Епископ стобиски Давид: Секој крај, нов почеток!

%d1%81%d0%bf-22-12-2016

Се исполни времето мнозинството да клекнеме на колена и да се испружиме пред стапалата на оние, кои се одговорни за образованието во оваа земја, та да извикаме со висок глас: сѐ треба да се промени! Ние нема да бидеме виновни за тоа што сме клекнале на колена. Што друго да направиме, кога ним ушите им се наоѓаат на стапалата!

Ги прочитав препораките на групата искусни експерти за владеење на правото, кои популарно се наречени: извештајот на Рајнхард Прибе. Очигледно, тие имаат за цел да ја олеснат работата поврзана со итните реформски приоритети, поставени од Европската комисија, како одговор во кус рок на неволјите во кои се наоѓа татковинава. Значајните недостатоци се идентификувани главно во пет сфери: следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми. Доколку сме чесни пред самите себеси, и доколку не чекаме секогаш некој друг да ни предочи, туку целиме ние да си ги изоструваме критериумите, тогаш веднаш треба да ја додадеме и шестата сфера! Или, поточно, станува збор за првата, е да би се оспособиле да ги согледаме и исполниме останатите шест. Значи, првата сфера е – образованието!

Образот е загаден. Неопходна е постапка на макотрпно чистење. Оние со расклатен идентитет го загадуваат со смогот на морничавото папагализирање, од типот: „од кај вас започнато сѐ е до Јапонското море. Сите бели луѓе ваши браќа се. Зли ѓаволски души вистината со илјадници години ја прикриваа и светот го лажеа“ и т.н, и т.н. На темелите на една ваква пословична интелектуална инсуфициентност, почива речиси сѐ што денес е поврзано со овдешното квази образование. Неговите творци сеат магла од лебеди, лавови и други гипсани работи за да се покажат граѓани, идентично со насловот „Урбано“, во изведба на Рамбо Амадеус. Заради нив, децата учат дека се потомци на воинот на коњ, за кого сиот цивилизиран свет знае дека е татко на елинизмот, а дома шепотат дека се нешто друго. Претставниците на рецидивот на едноумието од една научна установа со звучно име, веќе и не учествуваат на меѓународни симпосиони. Или, доколку учествуваат, таму премолчуваат, а дома пропагираат невистини, кои биваат разобличени со еден клик на интернет. Затоа, никој веќе не ги есапи сериозно! Едноумието е минато и вистината не може да биде монополизирана!

Љубомудречки настроените луѓе сега бараат еден нов почеток, кој ќе му даде смисла на животот, денес. Особено, имајќи го искуството од грешките на поимањето на народното бивствување на начин кој видовме дека води во расистички и апсурден „образовен“ неоколонијализам, што ги фрла новите генерации во конфликт со самите себе, со соседите и со целиот свет. Традиционалните идеали, кои несомнено треба да се негуваат, денес во голема мера ја имаат изгубено моќта да му даваат смисла на нашиот живот. Затоа и се случува едно востание на солидарноста, на еднодушноста, кога е во прашање најновиот хуманизам, чиј идеал е деконтаминација на образованието и оставање можност на идните генерации за негово унапредување и развивање.

Воспитанието е систем, метод за стекнување на информации и се наоѓа во служба на образованието. Воспитните програми треба да се ослободат од оние делови, кои претставуваат историска и секаков друг вид воспитна шизофренија. На тој начин воспитните програми ќе станат најдобар придонес кон образованието, ќе станат одлично производство за мал трошок. Во спротивно, помраченото воспитание ќе сведочи за мртвата совест и мртвата волја, со заканувачко страшни размери. Денешното непросветно воспитание ја потврдува речта Платонова: „Секоја наука, разделена од праведноста и другите доблести, лукавство е, а не мудрост“!

Значи, образованието не е гимнастика на интелектот и не секнува со стекнувањето на една или повеќе дипломи, но претставува динамична еволуција низ текот на сиот живот човеков. Денес ни треба развој на луѓето во обликувани личности, а не во образовно инвалидизирани граѓани, кои не знаат зошто се собираат да протестираат, а знаат да трубат дека дури и Господ бил Македонец (само, ете: „зли, ѓаволски души ја криеле таа вистина“), и така трубејќи да создаваат конфликти. Хроничарите ќе забележат дека „образованието“ со кое денес се соочуваме го одликуваат партиските пиони, кои нѐ демнат зад секој ќош и по нарачка „го будат гневот на народот“, заедно со дамите во поодмината возраст, кои повикуваат на „ноќ на ножевите“! Тоа е одблесокот на „гипсените лабудови“! Кога ќе имаме автентично образование за средиште на нашата егзистенција, таквите појави самите по себе природно ќе завршуваат на отпадот на безобразието. Таму припаѓаат апаратчиците на необразованоста, кои не знаат да ги контролираат непријатните околности и сопствените неуспеси.

„Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред“? Кога го прашале Сократ да даде дефиниција за образован човек, тој не одговорил ништо што се однесува на збир од стекнати знаења. Образованието е тема на однесување. Сократ ги сметаше за образовани луѓе оние, кои ги контролираат непријатните околности, наместо да бидат контролирани од нив; оние, кои се соочуваат со непријатните настани на добар начин и оние, кои не биваат победени од несреќите и од сопствените неуспеси!

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2185/sekoj-kraj-nov-pocetok-