Епископ стобиски Давид: Читајте пред да размислувате, г. Андов!

(По повод текстовите на Стојан Андов „Полека г. епископе, прво да размислиме, I и II“, во „Слободен печат“ од 7 и 8 февруари 2017 год.)

%d1%81%d0%bf-16-%d1%84%d0%b5%d0%b2-2017

Достојно за пофалба е тоа што познатиот југословенски амбасадор и нашиот прв собраниски спикер, почитуваниот публицист, г. Стојан Андов, отвора дебата во однос на начинот на кој непризнатата МПЦ самопрогласува автокефалија. Конструктивната расправа е точниот придонес за евентуалното решавање на постоечкиот горлив проблем со кој се соочува МПЦ. Притоа од голема помош се и невистините, кои г. Андов, без задна намера, изобилно ги излева низ своите два написи, бидејќи нивната лесна воочливост бива од општа полза за вистинољубивите, во кои, бездруго, го вбројувам и самиот г. Андов.

Прво, јас само презентирав валидна референца на ЦИА, а не изведував заклучоци, како што ми припишува г. Андов. И без споменатата депеша, одамна ми е познато дека тогашниот синод на МПЦ има самопрогласено автокефалија под притисок на КПЈ! Од друга страна, г. Андов пишува: „депешата од ЦИА е исфорсирано барање слаби точки на Тито, за Америка да може да го притисне да прифати членство во НАТО“! Зар ова не е произволен заклучок! Почитуваниот г. Андов сензационалистички разоткрива тајни заговори на ЦИА, кои наводно се кријат зад депешата 50X1-HUM, притоа апсолутизирајќи ја својата слободна интерпретација на нејзината содржина, која, пак, од друга страна, плени со својата јасност и чија смисла е токму да не биде конспиративна во изложеното!

Второ, г. Андов се осврнува и на тоа како сум објаснувал „дека Македонската православна црква е творба на Тито“! Но, тоа е подметнување, имајќи го предвид фактот дека низ мојот текст недвосмислено го тврдам спротивното, то ест дека единствено чинот на самопрогласување автокефалија во 1967 г., е дело на Тито, и дека со тој акт, граѓаните кои се декларираат како верници на МПЦ, до денес остануваат отцепени од богослужбеното и доктринарно единство со православната црква. Според написите на г. Андов, тоа не било дело на Тито, туку на Крсте Црвенковски, со дозвола на Тито! Не по врат, туку по шија! Истовремено, не треба да се занемари и фактот, согласно на кој, во мојот текст правам јасна дистинкција дека зборувам само за граѓаните кои во 1967 г., ѝ припаѓале на МПЦ, додека во написите на г. Андов провејува атмосферата дека тој се обраќа од името на сиот народ, со што постои опасност да бидат навредени атеистите (кои и денес, и тогаш не биле во мал број), муслиманите и бројните други неприпадници на МПЦ! Може ли г. Андов да покаже пусулче со кое целиот македонски народ или, пак, МПЦ, го овластиле да ги застапува, или таквото негово држење претставува рецидив од времето на југословенскиот еднопартизам олицетворен во комунизмот, кој, всушност, генерацијата на г. Андов никогаш и не го оствари, бидејќи во нивниот комунизам сите беа еднакви, но некои беа ептен поеднакви од другите!

Трето, г. Андов вели дека иницијативата за создавање на МПЦ е покрената од „народот и свештенството“! Со тоа што ги отфрла епископите, г. Андов сведочи дека не чул за епископалниот карактер на православната црква и за вселенските собори на епископи, како највисока инстанца на одлучување во црквата. На првиот црковно-народен собор за обнова на МПЦ, на кој тој алудира, а кој се одржал, не во храм, туку во Офицерскиот дом (sic!), во Скопје, во 1945 г., учествувале 300 делегати, а ниту еден епископ! Резолуцијата за формирање на МПЦ била донесена пред фотографијата на другарот Тито! Верно, г. Андов покажува доблест кога вели: „не ги познавам премногу канонските услови за стекнување автокефалност“! Следствено, целосно е неумесна и споредбата на МПЦ со МАНУ! Едно, пак, е сигурно – автокефалија не се стекнува со народна иницијатива во Офицерски дом, ниту со нејзино самопрогласување! Денес ни во НАТО не се влегува со такви иницијативи, а камоли во црквата!

Оттука, подобро е да се охрабри синодот на МПЦ да се води според црковните начела и реално да го добие тоа што на нашиот народ му припаѓа, отколку непромислено да се пребива во одбрана на црковниот пуч од 1967 г., кој ниту една црква не го признава, и никогаш нема да го признае! Андов, иако недвосмислено нагласува дека е неупатен, вели: „ниту патријархот, ниту митрополитите, никој од СПЦ досега не го спомнал терминот македонски народ“! Сепак, ова се нови времиња и треба да се ослободиме од менталитетот, кој го заговара претходната реченица! Патријархот српски Павле, пак, во писмото (бр. 1859, 20.06.2002 г.), упатено до синодот на МПЦ и нашиот народ, дословно пишува: „ние браќа, како црква, не постапуваме од позиција на национална исклучивост и немаме никакви, ни национални, ни територијални претензии во однос на вас. Ја почитуваме националната определеност и националниот идентитет на македонскиот народ и на секој народ во Р. Македонија“! Македонците ги спомнува и митрополитот црногорски Амфилохиј, во сега веќе антологиското интервју со Бранко Героски, кога истакна дека: „од епископите на МПЦ никој не бара да се вратат во српската, грчката, бугарската црква, туку само да се вратат од расколот во канонска состојба, за да може црквата потоа да предложи канонски пат за целосна независност на МПЦ“ („Слободен печат“, 26.02.2014 г.)! Ова е афирмативниот став на СПЦ, кој кај нас упорно се премолчува! На големиот собор на епископи на Крит, 2016 г., беше утврден начинот на добивање автономија на сеправославно ниво! Својата автономија ПОА ја доби токму на начин како што предвидува споменатиот собор! Почетокот за МПЦ ќе биде прифаќањето на таа автономија, на преговорите кои претстојат! На домашната јавност треба да ѝ биде недвосмислено, и еднаш за секогаш, јасно, дека СПЦ не може да додели автокефалија! Ја гледаме на дело нејзината решеност да помогне, но автокефалијата е исклучиво прашање на одлука на сеправославен собор на епископи.

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2407/citajte-pred-da-razmisluvate-g-andov