Епископ стобиски Давид: Христијанството и национализмот!

%d1%81%d0%bf

Извесно е дека историското искуство од мобилизирањето на национализмот на Балканот е вонредно горчлив опит. Експлозивното будење на национализмот, преку евтините партиски памфлети, како во минатото, така и денес, го загрозува единството и мирот помеѓу народите. Бидејќи останува впечатокот дека, денес, на зборовите им ветвее значењето, та оттука не се кадарни да дејствуваат за точно да ги обликуваат поимите, сосема накратко ќе потсетам на најшироко прифатената определба на национализмот. За таа цел, неопходно е првин да се разграничи национализмот од патриотизмот. Несомнено, патриотизмот е израз на саможртвената љубов кон татковината! Национализмот, односно етнофилетизмот, во суштина претставува разболеност од нетрпеливост до омраза кон другиот. За жал, една од карактеристиките при неговото пројавување, се очигледните поистоветувања на национализмот со религијата.

Христијанството не им ги укинува јазикот, историјата и културата на народите. Постојат примери кога се грижи за нив, дури и повеќе од државата, имајќи предвид дека тие вредности, воопшто и не се поврзани со постоењето на национална држава. За илустрација, во времето на отоманската империја, христијанството ги дало познатите книги, икони и многу други вредности, кои денес се сметаат за културно наследство. Токму националната држава атакува на тие вредности, тогаш кога промовира кич и шунд. Но, што христијанството не прави? Во ниту еден случај христијанството не прави идол од нацијата, јазикот, културата, историјата. Условно речено, попрво е подготвено да се откаже од нив, отколку да се откаже од себе. Конечно, не само христијанството, туку и сите големи монотеистички религии не се поистоветуваат со една нација. Колку бесмислено би звучело, кога некој би рекол дека христијанството му припаѓа само на еден народ!

Затоа, национализмот не само што му е туѓ на христијанството, туку е и негов смртен непријател! Национализмот во ниту еден случај не може да се сообрази со христијанството и според мноштво христијански мислители, национализмот е определен како „распространување на злото“ и „племенска парасинагога“! Оттука, само оној што не го познава христијанството, го поистоветува со национализмот, така демонстрирајќи едно варваризирано христијанство, видоизменето прилагодено на злото и племето! Христијанството се залага за единство на сите народи и на сите бои на кожи, за единство на сето создание, се залага за соборност, а националистот, политикантски се застапува за еднонационално единство и згора на сѐ вели дека е христијанин! Читателот, имајќи го предвид Апостолот Павел, кога вели дека во Христа нема нации (Гал. 3. 28), сам нека процени дали има основа или лебди на површината од човековото постоење схизофрената кованица: националист-христијанин!

Национализмот, т.е. ропството на човекот во просторот и времето, го користи христијанството единствено како политички слоган. И ништо повеќе! Политичарот, честопати јавно се изложува како христијанин, заради лична корист, а христијанството насилно се турка таму кадешто не го собира, во калапот на политичките цели. Некој ќе рече: тоа е демохристијанство. Но, демохристијанството, односно народното-христијанство, како што сведочи и самото негово име, очигледно не е христијанство. Политичарите, кои си поигруваат со значењата на верата, понекогаш треба да чујат што е, а што не е христијанството, заради огромната одговорност, која ја носат на своите плеќи. Христијанството треба да му се врати на христијанството!

Нема ништо побесмислено од тоа да се става христијанството во рамките на нацијата, та следствено нема ништо побесмислено од тоа и да се креира национална црква! Затоа ни е неопходно автентично образование, кое ѝ дава предност на критичката мисла, а не на вандализмот. Вандализам е христијанството да се сведува на политичка идеологија. Таквото политичко христијанство, односно искривената слика за христијанството, го предизвикува и чувството на одвратителност кај мислечкиот човек, а сведоци сме дека го предизвика и прогонот врз некои христијани во нашата земја.

Христијаните треба, еднаш засекогаш, да ги разликуваат црквата од нацијата, и верата од националната култура. Реченово, сликовито го опишува Калистос Уер. Парафразирам, тој отприлика вели: имам чаша со вода! Суштината се состои во водата! Суштината е во тоа што во чашата имам вода. Но, не можам да пијам од водата, доколку немам чаша. Чашата е националната култура. Понекогаш можам да отидам и да се напијам од планинскиот извор, и тоа е најдоброто искуство, но не е возможно од градот да се оди секој ден на изворот. Христијанството, пак, е живата вода на наднационалното единство.

Културата на народот честопати има улога на чаша, само за да можеме да се напиеме од водата. Ова го велам, имајќи предвид дека живееме во епоха во која човекот веќе самиот си ја бира и чашата, т.е. националната припадност, како што мнозина наши сограѓани денес се Американци, а некои, пак, им се вратија на своите бугарски корени. Сосема е јасно дека за човекот е битно да изгради свест дека не смее да си дозволи чашата да владее со него и да доминира врз него, туку да може да ја користи за сопствен, но и на заедницата, развој.

Кој се фаќа само за амбалажата, ќе остане жеден и ќе глуми христијанство, бивајќи причина за мнозина да го замразат христијанството, дури и пред да го запознаат. Кого, пак, го интересира суштината, тој ќе ја згасне жедта.

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2314/david-ninov-hristijanstvoto-i-nacionalizmot