Епископ стобиски Давид: Пуштање светлина!

%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%bb%d0%b8%d0%bd%d0%b0

Сосема е возможно, големото мноштво мислечки личности да се сложат дека, бездруго, ние самите немаме слободно одлучено да постоиме. Едноставно речено, ние го немаме направено тој избор! Не зависи од нас кој ќе биде нашиот мајчин јазик, не ја одбираме татковината, ниту родителите, ниту епохата, односно историските околности во кои би си го поставиле нашето постоење. Конечно, нас никој не нема прашано со какви карактеристики, надворешни и внатрешни, би сакале да се одликуваат нашите личности. Следствено, сме ја немале ниту таа можност да одлучуваме за нашиот надворешен изглед или за нашите умствени способности и други видови таленти.

Но, штом веќе го прегрнал постоењето, со човекот се збива спротивното! Ми се чини, како ниту едно друго суштествувачко битие, единствено човекот го поседува најскапоценото сознание, најдлабоката свест, најбитната харизма – да расудува помеѓу онтолошката димензија на слободата и земската на принудата. Губењето на ова расудување, го означува преминот од слобода во ропство. Затоа жедта за слобода е истовремено и емпириски предвкус на слободата, а без егзистенцијалното остварување на полнотата на слободата, човекот ја живурка сопствената ограниченост, осредност.

Верувам дека на мнозина им е позната онаа антологиска, филмска реченица, кога легендарниот Петар Божовиќ, во улога на режимски инспектор, му се обраќа на младиот радио водител, велејќи му: – види дечко, млад си, време ти е да се повлечеш, после ќе биде доцна, ќе те изеде мракот! Радио водителот се двоуми: – кој мрак, ова е демократска земја, нема тука мрак! А, режимскиот инспектор нагласува: – демократскиот мрак!

Имајќи го за основа овој краток, но полнозначен дијалог, преку нашите логички и критички согледби, доаѓаме до опитот, кој ни ја потврдува слободата, но не како можност за безброј избори! Значи, слободата не се изразува преку човекот, кој се наоѓа во супермаркет пред полица со различни чоколади, та, еве го, сега слободно избира кое чоколадо ќе го купи. Не! Најдлабокото искуство ни ја потврдува слободата начелно како – непотчинетост на принудата! Слободата е можност да се откажеме од инстинктивната нужност на која итро наведуваат инспекторите, во полза на непотчинетоста на принудувачките „односи“.

Колкумина во оваа земја, досега, се имаат повлечено млади, за потоа да не им биде доцна! Колкумина ги има изедено демократскиот мрак! Колкумина се потчиниле или се потчинети на принудувачките односи! Колкумина не ја вкусиле слободата како онтолошка состојба! Колкумина не биле кадарни да се откажат од инстинктивната нужност, токму заради отсуството на однос на инспекторите во претпоставениот милициски режим!

Доаѓа време на напуштање на површноста на постоењето. Доаѓа време на градење односи, а не на потчинетост, не на потценетост од страна на инспекторите. Доаѓа време на философски прашања и потрага по одговори. Време на превреднувања и воспоставувања на автентични односи, во искуството на слободата. Односот значи посакувано одрекување од приоритетот на инстинктот, приоритетот на егото; значи одрекување, кое раѓа радост од признавањето на различност наспроти себе. Тоа е радоста од моментот на изненадувањето, бидејќи токму во односот со другиот, а не во режимската самодоволност, се остварува слободата, неопределена од нужноста и од сето тоа што би ја негирало единственоста и неповторливоста на другиот.

Човекот е самовластно битие, а самовластноста, според светиот Дамаскин, е природно движење на умот, со кое човекот ја изразува неговата волја логички и, што е најважно,  слободно. Според него не постои ум без волја, ниту волја без ум. Ова онтолошко единство на умот и волјата го спречува цепкањето на човековата личност, според кое тој, мисли, но нема волја да дејствува, или, има волја за дејствие, но не може да го смисли. Таквата слободна и целовита личност веќе никогаш не ќе треба да се труди да го изгонува демократскиот, или било кој друг вид мрак. Според современиот светогорски светител Порфириј Кавсокаливит, човекот веќе никогаш и не треба да се труди да го изгонува мракот од животот, оти може целосно да се исцрпи, а да не успее во посакуваното. Сосема е јасно и едноставно: доволно е само да се пушти светлина во животот, и, мракот веднаш ќе исчезне.

Постои еден убав обичај, кој понекогаш го практикувам со пријателите. Се искачуваме на врв планина и пуштаме змаеви. Секој од нас не мора да е искачен на планина. Местото, кадешто се наоѓа, нека биде неговиот врв. Сега, секој од својот врв, со сето свое битие, без да биде принуден или потчинет на мракот, и без страв, веќе може слободно да почне да пушта светлина.

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2208/pushtanje-svetlina