно е дека веќе имаат победено. Нивниот Хатори Ханзо меч, е нивниот глас. Реално, секогаш победува животот, а горепосочените одлики на новото општество се компас за паѓањата што нѐ чекаат од утре, заради изнемоштеноста од борбата. Компас за оние, кои не се задоволуваат со пасиштата на историско-материјалистичката едноличност, туку се осмелуваат во животот, бидејќи знаат дека – ако не се осмелиш, секогаш губиш!

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2118/realno-sekogash-pobeduva-zivotot