Епископ стобиски Давид: Збогум, Гуливери на вообразбата!

%d1%81%d0%bf

Зрелоста на општеството, помеѓу останатото, се пројавува и во кадарноста да се разликуваат прашањата, кои имаат јавен карактер, од оние кои немаат! Не е прашање на демократско одлучување какви чевли ќе си купи човекот, ниту, пак, тема за расправа е некој друг приватен размер на неговиот живот. Но, демократијата може, и треба да се остварува во нештата, кои имаат значење за сите. Бездруго, такво нешто е слободата на изразот, слободата на говорот!

Молк! Кога почнував да се интересирам за стихотворството, кога се запознавав со некои од нашите поети и како момче одев со нив по ливаѓе да берам глуварчиња и да разговарам за литературата, веднаш научив да го слушам и молкот. За волја на вистината, тоа не претставуваше тешкотија, бидејќи молкот врескаше насекаде: поетот Јован Котески е во затвор! Сите го молчеа овој молк, растеглив до денес и леплив како прегорен шеќер! И, додека Јован Котески беше слободен во Идризово, слободата на изразот, тогаш се наоѓаше на робија во Друштвото на писатели (ДПМ)! Единствениот збор, кој се слушаше, беше повикот на Ален Гинзберг, со кој ги преколнуваше поетите од ДПМ да предводат, да се кренат, слободно и гласно да се изразат! Дел од нив седеа кај Јоле. Во заседа си чекаа нови жртви!

После неговото излегување од затвор ја имав таа привилегија и чест, понекогаш да се среќавам и да разговарам со Јован Котески, без сомнеж, еден од нашите најдобри поети. Живеевме во иста населба, честопати поводите нѐ носеа на исти места. Доблестен маж! Ги беше собрал во своето срце оние кои го распнуваа, поетите од ДПМ, неговите најистрајни клеветници. Оттука, Јован Котески своето повеќедецениско полициско досие го нарече „биографија на пријателите“!

Биографијата на Јован Котески е архетип во кој денес се огледува биографијата на сиот наш народ, биографија која му ја испишуваат пријателите! Јован Котески одамна не е само име и презиме! Идеолошкото насилство, Јован Котески го изведе на позор, иако тоа и денес, со задоволство прибегнува кон прикривање. Времево, кога молкот сѐ уште бива леплив, засега не ми е доволен предизвик да вадам стихови на виделина, иако, никогаш не престанав да ги пишувам! Сепак, сега сакам да направам исклучок, и, како залог за промена, на Јован Котески да му речам неколку мои, досега необјавени стихови, нему посветени, на кои им ставив наслов „Надеж“:

Го затвори исказот

Во Адот на еднината

Буквите се исплашија

Евридика

Некое второ време вика

Од мојта соба

Дур тмури вонка грб

Елајте

Во двоина им реков

На новите лачи отаде меѓа

Ако нè види белким ќе дојде.

Поезијата секогаш ќе сведочи дека гласниот Јован Котески не може да стане дневна вест и дека постоењето и разумот на човекот, не се производ на слепа нужност. Затоа овој народ ќе има второ време, нова прилика да слезе во Адот и да ја воздигне својата Евридика. Убавината на постоењето не може да се сведе на дневно политикантство, туку претставува категорија на чист, префинет и незагаден ерос! Значи, народот ќе ја има неговата нова прилика. Таа ќе му биде последна! Обичај е да предводат стихотворците, но, за среќа, ќе предводи поетскиот жар на народот. ДПМ ќе молчи, како што молчеше кога и мене, нивниот бивши член, ме собуваа бос и ми корнеа коса во поткровјето на битолската полициска станица, само заради тоа што слободно се изразив, во однос на моите верски убедувања.

Прашањето за одговорноста уште долго ќе се премолчува. Одговорноста е табу! Во средина, која се одликува со малограѓански порив за одмазда, прашањето за одговорноста не се третира како доблест, туку како слабост. При споменувањето на одговорноста, веднаш ќе се најдат структури, кои целат да го неутрализираат „противникот“, и тоа на јавна сцена. Таквите структури, кај нас уште долго нема да подлежат на законските одредби, бидејќи нивната моќ е трансцендентна во однос на институционалната моќ на земјава. Но, критички настроениот мислечки човек, мора да ги изострува критериумите, па макар тие да го одведат во позиција на „малцинство“! Особено затоа што сегашната фанфари демократија нема вдахновение и не може да одговори на потребите на општеството. Политиката има смисла ако личноста може критички да го согледува и да го проценува тоа што го гласа, ослободувајќи се од било каква зависност. Доколку гласа без разум и по нечија наредба, или зашто така се гласало во семејството, тоа е крајот и на личноста, и на општеството.

Во „Бесови“, Достоевски сатирично го прикажува Гуливер, како се враќа од земјата на џуџињата. Со вообразба дека тој е сѐ уште огромен, а останатите малечки, им вели на луѓето да му се тргнат од патот, за да не ги прегази. Време е нашите Гуливери, кои, излегувајќи од партиските штабови, си вообразуваат дека можат да го газат поетското, творечкото величие во човека, да се вратат во реалноста. Мигот е погоден да се чуе како, неизбежно, второто време повикува на говор. Тоа е мигот на поаѓање, после кој нема враќање назад.

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2291/zbogum-guliveri-na-voobrazbata