Епископ стобиски Давид: Глас против неправдата, за доброто на сите!

%d0%bf%d0%bb%d1%83%d1%81%d0%b8%d0%bd%d1%84%d0%be-07-12-2016

Политичката философија, не ретко, ги истакнува стремежите на човекот за очовечување на политиката, односно, попрецизно, на видовите на власта во едно општество. Кога се јавува потребата за очовечување на властите, тогаш е јасно дека тие западнале во оѕвереност! Доколку, при споменатите стремежи, еднаш се погреши, можеме да објавиме дека станува збор за несреќен случај. Ако грешката се случи двапати, тоа ќе го оправдаме со склоп на околности. Но, да се промашува повеќепати е симптоматично и предизвикува медицински асоцијации. Некој беше рекол дека порано студот доаѓал од Кремљ, а смртта била мајстор од Германија. Тогаш, се чини, менталитетот на уништувањето, неправдата и оѕвереноста, сега е привилегија на Скопје. Таквиот менталитет, наместо став, секогаш подразбира индиферентност.

Приложувам една од посликовитите илустрации за реченово! Без разлика дали се сложувате или не со погледите на архиепископот Јован, видете ја илустрацијава од исклучиво правен аспект! Во последниов монтиран процес, судот нѐ осуди (на 2 години затвор, или, 5 условно), и денес продолжува да нѐ товари за следново: архиепископот Јован „зел“ од МПЦ, помеѓу 1998 год., и 2002 год., средства, кои после цели десет години „ни ги поделил нам“ (под „нам“ подразбирам 19 личности), за, со нив, „нашата архиепископија да купи имот“! Но, Основниот суд од Велес, со пресуда К.бр.136/12, и, истата потврдена од страна на Апелациониот суд К.Ж. бр. 930/12, неколку години претходно, во друг измонтиран процес, правосилно пресудија дека тие средства архиепископот Јован веќе ги потрошил за добра (во пресудите конкретно се наброени добрата), кои се останати во владение на МПЦ! Согласно на пресудата, тој издржал двеиполгодишна затворска казна! Ценам дека судијата Ивица Стефановски, тогаш кога нѐ осуди за средства за кои со судска пресуда претходно е утврдено дека веќе се потрошени, најгрубо го прекрши правилото: non bis in idem – не двапати за иста работа! Згора на сѐ, замислете, во изминативе петнаесетина години, не поминал буквално ниту еден ден, без да е во тек судски процес, или затворска казна за архиепископот Јован! Значи, петнаесетина години деструктивност на политичарите на штета на угледот на земјата, и, исто толку, индиферентност на јавноста!

Затоа, пак, меѓународните извештаи за нашата држава и судови, без исклучок истакнуваат: „Уставот и законите обезбедуваат независно судство, но владата, политичкиот притисок, заплашувањата и корупцијата влијаат врз судството. Владата ја користи својата буџетска надлежност да врши контрола над судството“. Значи, ние го плаќаме судот, за судот насекаде да нѐ резили! Очигледно, власта може да ги оѕвери луѓето и тие веќе не се кадарни да сфатат дека е лесно да фрлат во затвор поединци, но исцело е невозможно зад решетки да биде ставена Идејата!

Значи, очигледно е дека власта во реалноста може да содржи и насилство. Тоа го вели и Вебер, кога ја дефинира политиката како „законско спроведување на насилство“! Досегашната, значи, предмодерната политика, главно се одликува со тоталитарност, бидејќи очигледно не постои контрола на одлуките. Ја одликуваат и: пирамидалност, бидејќи сѐ зависи од едниот на врвот; деспотизам, бидејќи притисоците се правило за послушниците, а не изостанува ниту теократскиот елемент со несоодветна иконографија, бидејќи предмодернава политика си смета дека ја изразува „Божјата волја“, за така да биде полесно прифатлива за неупатените.

Оној што престанува да биде индиферентен, оној што се грижи за правата и слободите на сите граѓани, самиот по себе бива скапоцена институција, која, со своето постоење сведочи дека државниот апарат се покажал противник на граѓанинот! Државниот апарат, а кај нас под тоа најчесто сѐ уште се подразбира сконцентрираната моќ на владеачката партија, станува противник на граѓанинот, тогаш кога ќе се автономизира од заедницата за чиишто потреби постои. Така власта станува цел самата за себе!

Доколку ова не се промени, исходот од претстојното гласање ќе биде еутаназија на нашето општество! Вистинска одговорност сега лежи врз сите граѓани подеднакво! Личноста на човекот не треба да исчезне во толпата. Одговорноста станува дотолку поголема, затоа што утре, буквално на секој еден од вас, незаштитените, премногу лесно може да му се случи тоа што ни се случува нам, тоа што му се случува на архиепископот Јован! А тогаш, инструментите на државниот терор со кој ќе се соочите, морничаво ќе потсетат на искуството на еден германски интелектуалец од ужасот на нацистичкото доба во Германија, кој го дава извесниот исказ, потсетувам, велејќи: „Првин Гестапо ги собра Евреите. Меѓутоа, јас молчев, не се побунив. Сепак, не бев Евреин. Потоа Гестапо дојде по социјалистите. Но, ни за нив не се застапив, зашто, секако, не бев социјалист. По малку Гестапо ги прибра и синдикалците, но ни за нив не подигнав глас, бидејќи не бев член на синдикатот. Кога на крајот Гестапо дојде по мене, не остана веќе никој да крене глас за мене“.

Блажениот Августин, пословично вели: iustitia remota quid sunt regna nisi magna latrocinia, односно: доколку се збрише правдата, што се властите освен големи разбојништва!

Да не би задутре да нема кој да го крене гласот и да се застапи за вас, та правдата да биде целосно збришана, тогаш утре, секој според совеста, нека го стави во кутијата гласот против неправдата, против подјарменоста, та преку човештината што така ќе ја покаже, нека ја преобрази предмодернава оѕвереност, во модерно добро за сите!

– – –

Извор: http://plusinfo.mk/mislenje/2136/-glas-protiv-nepravdata-za-dobroto-na-site