Епископ стобиски Давид: На оние, кои знаат што празнуваат, честито Рождество Христово!

%d0%bf%d0%bb%d1%83%d1%81%d0%b8%d0%bd%d1%84%d0%be

Длабоко сум убеден дека читателите, кои не се христијани, во нивната несомнена и не еднаш покажана широчина, нема да ми забележат дека овојпат, просторот ќе го исползувам за кусо обраќање, со едноставен збор кон христијаните, по повод големиот празник на Рождеството Христово.

Парафразирам една црковна изрека: животот без суштински празници е како многу долг пат без саглам гостилница! Овдешниот христијанин изгледа духовно исцрпен од инертни празнувања по меани, и тоа на обични реминисценции, кои не содржат длабока смисла и кои дополнително го инфицираат неговиот живот со нагласена монотонија. Ежедневноста го убива поетскиот порив и човекот престанува да се игра, да се восхитува и да истражува кој стои зад сликата! Таквиот христијанин, и на Божјото овоплотување му пристапува соодветно површно, без задлабочување во тоа што дејствително се збива! Следствено, гледаме мноштво христијани, како, во нивната здодевност и обичност, се обидуваат Рождеството Христово да го преименуваат во „празник на семејната трпеза“ и слично! А, не е тоа! Згора на сѐ, празнувањето надвор од соборноста на црквата, т.е во расколот, одново се покажува само како стерилна имитација, фолклор лишен од суштината!

Богот на христијаните е Троица, Отец, Син и Дух Свети, зашто кога би бил Единица би немал кого да љуби во вечноста и со тоа би бил најголемиот егоист и самотник на сите времиња, та следствено, и најздодевниот. Бездруго, не станува збор за три бога, туку за еден Бог, за една суштина, а три личности. Не е целосно прецизна, но блиска илустрација за реченото, би била следнава: вжештената топка на сонцето нека биде Отецот; зракот кој се допира до човекот, Синот; а, светлината што се распространува насекаде, Светиот Дух. Очебијно, вжештената топка, зракот и светлината немаат различна суштина. Една е суштината, а три се личностите.

Имајќи го предвид горепосоченото, секој христијанин е повикан да си го постави егзистенцијалното прашање: што претставува Рождеството Христово за мене, денес? Или, со други зборови: зошто Бог постана човек? И, кое е значењето на тоа што некогаш се случило, за актуелниов миг во кој живеам?

Празнувајќи го Рождеството Христово, ние влегуваме во најскапоцената гостилница, во митрополијата на празниците, и во суштина, го празнуваме вочовечувањето на Синот со кое се премости онтолошката провалија, која дотогаш постоеше помеѓу Бога и човекот. Празнувајќи го Рождеството Христово, литургиски и во соборноста на црквата, христијаните не се сеќаваат само на нешто што се случило во минатото, туку и денес преку причеста учествуваат во проникнувањето на трулежното со нетрулежното, на распадливото со нераспадливото. Така, доколку сака, човекот, и самиот, денес го добива шармот на нетрулежноста! Христос, со неговото овоплотување, во неговата личност го соедини создаденото со несоздаденото, човекот со Бога. Со неговото вочовечување, Христос нѐ соедини со него, создавајќи едно ново човештво. Ние преку нашето крштение учествуваме во овоплотувањето, Духот Свети се населува во нас, се накалемуваме на божествената природа Христова, та умирајќи низ секојдневните искушенија со кои се соочуваме, секогаш воскреснуваме со Христа, за нов почеток!

Оној, што вселената не го собира, се собира себе во утробата на новата Ева. Неограничениот Бог, се „ограничува“ себе во човековата природа, која ја зема од Богородица. Го поставивме прашањето: зошто го прави тоа? Одговорот е недвосмислен: заради неговиот копнеж личносно да заедничари со човекот! Отците велат дека Господ се самопреведува на нашиот јазик, за да можеме да го разбереме трансцедентното, неразбирливото. Бог се вочовечи, за ние да се обожиме, вели светиот Атанасиј Велики. Обожението значи човекот да стане по енергии, тоа што е Бог по суштина. Според светиот Никола Кавасила, во Божјото вочовечување и човековото обожение се открива „лудата“ љубов Божја за човекот.

Предвечниот Бог, денес станува отрок! Не прашуваме како, оти веруваме така како што исповедаме во црковната поезија: „кога ќе посака Бог, се победува поредокот на природата“! Штом веруваме дека Бог е семоќен, тогаш не му го оспоруваме овоплотувањето, бидејќи така би ја оспорувале и неговата семоќ и би го ставиле во калапот на законите на природата, оној што не подлежи на нив.

Според светиот Максим Исповедник, Бог и го создаде светот за да стане човек и да заедничари со човекот. Следствено, суштинската димензија на празникот, конечно, не е во јадењето и пиењето, туку попрво во преобразувањето, заради остварување на целта на христијанскиот живот, а тоа е, рековме: обожението! Оттука дополнително зачудуваат новоизмислените обичаи, кои ги гледаме во сѐ уште непризнатата МПЦ, особено пред храмот „Св. Климент Охридски“, за Бадник, но и за други празници, обичаи кои немаат ништо заедничко со христијанството и претставуваат примитивизам и навреда за човековата интелигенција. Затоа и игуменот Кирил Пејчиновиќ Тетоец ги повикува христијаните да не ги поминуваат непристојно празниците и ако не можат да ги празнуваат како што треба, тогаш барем да не ги претвораат во беззаконие.

На оние, кои знаат што празнуваат, честито Рождество Христово!

– – –

Извор: http://plusinfo.mk/mislenje/2239/na-onie-koi-znaat-shto-praznuvaat-cestito-rozdestvo-hristovo