Епископ стобиски Давид: Не ја вадете месечината од бунарот!

%d1%81%d0%bf

Во еден свој говор, актерот Мат Дејмон, помеѓу останатото, вдахновено, отприлика ќе рече: „ако не размислувате и го прифаќате тоа што ви се говори на телевизиските канали, добивате впечаток дека нештата не се толку лоши. Но, доколку за миг се одвоите од сѐ, за да го согледате светот на вистински начин, ќе се згрозите. Граѓанската непослушност не е наш проблем. Наш проблем е граѓанската послушност“. Реченово, недвосмислено упатува на човековото мечтаење за поубава иднина, за своето опкружување и за себе. Наспроти минималистичките становишта, антрополошкиот максимализам без престан стимулира дека колку и да е добро, може да биде и подобро. Но, се разбира, тоа е возможно само со лична, доблесна, херојска согледба и иницијатива на секого од нас. Отсуството на иницијатива веројатно направи народот пред кого некогаш не требаше да се игра, а ниту да се пее и свири, сега да се вовлече како полжав во својата корупка и да го сокрие своето постоење пред светот.

Така, доаѓаме до пословичната личност на Беликов, таа силна метафора за „Човек во футрола“, според расказот на Чехов. Денешните Беликови, кои потонато чекорат по нашите улици, подобно на својот прототип, имаат неодолив стремеж да се обвиваат, да се сместат во футрола, штитејќи се од реалноста, која им предизвикува страв, и воедно, да побегнат од неа преку пофалбите за славното минато. Иднината останува неизвесна, бидејќи мислата за неа, исто така, е сокриена во футрола, та современиот Беликов ги разбира само наредбите од подвластените телевизии, со кои му се диктира или забранува нешто.

Човекот на нашето време ги троши деновите во сивилото на бирократијата, ги изодува своите последни чекори, глодајќи ја фрлената коска во облик на „бесплатен“ автобуски билет, многукратно преплатен со сопствената крв низ годините, и, одново плаќан со глас за партизираната држава. Четврт век несигурност, разорен идентитет, настани после кои, како на ниту едно друго место, само кај нас веднаш се доведува во прашање опстанокот на државата! Четврт век тапкање во место, преживување од ден за ден, четврт век заробена држава без јасна претстава за иднината, се доволно време за денешниот човек да биде човек, чиј живот е украден.

Во погледот на луѓето со украден живот, полека како да се губи дури и копнежот за правда. Сѐ им се сведува на лишување и понижување. Обесправениот и огорчен човек останува во футролата, и за парче леб со салама ја наведнува главата пред дрскоста на оној што му го краде животот. Така започнува хард-рокот на претурање од шупливо во празно под маската на тоа дека нешто важно се збива! Оваа појава многукратно е опишана во нашите богати и заборавени народни умотворби. Во оваа прилика ќе ги потсетам читателите на една од нив.

Среде ноќ Насрадин оџа се симна да нацрпи вода од бунарот и во мигот кога се наведна да ја спушти кофата, го виде отсјајот на месечината во водата. Итроманецот Насрадин веднаш го разбуди соседот и му рече: – „Брзо, месечината падна во бунарот, треба да ја извадиме“! Поспаниот сосед, не согледувајќи го светот на вистински начин, поверува. Двајцата врзаа еден ченгел на крајот од јажето и го фрлија во бунарот. Се мачеше соседот неколку часа да ја фати месечината и на крајот ченгелот се закачи за некој камен. – „О, браво, ја фативме! Сега кураж“, рече Насрадин и почнаа да го влечат јажето со големо напрегање. Така влечејќи, се искина јажето и соседот падна на грб, на земјата, но во истиот миг ја виде месечината на небото. А, Насрадин оџа веднаш се досети и извика со силен глас: – „А! Се измачивме многу, но на крај барем успеавме да ја вратиме месечината повторно на нејзиното место“. Соседот си замина задоволен. Мислата сѐ уште му беше во футрола и не си ја постави познатата дилема на некои современи философи: метафизичка носталгија за пеколот или метафизичка надеж за слободата!?

Кога ќе се случат промените кај нас? Начелата на човековото однесување произлегуваат или од една заеднички прифатлива онтологија или од заеднички прифатлива конвенција. Расудувањето помеѓу веродостојните односи меѓу личностите и нивното отуѓување, меѓу вистината и лагата, тешко дека може да се стекне само со една конвенција. Заедничкото искуство може да ја определи смислата, која му ја даваме на нашето постоење. Промените ќе се случат тогаш кога политичкиот нихилизам и профанизирањето на политиката ќе бидат заменети со нејзината смисла. Промените ќе се случат тогаш кога хедонистичката злоупотреба на конвенциите и конгресите, ќе биде заменета со онтологија.

Копнеж за промени, секогаш ќе постои кај оние кои не дозволуваат животот да им биде украден. Граѓанската непослушност не значи непријателство, туку будност, изострување на критериумите и одбивање да се вкуси, пред внимателно да се провери содржината на понуденото! Не ја вадете месечината од бунарот, извадете ја мислата од футролата!

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2378/ne-ja-vadete-mesecinata-od-bunarot