Епископ стобиски Давид: IMRO! Internal! Revolutionary!

%d1%81%d0%bf

Неодамна, при разговорите со пријателите, забележавме оти неколкупати се збидна да нагласам две нешта, кои ги сметам за свои суштински одлики, но кои, се разбира, воопшто не ми го определуваат погледот и односот кон другите! Имено, никогаш во животот не сум бил член на ниту една политичка партија, ниту ќе бидам, и, никогаш во животот, ниту на шега, немам ставено вратоврска! И, додека, ова второво претставува своевидна метафора, на која би можеле да се навратиме во некоја друга пригода, она првото има свое конкретно значење.

За какво значење станува збор? Бездруго, отсуството на партиска книшка, упатува на непобитниот факт дека сопствениот идентитет никогаш не сум го градел од политичка партија, од политички граници, од политички програми. Реченово, воопшто не значи недостаток на почит кон партиите, границите, програмите. Напротив! Упатува на фактот, кој допрва ќе зрее на нашево поднебје, на непобитниот факт дека човековото постоење не е, и не треба да биде црно-бело постоење! Сопствениот идентитет го црпам од христијанството, кое е натпартиско, наднационално и кое ги надминува политичките и сите други граници! Мислам на христијанството, какво што јас го познавам, мислам на, што би рекле „Депеш Мод“ мојот personal Jesus, а не на христијанството кое го сервира на пример, Комисијата за верски заедници! Со споменатиот идентитет сум излегувал на избори, давајќи го гласот на онаа личност за која сум ценел дека пројавува заложби да ги унапреди правата на граѓаните, без разлика на националната и верската припадност.

Не генерализирам во однос на предрасудите, но горепосочениот идентитет целосно ги укинува можните предрасуди дека следново е тешко остварливо, та затоа, ќе се пофалам со многу блиски пријатели и од доминантните политички понуди во нашата татковина, значи пријатели од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Размислувањето, кое имам за цел во продолжение да го изложам, си го имам проверено во разговорите со моите пријатели, и никогаш, буквално никогаш не сум бил разбран погрешно. Тоа ми дава надеж дека постои простор на глас да размислувам сега и пред вас, без притоа на мојата мисла да ѝ се даде a priori контекст на негација, особено затоа што, искрено, зад неа стои само афирмација.

Пред извесно време, учествував на една меѓународна конференција, на која имаше претставници, без исклучок, од сите европски земји. Се запознав и сѐ уште одржувам контакти со некои од нив. После завршувањето на конференцијата, еден учесник од скандинавските земји, ми заѕвони преку телефон и со вознемирен глас ме праша дали сум добро, дали ми е загрозен животот и еден збир слични недоумици! Го смирив и го прашав: од каде таква загриженост? Ми одговори дека после враќањето во неговата земја, сакајќи да стекне сознанија (бидејќи речиси ништо не знаел за нас), отворил на интернет извештаи на меѓународната заедница за нашата татковина и тогаш добил впечаток дека кај нас се случил некаков воен удар! Текот на разговорот ви го пренесувам во прашална форма: што би си помислиле вие, кога некој професор од напредните демократии ќе ја прочита следнава реченица на англиски јазик: the ruling party VMRO-DPMNE, т.е. IMRO-DPMNU? Тој веднаш се прашал: што е тоа IMRO…? Останал вџашен, кога прочитал: Internal Macedonian Revolutionary Organization! За цивилизираните општества не звучи баш демохристијански (sic!) во 21 век со некоја европска држава да управува внатрешна, револуционерна организација. Што би помислиле ние ако чуеме дека некоја внатрешна, револуционерна групација завладеала на пр., во Данска!? Што си мислат европските политичари кога треба да се сретнат со нашите министри, внатрешни револуционери?! Очебијно, акронимот ВМРО претставува политички анахронизам, особено кога дури и современите озлогласени организации избегнуваат да се именуваат со такви милитантни називи.

Повеќепати имам чуено дека одредени личности кај нас, поттикнуваат законски решенија за поставување на акронимот ВМРО, единствено во употреба на заедничката историја. Притоа, единствен аргумент им е минатото! Но, нашиов разговор не ја засега само повеста, туку уште повеќе футурот. Историјата ни е скапоцена и како наука ќе ја негуваме, но не треба да ја заборавиме иднината. Да не заборавиме дека освен тоа како ние гледаме на себеси, воопшто не е небитно како и другите гледаат на нас! Акронимот ВМРО може и нека остане внатре во партиските устави (имаме партии со вмровска идеологија: Обединети, Достоинство…), но добро е да ја промениме перцепцијата кон земјава со тоа што во иднина нема да правиме забуни дека со неа владее некоја Internal Revolutionary Organization. Не конкретизирам која, туку било која ВМРО, една од многуте. Сега кога ВМРО-ДПМНЕ ги доби изборите, се чини доби и кредибилитет да ја реши и оваа политичка апорија. Отежнато се чекори напред со суров продор на 19-то вековниот анахронизам во свеста на човекот на новото време.

Ова го напишав со целосно уважување кон сите почитувачи на историското ВМРО, без разлика на фракциите или денешните партии. Затоа, доколку некој посака да го истури својот гнев врз мојата личност заради отвореното размислување, ценам дека нема потреба од тоа, не сум му непријател! Подобро да состави текст на сите европски јазици, со кој нашите политичари и секој од нас, во ова време на интернет ќе им објаснува на своите пријатели од странство што значи тоа со земјата да владеат, или, во Собранието да носат закони, не една, туку можеби и повеќе Internal Macedonian Revolutionary Organizations! Се разбира, доколку смета дека нема поважна работа од тоа средбите, по секоја цена, да ги оптоварува со историски семинари!

Ги завршувам овие размисли и ми изгледаат малечки и незначителни пред стиховите, кои ги созерцувам, бидејќи ги гледам испишани на отворената книга од мојава работна маса. Пред очи ми е големиот Томас Стернс Елиот и неговото: Do I dare disturb the universe? Смеам ли да ја вознемирам вселената?

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2159/imro-internal-revolutionary