Данијела Киш: Сосредоточеност на сржта на животот!

%d1%81%d0%b2-%d1%81%d1%82%d0%b8%d0%bb%d0%b8%d1%98%d0%b0%d0%bd

Данијела Киш (33), од Суботица, е дипломиран наставник по ликовна култура, која наместо сликарското платно, го користи дисплејот на мобилниот телефон, нанесувајќи на него бои со врвот на палецот од левата рака. Така се настанати бројни, како што ги нарекуваат, touchscreen или viber икони, чија прва изложба се случи минатата година.

Од 2003 год., Данијела Киш ја има дијагнозата: системско воспаление на крвните садови и периферните нерви. Не е во можност да се движи, не контролира 99 насто од своето тело, има чести и јаки болки, но тоа не ја спречува, на начин кој ѝ е својствен, да ја сведочи неминливата радост на животот и да го разубавува светот околу себе од нејзината постела, која постана своевидно ателје. Според зборовите на Данијела Киш: „животот е поубав од било кога“!

При еден разговор, на констатацијата дека: нејзина најголема љубов било вајарството, но дека сега не може да биде вајар, несекојдневниот уметник Данијела Киш, одговара: „да, но можам да сликам. Бог навидум одзема нешто, но на крајот се покажува дека тоа е од суштинска полза. Додека бев здрава мислев дека животот, здравјето, уметничкиот талент, определбата во животот… дека сето тоа е нешто што ми припаѓа само мене. Оттаму, секој критериум и насока во животот беа исклучиво плод на мојата самоволја, што се покажуваше, во пракса, дека не е добро. Живеев за добар помин и за моменти на привидна среќа, кои блеснуваат помеѓу две здодевности и исчезнуваат како да не постоеле. Создавав нешто, што знаев дека во најдобар случај ќе заврши за собирање на прашина во нечија колекција. Животот беше некако празен, денес е сосема поинаку“.

Ја прашуваат: сликаш, утешуваш, правиш луѓето да се насмеат, од каде ти е сето тоа? А, Данијела одговара: „не знам, т.е., ни самата не можам до крај да сфатам. Едноставно е така. Од мигот кога сфатив дека грижите се без изгледи да донесат било што добро, и дека надежите во лекарите и лековите се закопани, и дека сѐ е во Божји раце, се случи некое преумување, добив некој нов полет и сила, која ме крепи на поинаков начин. Тоа е како некое вдахновение, инспирација. Човекот не може да смисли шега, да напише песна или да наслика слика, само доколку нема инспирација“.

Твојата прва икона ти ја наслика пред четири години?

„Да, тогаш бев малку по жива, можев да седам и да ги контролирам дланките. Тогаш почнав да сликам икони во техниката графит“.

Денес сликаш во многу необична техника!

„Да, тоа е тач техника на дисплејот од телефонот. Вибер има опција да се слика со допир по дисплејот“.

Како дојде  до идејата така да ги сликаш иконите?

Една таква икона, насликана од игуманијата Ефимија, ми испрати јеромонахот Дионисиј (Ботев), од манастирот Ковиљ. Бидејќи немам други услови за сликање, одлучив да се обидам, иако палецот со кој сликам, ми е палец на левата рака,  а јас сум деснак. И, ете, даде Бог, па се успеа. Природата на болките од кои страдам е таква што лековите малку помагаат. Меѓутоа, кога сликам, апсолутно не чувствувам болка. Затоа и има толку икони. Од Август, насликав безмалку петстотини икони“.

Иконите се самите по себе чудо. Со левиот палец на раката сликаш лик на неколку квадратни сантиметри, а кога иконата ќе се зголеми и отпечати, се добива изобразба со сите карактеристични црти на жив човечки лик, сјај во очите, израз на лицето со чувства… Како се збива тоа?

„Бог, светителите, отец Дионисиј, мајка Ефимија, Вибер и еден палец“.

Што би им порачала на луѓето?

„На сите би им порачала да не гледаат на фалинките и слабостите со кои е проткаен земскиот живот, туку сето свое внимание да го сосредоточат на самата срж на животот. Животот е вредност, која нема компарација. Луѓето лелекаат поради глупости, а всушност, ги имаат сите причини да бидат среќни и задоволни“.

– – –

Горенаведените редови се прилагодени извадоци од неколку текстови посветени на уметноста на Данијела Киш, како и од нејзини разговори, со цел првично запознавање со нејзиното сликарство.

Читателите, кои се заинтересирани да порачаат од иконите на Данијела Киш, можат да ја контактираат на: kiss.danijela@gmail.com