Епископ стобиски Давид: Иљачот е во ученоста!

%d1%81%d0%bf-23-%d1%84%d0%b5%d0%b2-2017

Доаѓаме до едноставното и полнозначно прашање, природно и потребно за поставување: што е тоа што нѐ обединува како нација?

Дали нѐ обединува јазикот? Не, бидејќи нашата земја ја има таа привилегија да се ползува со повеќе јазици и на нејзините граѓани да се исполнува мудрата поговорка: колку јазици знаеш, толку луѓе вредиш! Дали нѐ обединува етничката припадност? Дефинитивно не, бидејќи покрај бројните малцинства, и мнозинското население има различна етничка припадност! Едни се сметаат за Словени, а други имаат чисти антички корени, илјадници години наназад! Имаат ли моќ да обединат мисловно инсуфициентните споредни ликови, кои со дневнополитчки мерки ја мерат вонвременската поезија? Не, тие самите се во раскол со себе! Дали нѐ обединуваат местата за паркирање автомобили, како на пример оние со необични имиња: катна гаража „Тодор Александров“? Ниту Србите не ги обединува катната гаража „Дража Михајловиќ“, ниту Хрватите гаражата „Фрањо Туѓман“, ниту Бугарите гаражата „Цар Фердинанд“! Едноставно, замислете си, во тие држави не постојат гаражи со такви имиња! Дали нѐ обединуваат сонцето и спортот? Некои велат дека тоа единство се темели на лажна утеха и минлив сентиментализам! Дали нѐ обединува тоа што Романската православна црква, при неодамнешните протести во Романија, гласно и недвосмислено зазеде став против корупцијата, а во МПЦ се сѐ уште обвиени во молк за СЈО? Изгледа ни тоа не нѐ обединува! Дали нѐ обединуваат стиховите на „Токинг хедс“: „Ние сме на патот кон никаде, дојдете внатре“? Сигурно не, оти ако само уште еднаш тргнеме по беспаќе, безбојна ќе ни стане егзистенцијата!

Значи, се наѕираат мноштво произволни и противречни пристапи, та неизбежен е впечатокот дека проблемот е врзан в јазол. За да се случи исход, неопходно е сопостоење на концептите, но тоа никогаш нема да се збидне! Следствено, уште еднаш се наоѓаме во тешки околности, а не станува збор за воени судири, ниту за природни непогоди!

Тогаш, за каква болка станува збор? Доколку дејствително сакаме да ја дијагностицираме, се чини, кристално бистро ќе согледаме дека после 25 години самостојност, уште сме заробени во просторот на непознанието, на необразованоста! Згора на сѐ, необразованоста денес ја врамуваат во кич рамките на политикантскиот невкус.

Оттука, копнежот на луѓето треба да биде насочен кон остварување на основната човекова потреба за образование, за вистината која ослободува. Потрагата по ученоста би можела да биде примарна мотивирачка сила кај човекот, согласно изреката: дај му на човека риба, ќе го нахраниш еднаш, научи го да лови риби, ќе биде нахранет цел живот. Прашањето за автентичното образование е основниот доказ за човештината. Како што вели Расел: луѓето се раѓаат необразовани, а не безумни, а стануваат безумни со лошото образование. Неукоста и полуобразованоста нѐ доведоа до ова дереџе во кое сме пропаднати. Фалсификатите на сите партиски обоени образованија под државна капа, се смрдливо мочуриште кое тиранизира и одделува од цивилизациските текови. Само потрагата по образование кое кореспондира со вистината, може да претставува двигател, кој ќе го насочи кон добро нашето постоење!

Значи, тоа што може да нѐ ослободи и обедини е вистинското, а не лажното, образование! На вистинското образование треба да му пристапиме со философска одлучност, за која постојат низа илустрации, а во продолжение ќе наведам само една, што ја имам сретнато кај св. Исак Сирин. Некој философ си поставил закон да го одржи молчанието, низ текот на повеќе години. Кога царот чул за тоа, решил да го подложи на искушение. Наредил да му го донесат, но кога видел дека философот одлучно молчи пред неговите прашања, заповедал да го погубат заради непочитување на царскиот престол. Философот не се уплашил и во тишина се подготвувал за смртта. Царот им рекол на џелатите: „Ако се уплаши од мечот и го наруши својот закон, погубете го; а, ако си го запази неговиот закон, вратете ми го жив“. Философот, пак, размислувал вака: „Подобро е да умрам во еден миг и да го сочувам својот закон, заради кој, толку време правев подвиг, отколку да ме победи стравот од смртта, да ѝ се потсмеам на својата мудрост и да се осрамотам себе си, дека под принуда го разврзав молчењето за да ја избегнам смртта“. Така размислувајќи, без немир се испружил за да биде погубен. Го известија царот, кој се восхитил и го ослободил со големи почести.

Ако образованието, кое не лаже и не тиранизира со идентитетскиот, политикантскиот, научниот, идеолошкиот и било каков друг инженеринг, значи ако автентичното образование е кадарно да нѐ обедини, да постоиме во вистината и без фрустрации, тогаш должни сме да го оствариме со философска посветеност и копнеж, без страв и без компромис. Сѐ друго е подобро од овој потсмев и срамотење на кои сме изложени заради големата штета направена од недоученоста и недоучените. И големиот Григор Прличев ќе рече во својот говор на годишниот испит на 12 јуни 1866 г., а како денес да вели: „сега, на оваа штета кој му е иљачот? Иљачот прф шчо лекфит сфекоа штета откорен, је учението. Сфекој милет, колку појке учение имат, толку подовлетлиа је. Дури да се исплодит учението тука, от нас никој жиф не ке останит, да го видит тоа добро“ (Собрани текстови, Скопје, 1974).

Заветот на нашето време нека да биде, барем некој да остане жив, и да ја види таа обединувачка доблест на исплоденото учение!

– – –

http://www.slobodenpecat.mk/vesti/ilachot-e-vo-uchenosta/